ФИЛМ+КНИГА

Кон книгата ФИЛМСКИ ВЕЛИКАНИ на Сунчица Уневска

Пишува: Васко Маглешов

Зошто култниот американски режисер Абел Ферара станал будист? Што најмногу го интересира во правењето филмови култниот германски режисер, Вим Вендерс? Зошто на Питер Гринавеј поголема инспирација му се сликите, наместо романите? Како влијаело детството врз работата на филмската дива Клаудија Кардинале?

Одговорите на овие прашања и уште многу други ги има во најновата, трета книга „Филмски великани“ на долгогодишната новинарка и филмска критичарка, Сунчица Уневска. Како редок и непоколеблив хроничар на светската и на домашната кинематографија, Уневска (веројатно на почетоците и несвесно), направила педантна хронологија на размислувањата и впечатоците на најзначајните имиња од светската филмска уметност на 20 и 21 век.

Правото да ги компонира, промислува и компилира во една книга произлегува од тоа што Уневска е децениски филмски номад. Најголемиот дел од интервјуата ги правела на филмските фестивали низ светот, каде што присуствувала како новинарка и филмска критичарка, а често и како член на жирија преку Светската федерација на филмски критичари, „Фипресци“, во која членува веќе две децении.

Зошто велам дека авторката е хроничар, кога интервјуата се правени во различни години, со различни режисери и актери и во различни околности. Затоа што, на пример, читајќи го интервјуто со Питер Гринавеј, ќе се потсетите на еден (малку подзаборавен факт) дека овој култен автор всушност бил во Македонија и тоа на отворањето на Скопскиот филмски фестивал во 2005 година. Меѓу другото, и затоа што, низ прашањата авторката прави пресек на најзначајните филмски наслови зад кои се потпишуваат режисерите или актерите. И сето тоа го има на едно место – на над 300 страници.

Интервјуата се ојбавувани во неколку македонски весници како: „Утрински весник“, „Нова Македонија“ или месечникот „Филм плус“. Но, со оглед на исчезнувањето на архивите (пишани и дигитални), оваа книга е безвременска филмска читанка која спојува различни, но во суштина идентични светови и секако остава пишан белег дека во Македонија се негува култура на интервјуирање на „слоновите“ на филмскиот свет. Уневска тоа го прави длабоко и одмерено. Книгата ги соединува меридијаните со режисерските и актерски имиња кои доаѓаат од различни краеви на светот: Азија, Европа, САД…

„Филмски великани“ е хрестоматија на 56 ексклузивни интервјуа, кои се направени со бардови на светската кинематографија. Во прв ред тука се: незаборавниот Вим Вендерс, легендите на иранскиот филм, Киаростами, Макмалбаф и Панахи, потоа Абел Ферара, турскиот филмски Тагоре, Нури Билге Џејлан, најпознатата полска режисерка, Агњешка Холанд, Палестинецот Елија Сулејман, ветеранот на романскиот филм, Лучијан Пинтилие, контроверзниот Британец, Питер Гринавеј… Тука се и: Шарлиз Терон, Дерил Хана, легендарниот Хју Хадсон, Колумбијката Каталина Сандино Морено…

На листата интервјуирани се и помладите, но не помалку значајни, Фатих Акин, Романецот Флорин Сербан, мексиканскиот автор, Амат Ескаланте. Меѓу оние кои најдоа свое место во густиот филмски универзум на Уневска има и неколку дебитанти, како холандско-иранскиот режисер, Кавех Модири, или Унгарецот, Нимрод Антал. Секако, оправдано ако се земат предвид можеби во еден дел поскромни, но филмски богати и заводливи остварувања.

Но, во книгата не се занемарени ниту југословенската и домашната кинематографија (Николиќ, Карановиќ, Грлиќ, Голубовиќ, Манчевски, Поповски…)
Уневска е енциклопедиски прашувач. Ја интересира од режисерите да го дознае интимниот контекст, вмрежувањето со останатите уметности, културната географија, заткулисните игри околу фестивалите… Прашањата на Уневска ја немаат дневно-новинарската минливост и не се оптоварени со датуми или години. Контекстот е безвременски, затоа што такви се и прашањата и одговорите. Така на пример, Уневска го прашува младиот холандско-ирански автор, Кавех Модири: „Во што го гледате пеколот на современото живеење?“, на што тој одговара: „Во недостатокот на прифаќање на другите, во бесрамноста, осудувањето, во погледите кои немаат амбиција да ги вклучат другите, туку едноставно да ги исклучат“.

На пример, Абас Киаростами во интервјуто за „Утрински весник“ од пред скоро 17 години, ќе каже дека во Иран „дури и неписмените луѓе зборуваат во стилот на поезијата и во нашата природа е да не гледаме на филмот како на индустрија за правење пари“. Тој говори зошто сака да работи со натуршчици наместо со професионални актери и заклучува дека, всушност, повеќе ги сака „обичните луѓе“.
Израелецот Амос Гитаи, одговарајќи на прашањата на Уневска, вели дека во неговите филмови „сака да поставува прашања“. Американецот Артур Пен, пак, смета дека „големите филмови се лоши поради огромниот компромис што мора да се направи, додека малите имаат шанса“. Оние на кои им се допаѓа филмската поетика на Канаѓанецот Атом Егојан, во книгата со интервјуа на Уневска ќе дознаат од каде режисерот го познава женскиот сензибилитет, за така продлабочено да го филмува.

Швеѓанецот Ерланд Јозефсон, кој е синоним за шведскиот филм и театар, говори за работата со Ингмар Бергман, а романскиот режсер, Лучијан Пинтилије, раскажува за восхитот од југословенската кинематографија, особено од Душан Макавеев. Кетрин Денев говори за работата со Буњуел и Полански, а Џон Малкович за тоа како се подготвувал за да стане „експерт“ за вампири за потребите на филмот „Сенката на вампирот“ (2000).

Зошто и кому би му била корисна оваа книга на Уневска?! Книгата е создавана етапно, но се чита како да е напишана во еден здив, бидејќи интервјуата не се обемни, а одговорите се концизни. „Филмски великани“ е журналистички patchwork составен од различни филмски материјали, или ризница на филмски гласови (полиглосија) каде сите заедно, а и секој поединечно ја раскажува својата животна и професионална патопеја. Нивните одговори, всушност, покажуваат зошто авторката сосема оправдано ги нарекува „великани“.

За вехементните филмофили, последната книга на Уневска е грижливо избран филмски колаж, кој не само што покажува одлично познавање на филмската историја и критика, туку е своевиден регистар на најзначајните филмови на режисерите и актерите кои се дел од него. За оние, пак, кои одвреме-навреме сакаат да погледнат добар филм, „Филмски великани“ е збирка од 56 раскази, кои ќе ги заинтригираат да дознаат нешто повеќе за ликовите.

Природно е да се очекува „Филмски великани 2“, но зошто да не и интернационално издание на првата книга, бидејќи интервјуата се сублимат од животните и професионални белези на најзначајните фигури во филмската уметност во светот.
„Филмски великани“ според тоа е задолжителна филмска лектира, во која паралелно со прочитот препорачливо е на лист хартија да ги запишете сите оние филмови за кои прашува Уневска, а режисерите одговараат, односно разговараат. Сигурно и вие, како и јас, ќе најдете повод и причина да им бидете благодарен за секоја несвесна филмска препорака која била тема во интервјуата со режисер(к)ите и актер(к)ите.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.