Во Венецуела е извршен пуч

979
Гваидо на протест се самопрогласи за претседател на Венецуела

Хуан Гваидо се самопрогласи за претседател на Венецуела, а САД и десничарските влади во Јужна Америка побрзаа да го поддржат и сега бараат изговори за интервенција

Оскар Гвардиола-Ривера

Фотографијата го прикажува како положува заклетва за „привремен“ претседател на Венецуела. Неговата десна рака е крената кон небото, како што му прилега на оној што без народен мандат се прогласува себеси за владетел во името на Бога, како кралевите во минатото. Само што тоа не е царство, туку е револуционерна република изродена од народна војна. Оттогаш таа го штити своето право на самоопределување со помош на народната моќ и на постојаната антиколонијална борба.

Во 19 век, борбата ја предводеше Симон Боливар, Ослободителот. Во бунтот против тогашниот поредок, Боливар се спротивстави на шпанската империја во сојуз со тогаш слободниот Хаити. Боливар веднаш си создаде непријатели меѓу робовладетелите во новоформираните Соединети Американски Држави и во преостанатиот дел од Америките по прифаќањето на универзалните права за повикот на среќа без хипокризија. Тоа ветување беше остварено само делумно.

Во почетокот на 21 век, Хуго Чавез се повика на ветувањето на Боливар и кога сиромашните, црнците и староседелците, народот на Венецуела, го враќаше на власт одново и одново, особено по неуспешниот државен удар во 2002 година поддржан од САД, тој го радикализира својот став против моќната империја за која Боливар само шпекулираше – Америка. Повторно ветувањето беше реализирано само делумно.

Некои би можеле да речат дека револуцијата беше предадена или блокирана за време на владеењето на неговиот наследник Николас Мадуро. Никој не може да ги негира проблемите на Венецуела. Извор на магијата во 1970-тите, нафтата, се покажа како извор на пропаст за земјата. Чавез не ја обезбеди независноста на Венецуела од нафтата и од нејзината геополитика.

Кризата се наѕираше кога цените на глобалните пазари паѓаа, производството стагнираше, вредноста на валутата се намали и, под водство на Мадуро, зависноста од увозот и од малопродажните монополи предизвикаа недостиг од основни намирници, што многумина ги повреди. Одговорноста лежи и во владата и во индустријалистичката десничарска опозиција. Но будалесто е да се верува дека актуелната опозиција, поттикната од спектаклот на самопрогласување на Гваидо, дејствува од искрена загриженост за сиромашните, црнците и за староседелците, кои стекнаа моќ во годините на Боливарската револуција.

И тука настапува мегаломанскиот, непредвидлив лажливец Доналд Трамп. Тој го критикуваше интервенционизмот на претходните администрации на САД, кои го мразеа Чавез и се обидуваа да го вратат влијанието во регионот. Трамп вети дека ќе стави крај на сите такви авантури. Но потпретседателот на САД, Мајк Пенс, го поздрави самопрогласувањето за претседател на Гваидо, посочувајќи дека иако Трамп не сакал да интервенира на други места, тој отсекогаш имал „многу поинаков поглед кон нашата хемисфера“. Тоа е експлицитно повикување на доктрината на Монро, според која САД го сметаат за своја одговорност интервенирањето во Северна и во Јужна Америка, бидејќи ги сметаат за свој двор.

Трамп веднаш го призна Гваидо како привремен претседател на Венецуела, а неговиот пример брзо го следеше цела група претседатели на Латинска Америка, сите бели лидери што го предводат новиот реакционерски бран во регионот: Бразилецот Жаир Болсонаро, Аргентинецот Маурисио Макри, Колумбиецот Иван Дуке и Чилеанецот Себастијан Пињера. Тие самопрогласени спасители на демократијата и на хуманоста се всушност лажговци. Облечени во облеките на ослободителите од минатото (исто како што Гваидо се послужи со наследството на Чавез и на Боливар, држејќи Устав со фотографија од Боливар на корицата), тие со задоволство ќе ги поддржат сите понатамошни американски санкции, паравоени сили кои ќе ја обучуваат опозицијата на Венецуела со тактики за мачење што раселија седум милиони луѓе во Колумбија или со користење на правниот систем како воено средство во панамериканските институции, како што се случи со Луис Инасио Лула да Силва и со Дилма Русеф во Бразил, Мануел Зелаја во Хондурас и Фернандо Луго во Парагвај.

Очекувајте таквите мерки да имаат ограничен рок на траење. Вашингтон го знае тоа. Тогаш Трамп и другите ќе бидат подготвени да преземат поагресивен пристап. Не случајно, тоа исто така може да го искористи Трамп како што се наближуваат изборите или ако заглави со истраги и со импичмент. Војната го одвлекува вниманието и прави пари. Само ова нема да биде регионален грабеж. Кина и Русија, кои имаат клучни интереси во Венецуела и на други места во регионот, ги следеа Боливија, Мексико, Уругвај и Куба, и на спектаклот на Гваидо му го дадоа вистинско име: државен удар. Русија посочи дека ќе застане во одбрана на нејзиниот сојузник. Во Венецуела, многу од оние што го критикуваат Мадуро, но најмногу стравуваат од враќањето на десничарската опозиција на власт, најверојатно нема да ги поздрават преобратените хуманисти. За разлика од поддржувачите на Салвадор Аљенде во Чиле во 1973 година, тие се вооружени. Вашингтон го чека развојот на настаните на теренот додека нагласува дека „сите опции се на маса“. Тоа е еуфемизам за надежта дека Мадуро силно ќе тргне против опозицијата и со тоа ќе обезбеди морално оправдување за воена интервенција, што сигурно ќе биде одобрена од Организацијата на американските држави.

Мадуро може да се критикува за многу работи: за задоцнети или за погрешни економски мерки, за корупција, за концентрирање на моќта. Но овие критики не можат да го прикријат државниот удар или да ја оправдаат интервенцијата што, ако и кога ќе дојде, ќе влијае врз сите. Трамп се потпира на поддршката на Колумбиецот Иван Дуке, кој беше назначен од Алваро Урибе, и на бразилските неофашисти, кои би можеле да испратат и свои сили ако е потребно Неофашист раководи со една од најголемите економии на двата американски континенти. Нарцисоиден лажго, кој се плаши да биде втеран во ќош, раководи со друга економска сила. Тие претставуваат токсична комбинација. Војна во име на човештвото може да ги доведе во искушение, како што се случуваше со многу полиберални лидери од нив во минатото. Но овој пат влогот е поголем. Државниот удар во Венецуела е закана за целиот свет.

Авторот е професор на Универзитетот во Лондон

Мадуро засега ја има поддршката од армијата