ФИЛМ+ОДБЛИЗУ СО СУЗАНА ДИНЕВСКИ

„Македонската кинематографија би ја споредила со морски бран, која последните години доживува успех и препознатливост во светски рамки. Убаво е да се одржи тој бран што подолго“, вели режисерката, сценаристка и продуцентка Сузана Диневски

Разговара: Гена Теодосиевска

Сузана Диневски повеќе од 20 години живее на релација Скопје-Торонто и не случајно. Како што покажуваат и светските искуства, филмските автори каде и да се, својата инспирација најчесто и најуспешно ја црпат од сопствената земја, од приказните и луѓето покрај кои живееле и кои ги чувствуваат блиски. Нејзин најпознат филм е „Децата од 1948“ (2004) со кој освои повеќе признанија, а беше и на Канскиот фестивал, а преубава приказна донесе и со „Трагачи по звукот“ (2011), за семејството Богдановски кое изработува виолини. Професионалната љубопитност сега ја носи во други води, во оние затворски приказни чии последици се поголеми надвор отколку внатре, и во вечниот предизвик на љубовта, по кој се чини трагаме сите.

ФИЛМ+: Не секогаш го имаме задоволството да ве сретнеме и да поразговараме со вас. Половина година сте во Канада, каде што живеете и каде завршивте Висока школа за филмска режија, подготвувајќи сценарија и проекти, половина година сте во Македонија. На тој пат Торонто виа Скопје се „случуваат“ и вашите филмови, зарем не?
Сузана Диневски: Задоволството е мое. Да, најчесто половина од годината сум во Скопје или подолго, а останатите месеци сум во Торонто, зависно од актуелните работни обврски. За филмовите се инспирирам најмногу од вистински ликови и стории од нашето секојдневие, но, пред сè, сакам да создавам филмови што поттикнуваат емоции, за да допрам до срцата на публиката.

„Шеќерни луѓе“ – љубовна приказна за Филип и Елена, кои ги играат: Сара Климоска и Филип Траjковиќ

Ве препознаваме како вешт сценарист и режисер на документарни креативни филмови, но и продуцент, а сега подготвувате краток игран и долгометражен документарен, зарем не е компликувано да ги работите во исто време?
-Предизвик е, секако, да се биде истовремено и сценарист и режисер и продуцент или паралелно да се работи на два проекта, како што правам моментално, но желбата да се надградувам како уметник е поголема од физичката исцрпеност што ја чувствувам додека со денови снимам, монтирам или режирам.

Во првите два документарни филма го имате историскиот („Децата од 1948“) и актуелниот („Трагачи по звукот“) наратив, што е со следните два проекта, кон кои контексти тие клонат?
-Проектите на кои моментално работам се: кратометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“, една симпатична и шармантна љубовна приказна, а другиот е долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“, за една реална сторија од затворскиот живот.

Сара Климоска во „Шеќерни луѓе“

Каде го наоѓате моментот на зачеток на едно сценарио, на една приказна?
-Зачетокот секогаш се раѓа од животните искуства на главните протагонисти. Се работи за еден подолг процес, кој почнува со некоја идеја што ме инспирилала, сум ја прочитала или за која сум слушнала, па следи детално истражување и развој на таа идеја, што води кон дополнително и темелно испитување сè до пронаоѓање на вистинските ликови за документарните филмови.

Со кои најголеми компромиси сте морале да се соочите? И, дали тоа остава тага и разочараност, па можеби помалку и гнев кај филмскиот автор?
-За едниот проект, фрустрирачки беше снимањето во лоши услови или зимски месеци кога денот е пократок, а со тоа и работниот ден. За другиот, барање посебни дозволи за снимање и пристап до локацијата, односно долгата административна процедура пред снимање и, секако, пронаоѓањето на вистинските ликови и здобивање на нивната доверба и согласност. Секогаш има тага или разочараност, дури и малку гнев, посебно ако не се завршат обврските во планираната временска рамка, но се обидувам да гледам на позитивната страна и да барам начини да ги надминам проблемите. Со гнев не се снима.

