Весникот што може да ѝ помогне на Кина да се ребрендира

52

„Саут чајна морнинг пост“ (СЧМП) известува од Хонгконг веќе 115 години. Интернет-гигантот „Алибаба“ го купи весникот во 2015 година, во обид да го претвори во светски медиумски бренд

Интернет-гигантот „Алибаба“ купи весник при крајот на 2015 година и тоа не се залудно потрошени пари. Весникот „Саут чајна морнинг пост“ (СЧМП), основан во 1903 година, е најстариот и најважен дневен весник на англиски јазик во поранешната британска колонија Хонгконг. Традиционално, тој беше бастион на слободниот печат во Кина, која инаку не е слободна. Весникот го читаат дипломати и банкари и важи за една институција меѓу странците што живеат во Хонгконг.

Се тврди дека зад купопродажбата на весникот, всушност, стои официјален Пекинг, кој сака да ги задуши критиките, но и да го подобри глобалниот углед

Но, како и многу други весници, и тој се бореше со намалувањето на тиражот и приходите во изминатите неколку години, сè додека не се појави „Алибаба“ и го откупи од малезискиот претприемач Роберт Куок, за 266 милиони долари. Оттогаш многумина се прашуваат зошто „Алибаба“ одлучи да го купи весникот. Зошто една компанија што годишно заработува 32 милијарди евра од е-трговија и од финансиски услуги се заинтересира за еден локален весник од Хонгконг, со скромен тираж од 100.000 примероци?

Некои претпоставуваат дека основачот на „Алибаба“, Џек Ма, можеби сака да се натпреварува со друг интернет-милијардер, основачот и извршен директор на „Амазон“, Џеф Безос, кој е и сопственик на весникот „Вашингтон пост“. Други шпекулираат дека кинеската влада стои зад договорот. Тие тврдат дека Пекинг сака да го скроти критичкиот глас во бунтовниот Хонгконг. Третото толкување е дека СЧМП е дел од офанзивата на кинеските пиар-служби. Државата, која долго време беше фокусирана на домашната сцена, сега сè повеќе гледа надвор од своите граници. Пекинг почнува да инвестира надвор од странските компании и пристаништа. Сега сака добро да се претстави надвор. Кина сака да им се допадне на другите и да биде подобро сфатена.

Како и да е, преориентацијата на СЧМП е лекција како од учебник за судирот меѓу старото и новото. „Алибаба“ сака да го претвори весникот во модел на дигитална компанија што покажува како може да биде успешна трансформацијата на медиумите.
Редакцијата на СЧМП дозна за продажбата прво од гласините преку другите медиуми, по што завладеа атмосфера на страв и на олеснување. Вработените беа загрижени, бидејќи нивниот весник првпат ќе биде во сопственост на кинеска компанија. Покрај сите тешкотии, тие беа горди на СЧМП, познат по тоа што третира прашања што инаку се табу-тема во преостанатиот дел на Кина, како што се масакрот на плоштадот „Тјананмен“ во 1989 година, смртта на дисидентот Лиу Сјаобо и Тајван.

Редакцијата стравуваше дека СЧМП ќе го дочека истата судбина како Хонгконг. Откако беше вратена под власта на Кина во 1997 година, метрополата доби голем број посебни права. Интернет не е цензуриран, граѓаните можат да протестираат, а медиумите можат слободно да известуваат. Но повеќето од овие слободи почнаа да се рушат. По протестите во 2014 година, Пекинг почна да го зголемува своето влијание врз Хонгконг.

Директорот Лиу вели дека неговата мисија е да го претвори весникот во бренд што ќе ја претставува Кина во светот

Но на редакцијата исто така ѝ олесни кога дозна дека „Алибаба“ ќе го преземе весникот, затоа што сите тамошни вработени знаеја дека нештата нема да се одвиваат во иста насока.

Голем број вработени дадоа отказ за подобро платена работа, со тоа што значително се намали редакцијата, а преостанатите беа затрупани со работа. Некои ги опишаа канцелариите во редакцијата како мрачна „дупка“. Две години подоцна барем едно нешто е познато, а тоа е дека нема потреба повеќе за загриженост за финансиската состојба на СЧМП. Весникот сега е полн со пари, откако премина во рацете на „Алибаба“.

Гери Лиу е извршен директор на СЧМП од 2017 година. Неговата стаклена канцеларија потсетува на остров среде морето од вести. СЧМП се пресели на нова локација во февруари. Новите простории имаат океански систем на работа, поврзан со дрвени скалила. Има ТВ-студио, студио за поткаст и кафе-бар што личи на „Старбакс“. Весникот вработи над 300 лица од почетокот на 2017 година, од кои повеќето се новинари, но исто така има и десетици компјутерски специјалисти.

