Како „добронамерните“ интервенции ја уништија Либија

305
Ситуацијата во Либија и во Сирија денес е многу полоша отколку што беше пред странските интервенции, вели Карпентер

Изреката дека патот до пеколот е поплочен со добри намери е особено точна за странските воени интервенции. Време е архитектите на ваквите дебакли да понесат одговорност, смета Тед Карпентер, аналитичар од институтот „Като“

Хуманитарните интервенционисти нудат различни изговори за да избегнат одговорност кога нивните воени операции ќе тргнат на лошо. Еден чест изговор е дека неуспехот е затоа што американската и западната посветеност кон мисијата била неконзистентна или недоволно стабилна. Друго популарно објаснување за разочарувачките резултати е дека иницијативата ќе била успешна ако немало малигно надворешно мешање. Ова образложение стана омилено за архитектите на сирискиот дебакл, кои тврдат дека интервенцијата на Русија во почетокот на 2015 година го спаси злобниот режим на Башар ал Асад.

Кога таквите изговори не се достапни, бранителите на неуспешната хуманитарна интервенција инсистираат дека нивните намери биле добри и дека треба да им се суди според тој стандард. Избегнувањето на одговорноста заради добрите намери изгледа е најналудничаво. Се чинеше дека бившиот претседател на САД, Барак Обама, ги препозна овие недостатоци кога првпат се запозна со Саманта Пауер, застапничката на доктрината за „одговорност за заштита“ и страсна поборничка за учество на САД во мултилатерални воени интервенции за хуманитарни цели. Обама наводно ја пофалил книгата на Пауер за геноцидот во Руанда, но истовремено посочил оти би било злонамерно да се суди за нечии можности преку нивните намери, наместо да се направи напор да се предвидат и да се оценат можните последици.

Обама беше во право, но не ги послуша сопствените аргументи. Не само што ја назначи Пауер на низа високи позиции кога стана претседател (што кулминираше со нејзино назначување за амбасадорка во Обединетите нации), туку тој почна и неколку катастрофални интервенции, особено во Либија и Сирија. Ненамерните негативни резултати од тие војни продолжуваат да се чувствуваат речиси една деценија по првичните акции на САД.

Даниел Ларисон, уредник во „Американ конзерватив“ дава провокативна анализа, која нуди аргументи зошто хуманитарните интервенционисти се фокусираат толку силно на нивните наводни добри намери. Според него, интервенционистите ретко ги предвидуваат и анализираат потенцијалните последици, зашто ако го сторат тоа, многу потешко ќе ги добијат интервенциите што ги посакуваат. Приврзаниците на воени интервенции рутинирано ги минимизираат ризиците и штетите од војните со цел да се намали отпорот кон нив, но „хуманитарните“ интервенционисти имаат уште еден мотив повеќе да ги минимизираат негативните последици и по можност да ги игнорираат последиците во целост. Ако „хуманитарната“ интервенција создава полоши услови отколку што постоеле пред неа, таа треба да се прогласи за неуспешна. Затоа „хуманитарните“ интервенционисти одат толку далеку и замижуваат пред деструктивните ефекти од нивното мешање.

На крајот на краиштата, тие се сметаат за бранители на легитимитетот на хуманитарната воена интервенција и на одговорноста за заштита, со што се задржува можноста за идни интервенции. Да се признае дека некоја нивна интервенција не успеала или ги влошила условите, значи да се дискредитира целиот концепт.

Но постои малку сомнеж дека ситуациите и во Либија и во Сирија сега се значително полоши отколку што беа пред САД и нивните сојузници на НАТО да почнат да интервенираат. Соборувањето на либискиот диктатор Моамер Гадафи предизвика тотален хаос, кој сега кулминира во крвави борби меѓу две спротивставени автократски влади. Авторот на еден нов извештај на ОН посочува дека влијанието врз цивилите на постојаните внатрешни конфликти во изминатите девет години е „непроценливо“, како и дека напорите на Вашингтон да го собори Асад не само што не успеаја туку и го помогнаа подемот на Исламска држава. Во Сирија и Либија неодамна избија тензии меѓу Турција и Русија, со што се зголемија шансите од опасен судир меѓу тие две најголеми сили, особено во Сирија.

Во обете држави, граѓанските војни раселија огромен број цивили, а брановите бегалци предизвикаа сериозни нарушувања и социјални тензии во соседните земји, вклучувајќи ги и европските сојузници на Вашингтон. Овие епизоди покажуваат зошто политиките мора да се проценат според нивните последици, а не според нивните намери. Изреката дека патот до пеколот е поплочен со добри намери е особено точна за странските воени интервенции. Време е архитектите на ваквите дебакли да понесат одговорност за своите ужаси.