ФИЛМ+ПОЛЕМИКА ЗА ИДНИНАТА НА ФИЛМОТ

Познатиот холивудски режисер Мартин Скорсезе вели дека тензијата меѓу студијата во 1940-тите и 1950-тите години била конструктивна и од неа се родиле многу уметнички дела, но тензија меѓу филмот како уметност и како консументски производ, е непродуктивна

Пишува: Кирил Дончов

Насловот на оваа мала полемика за иднината на киното и филмот, или како што ми омиле да ја наречам, иднината на движечките слики, лежи токму во обидот да се вратам на изворната мисла за тоа што е кино, како сме дошле до тоа денес движечките слики да ни станат толку блиски, што може да се гледаат и на малите екрани на нашите телефони, но подлабокото прашање позади тоа е, до кога така и каде тоа ја води седмата уметност која на нас „кинефилите“ (љубители на филмот) нѝ е многу драга?

Стримингот ќе го потисне киното, а со тоа и специфичната убавина на доживување да се оди в кино и да се премине во друга реалност

Полемиката за иднината на филмот е започната пред некое време, но дигитализацијата на медиумот ја лансира дебатата во целосно нови насоки. Најистакнат во интелектуалното оспорување и сомнеж е истакнатиот американски режисер, Мартин Скорсезе. Тој смета дека преку истакнување на суперхеројските филмови и нивната комерцијализација, филмот се претвора во некаква си игра или играчка и го одвојува од неговата златна ера, кога се издигнал на ниво на уметност. Филмот како уметност за Скросезе е опишан во зборот cinema, популарен збор кој на англиски може да значи кино, филм или кинематографија, но своето потекло зборот го влече од грчкиот збор кинема, што значи движење. Во популарна смисла, Скорсезе со овој збор ја означува златната ера на филмот, можеби непосредно пред дигитализацијата на медиумот, каде преку старите техники на снимање, монтирање и продукција се доаѓало до едно севкупно уметничко дело.

Загриженоста на Скорсезе доаѓа и во време кога стриминг културата е во својот пик, почнувајќи од Нетфликс, преку Епл, Дизни, Парамунт, Амазон Прајм, Јутјуб, а се очекува и многу други технолошки гиганти да влезат во бизнисот. Навиките на луѓето во дигиталната ера и пазарот го диктираат темпото на развој дури и на филмската уметност. Ова би било точно ако филмот би бил само бизнис, но не е. Затоа тука сме да понудиме алтернативни решенија. Рики Џервејс, познатиот контроверзен британски комичар, неколку години по ред ги исмеваше холивудските ѕвезди на Златните глобуси, но дури и тој на последното свое појавување кажа дека сите награди треба да му бидат доделени на Нетфликс, а другите слободно може да си одат дома. Оваа хумористична замерка говори многу за тоа во каква состојба е филмот.

Гледањето на филмот на нашите телефони jа наметнува полемиката за иднината на филмот

Скорсезе вели дека тензијата меѓу студијата во 1940-тите и 1950-тите години била конструктивна и од неа се родиле многу уметнички дела, но оваа тензија меѓу филмот како уметност и филмот како консументски производ, е непродуктивна, со тоа што таа тензија би завршила со разидување на двете форми. Дваесеттиот век е век на бурни промени, а овој нашиов се чини како да се освестува од тие револуционерни промени, па сака да задржи статус кво и поприма секакви нови етаблирани форми. Не дека самиот стримиг е лоша работа, но претставува нов предизвик за синеастичкото доживување на филмот. Стримингот ќе го потисне и киното, а со тоа специфичната убавина на доживување да се оди в кино и да се присуствува во друга реалност, ќе го снема. Ова може звучи сентиментално, но сепак филмовите се влијателна сфера во животот на многу генерации, па заслужуваат да им обрнеме повеќе внимание и да видиме како се развиваат.

Филмот слично како во 1960-тите е пред нов рубиконов момент, мора да се избори од стегите на технологијата која неуморно го турка во еден правец, а тој како израз упорно сака да да ја задржи својата автентичност.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.