Германија и САД имаат сè поладни односи

65

Еден од кандидатите за наследник на Меркел предупреди дека евентуалната победа на Трамп на изборите ќе биде погубна за трансатлантските односи. Фактот дека висок германски функционер јавно ја критикува актуелната администрација само покажува колку се лоши односите меѓу Германија и САД, во момент кога само една четвртина од Германците имаат позитивно мислење за Американците

Висок функционер на германските владејачки конзервативци упати остро предупредување за иднината на трансатлантските врски, велејќи дека реизборот на Доналд Трамп за претседател на САД може да ја загрози алијансата и да им ги отворат вратите на Кина и на другите сили да се обидат да го пополнат вакуумот.
Норберт Ретген, претседател на комисијата за надворешни работи на Бундестагот и еден од тројцата кандидати во трката за преземање на раководството на умерено десничарските демохристијани (ЦДУ), во интервју за „Политико“ изјави дека соработката меѓу САД и Европа ќе биде сериозно загрозена доколку Трамп победи на изборите на 3 ноември.
– Сегашната американска администрација е водена од логика на казнување секогаш кога другите не се придржуваат до барањата. Не е можно да се гради партнерство врз основа на тоа – рече Ретген.
Членовите на германските владејачки партии обично се обидуваат да избегнат заземање страна во американските кампањи. Искрената критика на Ретген, само неколку недели пред изборите во САД, ја рефлектира нервозата во Берлин во врска со изгледите за втор мандат на Трамп и длабочината на фрустрацијата во однос на неговиот прв мандат. Тој посочи дека искуството на Германија со администрацијата на Трамп досега оставило малку надеж за изнаоѓање заеднички јазик доколку милијардерот биде реизбран на функцијата.

– Капацитетот на САД за меѓународно лидерство понатаму ќе еродира. Земја што е внатрешно поделена и полна со штети во одреден момент ќе ја изгуби можноста да ги обликува надворешните работи, така што ќе гледаме како американското повлекување од меѓународната политика продолжува, создавајќи вакуум што другите со задоволство ќе го пополнат – вели Ретген.
Критиките се дотолку повеќе забележливи имајќи го предвид големото потпирање на Германија кон САД, како за нејзината безбедност, така и од економски аспект. САД се најголемиот пазар за извоз на Германија и клучна земја за голем број големи германски корпорации, вклучувајќи ги производителите и на автомобили, како што се БМВ и „Дајмлер“, кој е сопственик на „мерцедес“.
Фактот што водечки германски конзервативец зборува толку отворено за администрацијата само покажува колку нефункционални станаа германско-американските односи. Трамп редовно ја критикува Германија, откако ја презеде функцијата, напаѓајќи ја за скромните трошоци за одбрана, па сѐ до нејзините политики за бегалците. Обидите на канцеларката Ангела Меркел да најде заеднички јазик во голема мера паднаа во вода и односите достигнаа ново ниско ниво во јули со одлуката на Трамп да повлече околу 12.000 американски војници стационирани во земјата.

Нападите на Трамп предизвикаа пад во германското мислење за САД. Само околу една четвртина од Германците имаат „поволно“ мислење за САД, што е далеку помалку од речиси 60 отсто во 2016 година, според студијата објавена минатиот месец од Центарот за истражување „Пју“.
Ретген (55) е носител на стандардите за трансатлантскиот сојуз со децении и е познато лице на Капитол Хил, особено кај републиканците, кои долго време се природни сојузници на германските конзервативци. Покрај Меркел и претседателот на Бундестагот, Волфганг Шојбле, Ретген е несомнено најпознат и најценет германски конзервативец надвор од Германија.
Иако Ретген не е кандидат со најголеми шанси за победа во трката за лидерската позиција во ЦДУ, неговата кандидатура доаѓа во момент на сериозни меѓународни кризи, како што е политичкиот пресврт во Белорусија, што му овозможи да ги покаже своите надворешнополитички вештини. Освојувањето на функцијата ЦДУ би го направило Ретген водечки кандидат за наследник на Меркел по изборите следната година, кога таа рече дека ќе се повлече.
Додека предвидува мрачна иднина за трансатлантскиот сојуз ако победи Трамп, Ретген смета дека победата на Џо Бајден би претставувала можност за нов почеток.

– Доколку победи Џо Бајден, би очекувал неговата влада да се врати на партнерството засновано врз рационално размислување и соработка – вели Ретген за време на интервјуто во неговата канцеларија во Бундестагот.
Тој посочува дека има добри односи со претседателскиот кандидат на демократите уште од времето кога беше сенатор.
– Новата американска администрација ќе разбере дека целта не треба да биде наметнување на американските позиции врз Германците и Европејците, туку да се најде нова поделба на трудот. Двете страни треба да бидат активни – вели тој.
Според него, една област на фокус е Кина. Додека процената на администрацијата на Трамп за Кина како долгорочна системска закана се претвори во консензус меѓу двете најголеми партии во Вашингтон, тоа не е случај во Европа.
Ретген изрази оптимизам дека трансатлантската кинеска стратегија што ја избегнуваше администрацијата на Трамп би можела да стане реалност во мандат на Бајден. Тој додаде дека е убеден дека Германија наскоро ќе донесе одлука како да се справи со кинескиот гигант за телекомуникациска опрема „Хуавеи“, кој нуди изградба на безжични мрежи од следната генерација во Германија. Додека САД и Велика Британија одлучија да ја забранат опремата на компанијата заради безбедносни проблеми, Германија продолжува да дебатира за ова прашање.
Иако престана да ја одобрува целосната забрана за „Хуавеи“ што ја наметна Вашингтон, Ретген постојано предупредуваше на опасностите од прифаќањето на кинеската технологија, нагласувајќи дека Европа не смее да си дозволи „да стане зависна и потоа подложна на уцена“.

Тоа е гледиште што постепено се зацврсти кај политичкиот естаблишмент во Германија во последните месеци и ова прашање наскоро може да се најде на агенда.
Во текот на изминатата година се вклучивме во интензивна дебата во Германија, чиј резултат беше дека не сме донеле никакви погрешни одлуки. Сега би било пожелно да се донесе правилна одлука што е можно поскоро, одлука водена од целта за проширување на германскиот и европскиот дигитален суверенитет. Јас сум оптимист – вели Ретген.