Соња Вуjановиќ беше и остана партизанка, таа е жив споменик на едно значаjно време

ФИЛМ+РЕЦЕНЗИЈА+ФЕСТИВАЛ ЗА КРИТИЧКА КУЛТУРА

Кон документарниот филм „Пејзажи на отпорот“, режија: Марта Попивода, сценарио: Марта Попивода и Ана Вујановиќ, фотографија: Иван Марковиќ, монтажа: Јелена Максимовиќ, Србија/Франција/Германија 2021

Пишува: Сунчица Уневска

Пејзажите на отпорот во филмот на Марта Попивода не зборуваат само за начинот на живеење, за начинот на однесување или за ангажираноста, не, пејзажите кои ја раскажуваат приказната за отпорот и за различните судбини низ времето, носат во себе таква патина која им дава сосем поинакво значење од видливото. Без оглед дали во тој миг тие изгледаат инспиративно, дали се полни со живот или ги носат трагите од целата тежина втисната во нив, дали дишат поинаку обележани со превезот на мистеријата, обележани со нечии приказни, обележани со нечиј живот кој во нив оставил трага испишувајќи го времето, историјата, вредностите. Во нив е втиснат духот на минатото кое им дава сосем друг изглед од оној првичниот, бидејќи пејзажите се само рамката што ја исцртува времето, ја исцртуваат настаните, ја исполнуваат желбите и неисполнетите соништа, чија иманентност останува впишана во нив.

Режисерката Марта Попивода ќе направи одличен пристап кон приказната на Соња Вуjановиќ

Временските пластови

Тоа беше она најинтересното што во првиот момент ме врза за документарниот филм „Пејзажи на отпорот“, кој на свој начин и е раскажан низ пејзажите, низ отисокот во времето, што во нив е и најмногу видлив. Бидејќи, колку и да се важни зборовите, колку и да се речити сликите, сето тоа е минливо, а пејзажот се менува, но не исчезнува. Затоа и овој пристап ме одушеви, бидејќи во пејзажите е содржана историјата, во него се содржани спомените, во него се испишани судбините, пејзажот трае низ времето, исто онака како што можат да траат и да говорат градбите, но дури и тие можат да исчезнат. Не и пејзажот, бидејќи токму моќта за променливост го прави траен, неговото значење е под временските пластови, но ако сеќавањето останало, тогаш тие не можат никогаш да исчезнат, тогаш се спасени од заборавот.

Сликата со која почнува филмот и целата симболика на булките (црвените макови) искажана во воведната песна

Филмот на Марта Попивода и на Ана Вујановиќ зборува за отпорот, за антифашистичката борба и за судбината на една жена, чие учество во младата комунистичка дружина и во народноослободителната војна за време на Втората светска војна ќе ѝ го обележи животот. Живот полн со сеќавања, со луѓе, со зборови, со слики, со борба, која и покрај целата трагичност ќе му даде трајно значење на нејзиното живеење, ќе ѝ даде волја, цел и мисија да продолжи, колку за себе, толку и за другите, да го исполнува долгот во кој верувала и сè уште верува, бидејќи слободата и правдината немаат цена. Таа одамна научи дека борбата не е секогаш на фронтот, токму затоа што таму и била, борбата може да има различни лица, но најважно е да продолжи, бидејќи само тогаш духот трае низ времето и да ги создава тие слики на незаборавот.

Пеjзажите и нивната патина, надополнети со анимирани вињетки, носат свежина и уникатност

Марта Попивода како режисерка ќе направи многу добар пристап кон приказната на Соња Вујановиќ, прераскажувајќи ја низ траењето, низ пејзажите, низ паралелите тогаш и сега, а кои веќе сами по себе зборуваат и откриваат бројни други слоеви. Бидејќи, колку што борбата може да опстои и да биде неуморна, исто е и со другата страна, исто е и со оние кои неа сакаат да ја задушат. Марта Попивода и Ана Вујановиќ (кои го потпишуваат сценариото), на свој начин, водат своја борба исправени пред многу предизвици во сегашноста, исправени пред многу ризици и искушенија, но свесни за трагата што останува зад нас, за оние белези што ги носат времето и настаните. Нивната борба можеби не е така драматична, навидум нема жртви и убиства, но има несреќи, има разочарувања, има тага.

Познатиот споменик на неjзиниот соборец, Стева Филиповиќ, коj стана олицетворение на отпорот и на борбата

Оставината е во сите нас

Да, денес нема фашистичка окупација, но има фашизам и расизам, има неправда, има девалвирање, има зло, има многу „пософистицирани“ начини кои ве ограничуваат и ве тераат на друго место да го барате својот дом. А има ли нешто полошо од тоа, кога онаму каде што припаѓате не можете да бидете свој, кога на некој начин непријателот е невидлив (барем за оние кои така сакаат да гледаат), што е уште полошо, бидејќи некогаш барем се знаело против кого се војува. Точно, секое време има свои особености, но желбата на човекот и трагите во времето и во просторот се вечни.

