На крајот на 1960-тие и почетокот на 1970-тите беше познат топ-модел – на снимање на островот Капри во Италија во 1968 година

ЕКСКЛУЗИВНО: МАРИЗА БЕРЕНСОН

Музата на Лукино Висконти, на Боб Фоси и Стенли Кјубрик, поранешниот топ-модел Мариза Беренсон, е во Црна Гора на снимање на новиот филм „Залив“ на Драшко Ѓуровиќ, копродукција со Србија и Босна и Херцеговина

Наш специјален известувач
Вук Перовиќ

Почетокот на 1970-тите години во добар дел помина во знакот на едно сосем ново актерско лице, дотогашната манекенка, Мариза Беренсон (р. 1947). Таа се занимаваше со мода, а нејзиното семејство беше дел од тогашниот уметнички џет-сет. Така, можеби и сосем ненадејно, дојде до првиот филм, иако глумата отсекогаш ја интересирала.

Мариза Беренсон на насловната на „Вог“ во 1973 година

„Тоа беше чудо“, раскажува Беренсон за своето влегување во светот на глумата, додека во Црна Гора се подготвува за почетокот на снимањето на црногорската продукција „Залив“. „Сè што ми се случи во животот, некои важни работи, се случуваа кога ќе запознаев големи луѓе. Во таа смисла, мислам дека бев многу среќна. Додека работев како модел го запознав Лукино Висконти во Италија, во неговата куќа во Искија. Таму и мојата мајка имаше куќа, а јас бев голема пријателка со актерот Хелмут Бергер, кој беше близок со Висконти. Често одевме кај Висконти, на ручек или на вечера. Еден ден ме погледна и рече: ‘Знаеш, многу ми се допаѓа како изгледаш, но не знам дали се занимаваш со глума. Мене ми треба емотивна актерка, чувствителна…’. Побара да направиме пробно снимање. Тогаш живеев во Њујорк, а тој во Рим, поминуваа месеци, снимањето беше одложувано… И, еден ден добив телеграма да дојдам на снимање следната недела“, се присетува актерката на неочекуваниот почеток на нејзината кариера со, ни повеќе, ни помалку, улогата во познатиот филм на легендарниот италијански режисер, Лукино Висконти, сега класик, „Смрт во Венеција“.

Во 1972 играше во уште еден класик, „Кабаре“ на Боб Фоси, покраj Џоел Греj и Лаjза Минели

„На крајот, всушност, и немав пробно снимање, само дојдов да го снимам филмот. Костимографот, Пјеро Този, ме облече и по седум дена бев на филмот. Штом стапнав на снимањето, знаев дека тоа е мојата судбина“. Како што вели од тој момент била сигурна дека токму тоа сака да го работи во животот. Глума учела во Њујорк, но одела на ноќни часови, бидејќи преку ден работела како модел, сепак, како што раскажува, почнала да игра во претстави на „оф оф Бродвеј“.

Првата улога, ни повеќе, ни помалку, jа одигра во култниот филм на Лукино Висконти, „Смрт во Венециjа“, покрај Дирк Богард

„Учев, сакав да бидам актерка, но немав образование и не знаев дали некогаш ќе станам. Но, Лукино ми даде шанса. Живеев во неговата куќа додека го снимавме филмот. Една вечер дојде во мојата соба и рече: ‘Мариза, денеска настапи како Сара Бернар. Така што, ако сакаш да продолжиш понатаму, го имаш мојот благослов’. После тоа, се чувствував како секогаш да ми е тука на рамото. Тоа е една од најневеројатните работи што можат да ви се случат кога сте млад, кога почнувате. Да имате некој таков да ве охрабри и да ви даде поддршка“, рече Мариза.

Со Раjан О’Нил во костимираната драма на Стенли Кjубрик „Бери Линдон“

Уште додека била на снимањето на „Смрт во Венеција“, добила неочекувана телеграма, и тоа од продукцијата на филмот „Кабаре“ на Боб Фоси. „Не знаеме дали сте заинтересирани за глума, но би сакале да имате пробно снимање во Лондон“, пишувало, меѓу останатото, во поканата од продуцентите на остварувањето во кое подоцна ќе брилираат Лајза Минели и Мајкл Јорк, а Мариза ќе биде номинирана за „Златен глобус“ и за БАФТА. „Одговорив дека сум заинтересирана и дека моментно снимам филм со Висконти. Отидов да го запознаам Боб Фоси и морав да имам читачки проби, а потоа и пробно снимање. Беше сосем поинаку, но ја добив улогата“.
Во Црна Гора актерката стигна по необичен пат. Драшко Ѓуровиќ го знаеше од претходно Јан Харлан, продуцентот на Стенли Кјубрик и брат на неговата жена. Харлан имаше доаѓано во Црна Гора и остана во контакт со црногорскиот режисер.