Копродукции и како до нив?
-За кратки филмови да најдеш копродуцент од друга земја е речиси невозможно, чест на исклучоците. Ако не се фестивалите и нивната почит кон овој филмски формат, многу тешко, бидејќи за нив, за жал, нема ни пристоен кинопазар, а дистрибутерите често ги игнорираат. Што се однесува, пак, до документарниот филм можам да кажам дека би било стратешки и програмски корисно за нашата кинематографија да се вклучат посериозно и тв каналите.
Според мене, генерално, филмската индустрија е тешка област за работа било каде во светот, значи и кај нас и во САД и во Канада, каде што е далеку поразвиена и поконкурентна од тука. Борбата да се успее во оваа индустрија е тешка, долга и бара многу упорност и истрајност.

Филмот стана привлечна и лукративна уметност за малкумина, а напорна за многумина и сè уште останува цврста тврдина во која доминира машкиот пол. Како гледате на овие тези?
-Да, филмот е привлечен, а филмската индустрија лукративна, но за повеќето филмаџии е многу напорна. Сепак, да го работиш тоа што го сакаш и да заработиш, е најголемиот успех за еден уметник. Некои уметници успеваат во тоа, а некои се борат постојано.

Интимни приказни на неколку жени за нивното емотивно, социjално и психолошко патешествие низ кое минуваат додека нивните мажи се во затвор

Дали сметате дека филмот е уметност што „окупира“? Имате ли време да се израдувате на завршениот филм, имате ли време за семејството?
-Како режисер си преокупиран цело време, како секој уметник кога создава. Филмовите ги гледам како деца, и тие ми го одземаат целото време, а и откако ќе се заврши, некако останува засекогаш со вас. Мора да се направи баланс и да се најде време. А, секако, најубаво е кога ќе се израдувате на вашиот завршен проект заедно со семејството.

Поддршката од колегите, од блиските, колку е тоа важно, потребно, пожелно?
-Поддршката и од семејството и од колегите е еднакво важна, потребна и посакувана. Без поддршка од своите не можете целосно да се посветите на работата, посебно ако немате емотивна поткрепа и разбирање. Истото важи и за потпората од колегите, убаво е да ја имаш, но не секогаш ја добиваш или можеш да сметаш на неа.

Затворските стории во филмот „Љубовна соба“

Неостварени желби, но желби што си ги приближувате секој ден за еден здив, за еден милимитар, за еден степен?
-Една од моите неостварени желби е да снимам долгометражен игран филм, кој би се прикажувал пред домашната публика во преполната киносала „Милениум“. Во минатото сум учествувала со проекти на многубројни интернационални филмски фестивали и маркети, а и на Канскиот филмски фестивал во 2005 година беше прикажан „Децата од 1948“ во рамките на програмата на „Кодак“ (Kodak Worldwide Emerging Filmmaker’s Showcase). Секако, би сакала и со долгометражен игран филм да постигнам успех и да освојам награда на некој престижен филмски фестивал.

Македонија како ваша топла прегратка, дали ја сметате како таква или тоа е преголема патетика?
-Каде и да одам и каде и да живеам, секаде и, пред сè, за себе сум Македонка. Според мене, можеш да имаш и корени и крилја, без да мора да избираш.

Непремостливите жици кои го делат затворот од надворешниот свет, во кои има толку симболика

За крај, што треба да промениме во нашиот филмски и фестивалски живот овде, што вие би сакале како филмаџија да го видите и почуствувате?
-Во врска со фестивалскиот живот, сметам дека е потребно поголемо внимание и почит кон режисерите и продуцентите, посебно кога се прикажуваат нивни филмови (на пример, неодамна мој филм беше прикажан на фестивал во Скопје, без да бидам информирана и без претходна согласност од мене), а во однос на филмската индустрија лично сметам дека е потребна поголема ажурност при реализација на проектите, и од продуцентите и од надлежните институции. Македонската кинематографија би ја споредила со морски бран, која последните години доживува успех и препознатливост во светски рамки. Убаво е да се одржи тој бран што подолго.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.