На легендарниот режисер Коста Гаврас статуетката со ликот на Артур Рембо му jа врачи претседателот на жирито, Франк Касенти

ФИЛМ+ФЕСТИВАЛ НА ФИЛМОВИТЕ ОД МАРГИНИТЕ

Почесната награда „Rimbauds of honor“ ја доби Коста Гаврас, а во фокусот беа храбрите дела на афричките земји. По примерот на „Салонот на одбиените“ овој фестивал ги поддржува филмовите што ретко се прикажуваат во кината.
А интересно е дека патрон на првиот „Фестивал Рембо“ во 2019 бил режисерот Емир Кустурица

Наш специјален известувач
Шахла Нахид

Третиот „Филмски фестивал Рембо“, нова манифестација во Франција за поддршка на независниот филм, која се одржа на крајот на октомври во Париз, за свое седиште го избра токму градот на големиот поет, Артур Рембо (1854-1891), Шарлевил. Како што рече претседателот на фестивалот, режисерот Мануел Санчез: „Слично како ‘Салонот на одбиените’, кој во 1859 година го создадоа сликарите на кој им беше ускратен пристапот до пазарот поради недостаток на академизам, сакавме да ги прикажеме филмовите што се тргнати од дистрибутивната мрежа, поради рамнодушноста и самозадоволството на ‘професионалците во професијата’“.
Покровител на првиот фестивал во 2019 беше режисерот Емир Кустурица. Оваа година почесните награди „Rimbauds of honor“ им беа доделени на две големи филмски имиња, режисерот Коста Гаврас и актерката и сценаристка Ариан Аскарид. Претседател на жирито беше француско-мароканскиот режисер, сценарист и снимател, Франк Касенти.

Францускиот режисер по потекло од Грција, Коста Гаврас, кој се прослави со своите уметнички филмови, познат е по тоа што секој негов филм е можност да ја потврди посветеноста на своите идеи и да го предложи промислувањето за моќта. Неговите први успеси ги одбележуваат политички трилери, и тоа: „З“ и „Исповед“, кои беа манифести за осуда на диктаторските режими; за потоа да премине на сентименталните драми, а подоцна и на социјалните теми. Гаврас беше претседател на француската Кинотека од 1982 до 1987 година, и потоа од 2007 година.

Ариан Аскарид, позната и ценета француска актерка, родена 1954 година во Марсеј, од каде што е и нејзиниот сопруг, светски познатиот француско-ерменски режисер, Роберт Гедигијан. Во 1998 година неговиот филм „Мариус и Жанет“ ѝ ја донесе наградата „Цезар“ за најдобра улога. Инаку, таа има играно во речиси сите негови филмови во текот на 40-годишната кариера, во која потпишува 20 филмски дела колку поетични, толку и политички, вкоренети во Марсеј или во Ерменија, во минатото или во сегашноста, вклучувајќи многу големи успеси!

Наградата за наjдобро сценарио отиде каj иранскиот филм „Обична побуна“, коj jа освои и наградата за главната женска улога на Негар Џавахериjан

Жирито, кое ги следеше целите што ги поставија организаторите, одлучи за најдобар филм да го прогласи „Долина на душите“ на Николас Ринкон Жил од Колумбија. Наградата за најдобро сценарио отиде кај Хамед Раџаби за иранскиот филм „Обична побуна“, кој ја освои и наградата за женска улога на Негар Џавахеријан, додека за машка улога беше награден Обина Вачукву за американскиот филм „Талог“. „Артур Рембо“ за најдобар документарец доби тајванскиот филм „Писма за Хама“, додека Специјалното признание и припадна на Шпанија, за филмот „Yeses“. Имено, фестивалската награда, која претставува скулптура на Артур Рембо, се доделува на филмовите што се снимаат на маргините на комерцијалниот систем и многу малку се прикажуваат во кината.

Фестивалот, чиј фокус во 2019 беше на иранската кинематографија, оваа година се сврти кон храбрите дела на афричките земји. Кои се слоганите на фестивалот? Првиот се заснова на реченицата на Рембо: „What can I do? I’m scarily insisting on worshiping free freedom“, а другиот се потпира на ставот на Жил Делузе (1925-1995), француски филозоф кој ја опишува уметноста како чин на отпор. Таа вечер беше различна од било која свеченост на затворање на фестивал, односно во склад со неговите цели, да заблескаат и да предизвикуваат заборавените филмови, но без фанфари. Велат дека сликата „Пикасо“ не е посупериорна од сликата „Фрида Кало“. Оттука, зборовите како што се најдобри, странски, машки или женски беа отфрлени и не се користеа за дефинирање на наградите за филмовите.

Вреди да се спомне дека Артур Рембо, поетот чии дела покажуваа тематска и стилска густина, поетот кој се смета за една од најзначајните личности во француската литература, почнал да пишува поезија на 15 години. Откако го усвоил стилот на повозрасните и на другите поети од своето време, вклучувајќи го и Виктор Иго, создава иновации во класичните теми. Тој отсекогаш се обидувал да го одбегне влијанието на другите и да има своја интерпретација на поезијата. „Поетот мора да стане набљудувач и да го дефинира непознатиот свет надвор од вообичаениот поглед на луѓето“, изјавил Рембо.

Што се однесува до Жил Делузе, накратко може да се каже дека тој бил филозоф кој умеел да ги претскаже настаните. Пример за овој визионерски пристап била анализата на капитализмот, разработена заедно со Феликс Гутари во 1969 година, која била многу прогресивна и насочена кон иднината. Капитализмот од тогаш се променил, но нивните перцепции за „заедницата под контрола“ останаа актуелни и денеска.

Овие две позиции јасно ја претставуваат целта на фестивалот, односно на верувањето дека меѓучовечките односи можат на кратко да излезат од рамката на заедничките моди и потреби. Фестивалот се одржа со физичко присуство и гала вечер, и иако првично беше планирано да биде во Шарлевил, сепак организаторите одлучија да се одржи во Париз. А така ќе биде и со следното издание, на чие претседателско место ќе дојде Мишел-Реј Гаврас, продуцентка и сопруга на Коста Гаврас.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.