Со Енди Ворхол во 1975 како дел од тогашниот уметнички џет-сет

Кога Ѓуровиќ го почнувал новиот проект, го прашал Харлан за совет, а тој ја препорачал Мариза Беренсон, на која ѝ рекол дека Ѓуровиќ е одличен режисер.
„Потоа Душко ми напиша и дојде во Париз, бидејќи таму играв во театарската претстава ‘Берлин кабаре’. Дојде да се видиме и да поразговараме за филмот, но и да ја погледне претставата. Го прочитав сценариото и многу ми се допадна приказната. Мислам дека е поинаква, убава, романтична. Од разговорот со него сфатив дека ги почитува големите режисери, дека е страствен и го сака филмот, дека сака да направи нешто извонредно, поинакво, нешто што е длабоко и што содржи убавина. Ми се допаѓа и предизвикот што го носи оваа улога. На некој начин е единствена, бидејќи никогаш не сум работела ништо слично. Јас ќе им ја раскажувам на гледачите таа прекрасна бајка, романтична приказна за минатото. Но, сама. И, ми се допаѓа тоа, ова е нова авантура за мене, особено во едно вакво преубаво окружение “, вели Беренсон.
„Залив“ е историска љубовна приказна која во поголемиот дел се случува во Пераст. Тоа ќе биде уште едно костимирано остварување за Беренсон, кои таа посебно ги сака. „Снимав многу такви филмови. Мислам дека сум благословена што запознав режисери кои работеа на тие дела. Кога сте дел од филмови што се случуваат во одредена епоха, тогаш влегувате во карактерот, во историјата, во друг свет, во сосем поразлична атмосфера“, објаснува таа. „Тоа ви дава можност да истражувате, а интересно е и поради модата, која тогаш била актуелна. Работам и на доста современи филмови, но ги сакам тие што се поместени во минатото“.

Беренсон со нашиот дописник Вук Перовиќ

И нејзиниот трет филм, „Бери Линдон“ на Стенли Кјубрик, е сместен во епоха. „Кјубрик го виде ‘Кабаре’, а бидејќи беше добар пријател со Стенли Донен, кого го знаев уште од мала, му рекол дека во филмот видел една интересна актерка, но дека е Германка, дека има германски акцент, а нему му треба некој кој совршено зборува англиски. Донен му одговорил дека ме знае цел живот, дека не сум Германка и дека зборувам англиски. Стенли ми кажа дека Кјубрик ќе ме побара за новиот филм и така и беше. Еден ден се јави Кјубрик, ми кажа кои работи му се допаѓаат во мојата глума и дека сака да бидам во неговиот филм.

Беренсон, која сега зад себе има 84 филмски и телевизиски проекти, раскажува како снимала со Висконти, со Фоси и со Кјубрик во првите пет години од својата кариера. Сето тоа се случувало во 1970-тите години, за кои вели дека биле години кога имало многу слобода, кога сè било можно и кога сте имале чувство дека ако ви се пружи шанса, нешто може и да направите. „Сè беше ново, ние бевме многу млади, беше тоа креативен период. Луѓето се разликуваа по својата индивидуалност. И, некако, сите бевме поврзани. Уметници од различни делови на светот, сите сакаа да бидат дел од тоа што се случуваше, да запознаат инспиративни луѓе. Светот изгледаше помал. Имавте прилика да ги запознаете сите тие неверојатни луѓе, да размените искуства, да работите со нив. Дали е тоа Кјубрик или Висконти, или Енди Ворхол, некој од модниот свет, одличните фотографи Ричард Аведон и Ирвинг Пен, или Салвадор Дали, потоа Кенедиеви. На некој начин, сите се среќаваа и беа дел од истиот свет“, се присетува Беренсон на можностите од 1970-тите, велејќи дека ситуацијата сега е сосем поинаква.

„Денеска сите сме оддалечени, не знам што е можно и каде одиме. И понатаму верувам, но поинаку е, има помалку слобода. Она што го поминавме во последниве две години, исто така, нѝ ја одзема слободата. И комуникацијата меѓу луѓето е различна. Многу се помали можностите да разговарате директно со луѓето, да се поврзете, да ги гледате в очи, да ја видите насмевката. Сè е многу повеќе на интернет, сè е побрзо, поповршно, па и постудено, помалку лично. Потешко е, тоа веќе не е истиот свет“, смета Беренсон.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.