Животот на Соња многу точно ги исцртува настаните за време на војната во Југославија, на толку емотивен и носталгичен начин зборува за нејзините другари, за солидарноста и помагањето едни на други, за подготвеноста да се поднесе сè за да се ослободи својата земја и својот народ. Затоа и некако во раскажувањето на Соња нема револт, нема бес, нема несреќа, не, таа сака да зборува за тоа време во кое тие својот долг го исполниле, сака да се сеќава на луѓето, на нивната стаменост, на нивната храброст, на нивната ранливост, на нивната љубов и подготвеност да загинат едни за други.

Впрочем, има некоја гордост во сето тоа, има задоволство, има желба да се остави вистината зад себе, бидејќи Соња била дел од нешто толку големо, толку важно, толку значајно, нешто кое ве обележува за цел живот, нешто кое го измени светот глобално, но и нашиот интимен свет. Колку што сето тоа има влијание на Соња, има и на нас, бидејќи оставината не е само во бројките, не е само во фактите и спомениците, оставината е во сите нас, во начинот на кој го гледаме светот, во начинот на кој се бориме за себе, во начинот на кој гледаме во хоризонтот, во она што е затскриено, но и она што допрва во него треба да се исцрта. Соња ќе загуби драги луѓе, ќе биде мачена, ќе помине долго во затворите, ќе биде одведена и во Аушвиц, и во Равенсбрук, но нема да престане да сака да живее, да се бори и да верува дека ќе продолжи. Нејзината волја е нестварна, неверојатна, толку силна, толку храбра, толку истрајна. Пејзажите на отпорот се некако вткаени во нејзината душа, во нејзините сеќавања, во онаа меморија која сака да нѝ ја пренесе за да не заборавиме, за да паметиме, за да веруваме, да знаеме дека може.

Пејзажите на отпорот не се врзани за време

Таа беше и остана партизанка во својот живот, во своите приказни, во својот однос кон светот, таа беше подготвена да се жртвува и да се наврати на сè токму онака како што било. Бидејќи, животот има вредност само ако сте исправени, ако го гледате со отворени очи, ако во него верувате, ако ја знаете вредноста, ако ја носите во себе суштината. Не е најважно дали некој е запаметен како херој или не, најважна е борбата, најважно е таа да е дел од вас и вие од неа. Тоа е она што Соња со целото свое битие го порачува, таа е жив споменик на едно значајно време, но впрочем, кое време не е значајно…

Пејзажите на отпорот, всушност, и не се врзани за време, затоа и се исклучително важни. Начинот на кој овие глетки и нивната патина се надополнети со анимирани вињетки, носи една свежина, уникатност и единственост како во раскажувањето, така и во пристапот. Попивода и Вујановиќ наоѓаат навистина оригинален начин да ја раскажат оваа безвремена приказна, која ги спојува времињата, но не фиктивно, или само со борбата и отпорот, туку со значењата со таква решителност испишани во тие предели кои пред нас и по нас ќе зборуваат за наслагите на времето, за напластените проблеми, војни, конфликти, за љубовта, за барањето подобар свет. Можеби жртвите не се исти, но тоа не значи дека ги нема.

Факт е дека денешната борба е поинаква, на свој начин полесна или потешка, но подеднакво значајна, затоа што правдината не доаѓа со победа на окупаторот, туку со истрајноста, со вистинитоста, со отвореноста и искреноста, со верноста. За жал, непријателот не е ист, не е секогаш видлив, и не е подготвен на отворен фронт. Но, борбата продолжува, иако многу работи за толку кратко време се тотално девалвирани (како празникот на жената, на пример), доведувајќи ги така невидливо работите дотаму да се претворат во своевиден апсурд, кога самите жени се бранат од него.

Сегашноста и минатото онакви какви што се

Навистина, колку умее понекогаш невидливото да ги бојоса тие обриси, да ги избрише или помати, колку умее скриеното да направи штета. Затоа ангажираноста сè чини уште позначајна денес, бидејќи правата и правдата, а особено слободата никогаш не се докрај извојувани. Тоа го потврдуваат и пејзажите, во кои остануваат отпечатоците. Колку и да сака некој да верува дека не е така, тие навидум неподвижни слики се тука, покрај нас. Пристапот на авторите, да се зборува реално со целата тежина на времето, со потполна искреност, без дополнителни звуци или значења, туку нурнувајќи се во реалноста онаква каква што е и каква што отсекогаш била, е извонреден, носејќи нѝ ја вистината на еден толку искрен начин и отворајќи и наметнувајќи прашања кои траат и денес. Во тоа се чини и е неговата големина, бидејќи ова не е само документарна приказна, ова е живот исцртан низ времето, рефлектиран во пејзажите, со сето она што само луѓето и времето можат да го донесат и да го втиснат трајно во вечноста.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.