Лиу, кој е роден во Калифорнија и претходно бил директор во „Спотифај“, вели дека неговата задача е да го претвори СЧМП во светски медиумски бренд, платформа што ќе ја претставува Кина во светот, што всушност е мисијата што му ја додели „Алибаба“. Лиу не гледа проблем во тоа што граѓаните на континентална Кина не можат легално да го читаат порталот на весникот затоа што цензорите го блокираат. Сепак, како што тој истакнува, многу повеќе луѓе живеат надвор во Кина отколку во неа. Ова е насоката во која сега размислува редакцијата на СЧМП.

Со оглед на тешкотиите од финансирањето на новинарството на Интернет само преку рекламите, сè повеќе новински портали наплаќаат за нивните статии. Но наместо тоа, „Алибаба“ го отфрли тој тренд.

– Од 2017 година, четирипати се зголеми глобалната читаност на порталот – вели Лиу.
Неговиот голем пазар сега се САД, од каде што потекнува секој трети читател. Само еден од пет читатели живее во Хонгконг. СЧМП сè уште не е профитабилен, но не мора ни да биде, со оглед на тоа што „Алибаба“ купи уште нешто за весникот, а тоа е време. Директорите на гигантот во е-трговијата велат дека компанијата им дава рок на новите платформи до седум години додека тие да почнат да остваруваат профит. Дотогаш, таа сака весникот да се насочи на развивање нови производи и приходни модели.

Кратко по продажбата, „Алибаба“ со писмо ги увери читателите дека весникот барал да се обезбеди „објективно, точно и фер“ новинарство. Во писмото се наведува дека уредничките одлуки ќе се донесуваат во рамките на редакциските колегиуми, а не од страна на надзорниот одбор. Исто така се тврди дека Џек Ма нема да се меша во уредувачката политика на СЧМП. Досега, Ма само еднаш ја посети редакцијата.
Сепак, останува нејасно каква ќе биде иднината за СЧМП. Весникот сè уште е екстремно критички настроен за прашања што кинеските државни медиуми ги избегнуваат. Кога вдовицата на нобеловецот Лиу Сјаобо доби дозвола да излезе од државата за да отпатува во Германија во почетокот на јули, весникот испрати неколку дописници во Берлин. Од друга страна, по преземањето, коментарите на директорите на „Алибаба“ беа шокантно различни. На пример, извршниот потпретседател Џозеф Цаи се пожали дека западните медиумски извештаи за Кина се пристрасни и неизбалансирани затоа што тие не се согласуваат со комунизмот. Тој изјави дека СЧМП треба да известува за нештата „такви какви што се“.

Многу набљудувачи во Хонгконг велат дека весникот се променил откако „Алибаба“ му ја додели таа новинарска задача на СЧМП. Тие велат дека во него сега се отстапува повеќе простор за провладини статии и понекогаш ги прекршува лично наметнатите принципи на транспарентност и независност за горливите прашања.

Таков пример беше во случајот со Ширли Јам. Таа веќе 11 години беше една од најпрепознатливите колумнистки на весникот, која секоја недела пишуваше за бизнис-сферата. Таква интрига беше тема на нејзината колумна објавена на 18 јули 2017 година, во која таа ги наведе врските меѓу ќерката на соработник на претседателот Си Џинпинг и еден инвеститор. Приказната беше сложена, но имаше јасна порака, а тоа е дека висок партиски функционер можеби тајно го пренел својот капитал во Хонгконг. СЧМП ја објави статијата во печатеното издание и на порталот додека одеднаш не исчезна прекуноќ од Интернет. Статијата беше заменета со изјава од весникот во која се тврдеше дека колумната на Јам не ги задоволила стандардите за објавување и содржела „повеќе недоверливи алудирања“.

Ако го прашате главниот и одговорен уредник Чоу Чанг-јан за можните обиди за мешање на Кина, ќе добиете неверојатен одговор. Весникот има одлични односи со разни влади, па, така, Чоу вели дека „ако тие сметаат дека биле лошо претставени, се јавуваат и бараат состанок“. Тој додава дека само од Пекинг не добиле повик и посакува нештата да се поинакви.

Владата на Кина е загрижена за угледот на државата. Таа претрпе големи штети, и тоа не само откако Доналд Трамп ѝ објави трговска војна. Токму затоа сега Пекинг вложува милијарди во државно управуваниот медиумски апарат, кој треба да ја пренесе приказната за кинеското чудо пред странската публика. Тој сака да има значаен удел во дебатата дали светот треба да го почитува или да се плаши од подемот на Кина.

Иако СЧМП е приватна компанија, сепак за нејзините сопственици ќе биде подобро ако светот има подобар став за Кина. „Алибаба“ во моментов учествува со лавовски дел од своите приходи во Кина. Но компанијата би сакала во иднина да ги освои странските пазари и да стане светски играч. Најверодостојното објаснување е дека чекорите на „Алибаба“ се комбинација од патриотизам и личен интерес кога го презеде весникот. Опишувајќи ја идеалната врска меѓу компаниите и Владата, Џек Ма меѓу редови посочи дека може да има флерт, ама не и брак.