Не може да се претекне времето

ФИЛМ+РЕЦЕНЗИЈА+СИНЕДЕЈС

Кон „Каде одиш, Аида?“, режија и сценарио: Јасмила Жбаниќ, улоги: Јасна Ѓуричиќ, Борис Исаковиќ, Изудин Бајровиќ, Јохан Хелденберг, Емир Хаџихафизбеговиќ, фотографија: Кристин А.Мајер, монтажа: Јарослав Камински, Босна и Херцеговина 2020

Пишува: Сунчица Уневска

Филмот „Каде одиш, Аида?“ (Quo vadis, Aida?) требаше да биде своевиден тестамент, нешто што нема да дозволи некои настани да паднат во заборав, требаше да биде сведок, потсетување, споменик, дело од огромно значење кое зборува за едно апсурдно време, за ужасни настани, за омраза и крв, за убиства, за трагедии, за уништување животи, дело кое можеби за многумина ќе донесе правда, а можеби и мир. „Кво вадис, Аида“ е така и направен, со долготрајни подготовки, со голем влог да се дојде до податоците и вистината (базиран на книгата на Хасан Нухановиќ „Под знамето на ОН“), со огромна амбиција да се направи автентичeн филм кој ќе сведочи за нешто што и денес многумина го негираат. Впрочем, затоа и босанската режисерка Јасмила Жбаниќ се зафати со оваа многу голема тема за масакрот во Сребреница, за да порача какви можат и какви се последиците од вакви ужасни историски настани и колку е лесно тие настани да се случат повторно и засекогаш да ја променат свеста на луѓето.

Објективност кога нема дистанца – меч со две острици

Сребреница е навистина огромна тема, и многу тешка, посебно кога нема голема историска дистанца, дури напротив, многу работи поврзани со геноцидот во овој град, сè уште се живи, па дури и незавршени. И факт е, дека е многу неблагодарно да се занимавате со тема за која сè уште има зовриени страсти, а згора на сè да се обидете да бидете објективни, па дури и да зборувате за иднината и за некакво помирување. Мора да се каже дека тоа е многу смело и многу ризично, особено што објективноста во таква ситуација, кога емоциите се толку силни, е речиси невозможна.

Но, Јасмила Жбаниќ ќе се одважи да се зафати со таков подвиг, од една страна, сакајќи да посведочи за геноцидот во Сребреница, кој никој не може и не би требало да го оспори, со порака дека такво зло каде и да е во светот не смее да се заборави, а уште помалку да се негира. Од друга страна, таа се чини го прави тоа како еден вид носење правда на оние луѓе кои таа правда сè уште ја бараат, на оние луѓе за кои таа „приказна“ воопшто и не е завршена, бидејќи сè уште не знаат каде се телата на нивните роднини. А тука е и нејзината желба да продолжи со темите за босанската војна, која буквално им го измени животот на луѓето, која донесе толку несреќи, толку трагедии, толку злосторства со кои и денес мора да се живее, а како во случајот на Сребреница, со истите луѓе, довчерашни соседи, а потоа крволочни непријатели, кои сега повторно живеат едни покрај други иако раните ни оддалеку не се затворени.

Но, овој филм, сепак, го нема значењето што му беше наменето, и тоа од повеќе причини. Она што во овој случај е особено необично, е што Жбаниќ некако ќе се обиде да отиде напред, на некој начин да ги претрка вистинските настани, на кои после вакви случувања им треба многу време. Така секогаш било и така ќе биде, посебно кога се работи за (братоубиствена) војна, без оглед на подадената рака, без оглед на наводното помирување, без оглед на сè, треба време додека работите да дојдат на свое место, иако прашање е дали тоа некогаш воопшто ќе се случи. Впрочем, го имаме примерот со нацизмот, кој и после толку години е нешто кое ги буди истите емоции, истиот ужас и презир, истото чувство на неподносливост и на нешто кое едноставно не може да се прифати. А не пак, кога, работите уште не се ни завршени, додека Жбаниќ се обидува да зборува за погледот кон иднината и за некакво прифаќање…

Кога апсурдот е доведен до крајни граници

Мора да признаеме дека Јасмила Жбаниќ е добра режисерка и таа ќе направи одличен избор на кој начин да и пријде на приказната, на кој начин да биде гледлива и за луѓето кои немаат поим за што станува збор, на кој начин да го најде балансот, да ги покаже вистинските настани, а да не осудува, да не критикува, да не зазема страна. На тој начин филмот би можела да го гледа публиката насекаде во светот, како приказна за геноцидот што би можел да се случи секаде, и како приказна за борбата на една мајка да го спаси своето семејство, па дури и како приказна за потфрлање на системот, но без револт, без осуда, без негативност, напротив, дури и покрај очигледните пропусти и небулози.

