ФИЛМ+КОМЕНТАР

Се покажува дека ние умееме да ја извитопериме секоја идеја, па нека е и најдобра, со инсталација на партиски пиони на високостручни и одговорни места, луѓе без интегритет и одговорност, партиски послушници сместени во центарот на самиот трезор со една идеја: континуирано да го сервисираат партиското членство со државни пари

Пишува: Златко Теодосиевски

Ако европските лидери, низ Новата европска агенда за културата се обврзаа на граѓаните на Унијата низ култура и образование да им понудат кохезивно општество и „(…) визија за атрактивна Европска унија“, што ние му нудиме на македонскиот граѓанин низ културата, па и образованието? За тоа кај нас никој ништо не говори, најмалку оние (добро) платени за тоа – премиерот, вицепремиерите, министрите за култура, образование и др. За да се потсетиме на нивната „понуда“ би требале повторно да ги препрочитуваме партиските предизборни програми, а тогаш разочарувањето би било уште поголемо, бидејќи – по којзнае кој пат – би се потсетиле на ветеното и неисполнетото, на лагите завиткани во светликава украсна хартија како нивен предизборен подарок за нас итн. Расчекорот помеѓу планираното и реализираното, барем во културата, кај нас е неверојатен, застрашувачки.

Од сите ветувања се реализира само она наједноставното, „најлесното“: подели ги парите за поддршка на проектите „од национален интерес“ преку формата конкурс и работата е завршена. Културата секогаш се замолчува(ла) со пари, па нека се и малку, барем за најголем дел од корисниците. Толку колку да преживеат, на леб и вода. Како оние 6.000 денари „помош“ на државата за самостојните уметници во времето на пандемијата! Инаку, зборот најлесно го ставив во наводници бидејќи, воопшто, не сметам дека чинот на распределба на тие средства е едноставен и лесен, ако кон таа задача се пристапи одговорно, стручно и компетентно. Но, кај нас таа работа е толку поедноставена и вулгаризирачки сведена на партиски пазар за висината на процентот што треба да се издвои за нивните пулени, што тоа понатаму навистина изгледа лесно!

Но, да беше само културата таа што така „располага“ со државниот буџет, ќе имавме право да бидеме и пожестоки и погласни. Ама кога ќе видите колкави пари се делат – буквално, онака најпримитивно, најпростачки! – преку разноразни државни фондови раководени од партиски „првенци“, тогаш културата дури, по малку, изгледа и тажно. Уште е свежо сеќавањето на онаа „госпожа“ што делеше пари за обука на магариња, па примерот со Фондот за иновации во 2019 година и милионските износи што ги делеше директорот на луѓе од најтесниот партиски врв, па продолжувањето на истата пракса и од страна на сегашниот директор (инаку потпретседател на СДСМ) и финансирањето на „иновацијата“ наречена „староримски рецепт за пица“ итн.

Зошто го спомнувам овој фонд, и некои други, и искуствата со истите? Затоа што, барем една деценија-две во културата расправаме и ја докажуваме неопходноста од детронизација на Министерството за култура како врвен фактор во распределба на средствата во културата и неопходноста од формирање повеќе фондови, можеби по „дејности“, за таа намена. И, во тие расправи, на различни начини сме докажувале – се вклучувам тука и себеси – дека таквите фондови се дамнешна европска пракса, не само во културата, дека е неопходно и Македонија конечно да се европеизира барем во тој поглед, сме го спомнувале и т.н. „arm’s lenght“ принцип итн. Но, за жал, секогаш сме го превидувале проклетството наречено партиски раководни кадри во тие фондови, кои потоа би ги делеле парите како овие претходно спомнатите, кои само би слушале наредби од партискиот врв и околу себе би ги собрале партиските абоненти како приоритетни корисници на средства од овие фондови и слично.

А македонската пракса го покажува токму тоа, во наведените фондови, но и во единствениот што го имаме во културата – филмскиот фонд, подоцна прекрстен во Агенција за филм. Се покажува дека ние умееме да ја извитопериме секоја идеја, па нека е и најдобра, а во тоа успеваме со инсталација на партиски пиони на високостручни и одговорни места, луѓе без интегритет и одговорност, партиски послушници сместени во центарот на самиот трезор со една единствена идеја: континуирано финансиски да го сервисираат партиското членство со државни пари! И во тој механизам, барем според досегашното искуство, нема разлика помеѓу политичките партии. Има можеби финеси, но тие се помалку или повеќе небитни. Се разбира, до денес водат магарињата и пицата, но никој сѐ уште не ги истражил подетално сите исплати на овие фондови. И сето тоа,од „а“ до „ш“, важи и за Агенцијата за филм.

За жал, никој кај нас не покренува отворена и стручна дебата за начинот на користење на овие средства. Оној кој прв треба тоа да го направи – власта – од тоа бега како ѓавол од крст, знаејќи ги сите махинации што се случуваат во тие фондови. За тоа не разговара ни актуелниот таканаречен невладин сектор, исто така удобно сместен во скутот на власта и континуирано сервисиран со огромни средства директно од државниот буџет. Истиот тој „невладин“ сектор беше хистерично гласен во времето на претходниот режим и неговиот круг на „невладини“ пулени.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.