„Тајниот агент“ Серхио Чаму со режисерката Маите Алберди, чиј филм ја однесе победата на Санденс 2020

ФИЛМ+РЕЦЕНЗИЈА+КАНДИДАТ ЗА ОСКАР

Кон: „Тајниот агент“, документарец на Маите Алберди, Чиле 2020

Марина Костова

Документарецот „Тајниот агент“ на чилеанската режисерка Маите Алберди, меѓу петте номинирани за Оскар 2021, е елегија за осаменоста, една од најтешките болки на современото човештво. Ова е шести документарен филм на Алберди, која е и првата чилеанска авторка со номинација за Оскар, а со инвентивен пристап низ смеа и солзи го открива животот на последната станица – во старечки дом.

Филмот почнува со необичен оглас: се бара кандидат на 80-90 години кој знае да ракува со мобилен телефон и Интернет, за работа во детективско биро. Најдобриот кандидат е 83-годишниот Серхио, од неодамна вдовец, кој со страст ќе се нафати на задачата – да биде таен агент во старечки дом за да се утврди дали во него е добро згрижена мајката на клиентка, која се жали дека ја пљачкаат. Навистина, ќе му треба малце време да научи да ракува со ајфонот и особено со очилата со камера, со кои треба да го регистрира животот во домот и да испраќа дневни извештаи до детективот. Но, иако задачата ќе си ја сфати крајно сериозно, Серхио бргу ќе го види она што е пострашно во домот од евентуалните ситни пљачки – ужасната осаменост на станарите, оставени тука и чиниш заборавени од блиските, кои последните денови ги минуваат изолирани зад затворените порти што ретко се отвораат за посетители.

И така, полека се случува пресвртот во мисијата на Серхио – со исклучителна топлина и интерес тој станува верна друшка која секому во домот му го дава она што му треба – трошка внимание, ред муабет, добро уво за слушање, понекоја шега и многу утеха. Можеби најпотресното сведоштво од неговите „шпионски“ извештаи се откритијата за дарбите и човечките вредности, па и мани на луѓето кои живеат тука, чии тела се само трошна лушпа од она што биле, но умовите и натаму пркосат на староста и на смртта. Преку Серхио откриваме дека секој човек таму е посебен табиет, индивидуа со личен идентитет и лична историја – една жена е прекрасна поетеса, една си поткраднува од очај, една кокета мечтае за нов дечко.

Алберди во филмот комбинира материјали снимени со шпионските очила-камера на Серхио со дискретните снимки од филмската екипа (која во еден кадар ќе ја видиме и на шпионските снимки). Но, окото на филмската камера како да гледа од дистанца, како да внимава да не го наруши личниот простор на станарите, и затоа во тоа присуство нема ништо воајерско.

„Тајниот агент“ победи на Санденс 2020 како најдобар документарец, но светската дистрибуција почна во времето на ковид-пандемијата и баш тоа ја смени перцепцијата на публиката. Во едно интервју по номинацијата за Оскар, режисерката Алберди вели дека старечките домови (најтешко погодени од коронавирусот) уште пред глобалниот карантин веќе биле погодени од страшна пандемија – пандемијата на осаменоста.

„Станарите во домовите веќе беа социјално изолирани; нивните влезни врати беа затворени, метафорички кажано, пред да дојде светскиот карантин. Многумина од нив немале посетители, ниту имале семејство да присуствува на нивните погреби. Се разбира, пандемијата ги принуди уште поофицијално да се запечатат, но симболичниот карантин започна многу порано: никој не им влегуваше таму и тие беа во сопствениот мал меур на изолација. Првично се надевав дека, откако ќе го видат филмот, децата и внуците ќе им се јават на своите постари роднини за да видат како се, и сè уште се надевам, бидејќи колку што гледам, ништо не се смени за оние во старечките домови. Пред пандемијата, се фатив дека снимам многу погреби каде што единствените ожалостени беа другите жители на домовите и вработените – ниту еден роднина. За кого е шок оваа пандемија на напуштање на постарите возрасни? За оние кои се надвор. Бидејќи, луѓето во старечките домови веќе беа сами, изолирани и умираа без никого покрај себе, исто како оние сами во нивните домови“, вели Алберди.

„Тајниот агент“ има несентиментален поглед на човековата конечност и затоа брутално искрено го открива сознанието дека вистинскиот крај не е смртта, туку заборавот. Не е крај кога ќе умреш, туку кога твоите блиски ќе те остават сам и ќе те заборават.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.