Да, изборот да зборува за Сребреница низ судбината на преведувачката Аида (фасцинантна улога на Јасна Ѓуричиќ) стационирана во холандскиот штаб на Обединетите Нации, под чија заштита во тоа време се наоѓа Сребреница, е одличен. Филмот е воден со фуриозно темпо, што на моменти наликува на трилер, додека Аида се обидува на секаков начин да ги заштити својот сопруг и двата сина. Навистина, во целата таа трка и очајна борба, Жбаниќ успева да го покаже и текот на вистинските настани, па на моменти и архивски снимки, за целиот тој ужас во јули 1995 година кога во градот навлегуваат српските трупи, кога пред самата капија каде што се сместени претставниците на ОН помош ќе побараат 25.000 луѓе. Впрочем, во сето тоа не се затекнати само жителите на градот, туку и холандските војници, од кои некои дури биле и земени како заложници.

Но, Жбаниќ, иако прави опсежно истражување за настаните, сепак, нема да дозволи филмот да биде закопан во податоци и фактографија, туку доста мудро ќе ја донесе приказната низ човечката судбина, низ сето она што го преживува семејството на Аида, низ емоциите и пеколот што им се случуваат во текот на тие неколку дена, кога полека станува јасно што следи. Таа својот фокус неизбежно го става и на сето она со кое ќе мораат челниците на холандската војска да се соочат, на одлуките кои мора да ги донесат кога ќе бидат оставени на цедило од нивниот команден штаб и кога ќе мора да преговараат со Младиќ, кого толку сугестивно го игра Борис Исаковиќ. Успева Жбаниќ да го прикаже целиот апсурд, целата неподготвеност, целата иронија, ужас и хаос во кој ќе се најдат сите, додека Младиќ и неговите луѓе влегуваат со полно наоружување во тие хангари каде што се сместени цивилите и им делат леб и чоколади.

Не може ништо да го замени природниот тек на настаните

Се труди Жбаниќ низ некои детали да ги прикаже сите небулози, па дури и уживањето во изживување со довчерашните соседи, но сигурно не е лесно во еден филм да се опфатат сите аспекти на овој најголем масакр што се случил по Втората светска војна. Таа ќе мора да направи избор и да најде начин како да ја раскаже личната приказна, но и да ја долови општата слика, како да проговори за луѓето и за обемот на ужасот, а да го задржи темпото, ритамот, текот на раскажување на настаните, доследноста во заокружување на деталите кои треба да ја исцртаат целата слика. Таа не прибегнува кон уметнички пристап, како што тоа многумина кога се работи за воени филмови го прават, туку напротив ќе се обиде да биде многу реалистична, па дури и да му пристапи на филмот документаристички.

Но, она што во филм од ваков обем недостига е оној природен тек, заради што и зборувавме за претекнување на настаните, што обично се постигнува низ тие лични, поединечни приказни, низ судбините, низ времето. Овде нема место за тоа, и тоа е реално. Меѓутоа, не може да се каже дека не недостига. Филмот е значаен и би се согласила со неговите номинации, но исто така, би се согласила и со недобивањето награди. Бидејќи, ова е филм кој е ефектен, интересен и важен, но многу нешта му недостигаат, а најмногу дистанца. Тука мора да се жртвува човечкиот фактор, а тоа е голем пех. Бидејќи, ваквите приказни се најавтентични, па да речеме и најважни токму кога ги доживуваме низ поединечните судбини. Не, низ нешто исилено, атрактивно, фуриозно, нешто кое треба да го замени тоа што вистински го нема. И тоа се чувствува, ова е филм за Сребреница, но недоволен за да ја донесе или да ја долови трагедијата за која зборуваме, освен индиректно, повторно преку бројки, факти, зададени сцени…

Искуството нè учи дека прво е животот, а потоа филмот

Особено, кога на крајот Аида ќе се најде во таква незамислива ситуација (кога во нејзиниот стан живее еден од крвниците), кога повторно треба да се нагласи апсурдот, неправдата и „соживотот“, а наспроти сето тоа, Жбаниќ во истата таа ситуација се обидува да финишира зборувајќи за иднината и за помирувањето. Невозможно е нешто да се наметне. Како што рековме, времето не може да се претрка, не може природниот тек ништо да го замени, а уште помалку филмот кој според идејата на Жбаниќ треба да има многу мисии, да изгради споменик и да направи тестамент, да балансира за да стигне до широката публика, па дури и да испрати порака како за злото така и за доброто??

Да, животот продолжува, но не изнасилено, не форсирано, не измислено, не поради некаква цел, која, и покрај сè, води до одреден степен на додворување. Најдобра во филмот е Ѓуричиќ, која дефинитивно заслужува „Оскар“. Но, прашањето – Кво вадис, Аида?, би било поадекватно прашање за Јасмила Жбаниќ, бидејќи таа направи добри и значајни филмови и многу е важно да знае каде оди и каде се границите. Да, филмот е важен, но би бил многу позначаен ако го почитуваше логичниот тек на нештата, ако беше свесна за неумоливоста на времето. Авторите имаат право на свои фикции, но не можат против природните законитости, тоа не смеат и не треба да го заборават, тогаш ефектот е таков, бидејќи токму искуството нè учи дека прво е животот, а потоа филмот. Колку и да сте вешт и добар во својата работа, наместеното не проаѓа, особено не во филмот, особено не кога се работи за вакви теми, особено не низ камерата која непогрешливо ги фаќа нијансите, оние нијанси од кои е исткаен нашиот живот.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.