Борбата на Венецуела против хиперинфлацијата

48
Кокошка од 2,4 килограми чини 14,6 милиони боливари во Венецуела, односно околу 2,2 долари

Дали пакетот со итни мерки на претседателот Николас Мадуро за решавање на проблемот со високата инфлација е однапред осуден на пропаст?

Лери Елиот

Државите што се борат со инфлациски проблеми спаѓаат во три категории: првите имаат нагло зголемување на животните трошоци, вторите се борат со хиперинфлација, а во третите нештата се толку влошени што состојбата се споредува со онаа на Германија од 1923 година. Со тоа што ММФ предвиде дека инфлацијата ќе достигне 1.000.000 отсто до крајот на годината, Венецуела спаѓа во третата категорија држави.
Но не беше секогаш така. Венецуела располага со најголемите нафтени резерви во светот и може да се пофали дека е една од најбогатите држави во Латинска Америка. Нивото на сиромаштија беше повеќе од двојно намалено под власта на претходниот претседател Хуго Чавез и имаше огромни јавни инвестиции во здравството и во образованието.

Сепак, трошењето продолжи дури и кога нафтените приходи почнаа да згаснуваат, а Владата во Каракас почна да печати пари за да ги покрие огромните буџетски дефицити. Престанаа инвестициите во нафтената индустрија што доведе до намалување на производството. Не помогнаа ниту финансиските санкции наметнати од страна на САД.

Резултатот е што економијата на Венецуела се намали за една третина за пет години до 2017 година, што е уште полош резултат од Грција и наедно има највисока инфлациска стапка во светот. Мерките за спречување на кризата ги најави претседателот на државата Николас Мадуро, кој неодамна објави кризни мерки и тие за неколку дена стапија во сила. Шансите за успех на пакетот со итни мерки не изгледаат добри. Историјата вели дека успешните обиди да се спречи високата инфлацијата вклучуваат четири клучни елементи, а Мадуро има само еден или во најдобар случај еден и пол од нив.

Прво, најважно е дека не треба да се смета валутата за безвредна. Мадуро скрати пет нули од банкнотите, така што нема да има потреба, како што беше во случајот во Вајмарска Германија, граѓаните да туркаат колички со готовина во продавниците.
Второ, ќе помогне ако јавноста има доверба во новата валута. Ова може да се направи на повеќе начини и тоа ако се врзе со доларот или со добивање финансиска помош од ММФ. Овие две опции се анатема за Мадуро, кој го врза новиот боливар со новата криптовалута што сега треба да почне да циркулира и која ќе расте или ќе опаѓа според светската цена на нафтата. Не е изненадување тоа што стабилноста на новиот боливар веќе беше доведена во прашање.

Трето, важно е да се спроведат валутните реформи заедно со економската стратегија наменета за да ги поттикне потрошувачката и деловната доверба. Најавата на Мадуро за шеесеткратно зголемување на минималната плата најверојатно ќе има спротивен ефект, затоа што ќе доведе до уште поголема инфлација и затворање на фирмите. Владата изјави дека ќе го финансира зголемувањето на минималната плана за малите и за средните фирми за 90 дена. Не е јасно што ќе се случи потоа.

На крајот, од помош ќе биде ако меѓународниот став се подобри, како во случајот на Германија по кризата од 1923 година. Сепак, Мадуро залудно ќе бара помош од Доналд Трамп, затоа што Белата куќа смета дека е подобро да има промена на режимот ако се влоши актуелниот хаос. За жал, за венецуелскиот народ, кој долго страда, тоа и ќе се случи.