Просто да се запрашаш – дали воопшто нѝ биле потребни светилници како Тарковски и Бергман

ФИЛМ+СТАВ

Вистинското прашање што треба да се постави е – што донесе финансирањето на исти луѓе со децении?!

Пишува: Синоличка Трпкова

„Ниедна уметност не оди подалеку од обичната свесност како филмската, право во емоцијaта, во мрачната соба на душата“, рекол Ингмар Бергман. Тој и Андреј Тарковски се филмски уметници без чии филмови не би постоелe многу од денешните филмски дела. Тарковски создавањето на филмот го споредува со создавањето на човекот и на светот. Тој вели дека способноста да се креира е блиска до онаа на бога. Обаjцата оставиле зад себе уметнички дела што се извор на инспирација за секој млад филмски творец денеска. Тие ги поставиле „критериумите“ за создавање филмска уметност толку високо, што денешните филмски политики и условености наметнати од фондовите за финансирање, не само што се aпсурдни, туку се и навредливи за филмските творци.
Кога се доделуваат пари за правење филм, во јавноста читаме дека – тој и тој режисер добил толку и толку пари. Небаре режисерот ги добил сам, и сам одлучува како ќе ги троши. Како може режисер да добие пари за филм, кога продуцентот е тој што аплицира?! И не само тоа, туку конкурсот е условен од делата на продуцентот, а не на режисерот?! Режисерот, освен ако не е и сам продуцент, добива хонорар од продуцентот кој има неприкосновена моќ врз парите. Фактот дека на режисерот, колку и да е добар, според условите од фондот, му треба искусен продуцент за да може да направи филм, нè довел до овој денешен коруптивен лавиринт. Имате два-три продуцента, па ако сакате да правите уметност – може, ама само со нив, ако не се зафатени!? И имате само еден вечен „газда“ на фондот во спрега со партијата, без кој ниедна одлука за финансирање не се аминува!

И странските фондови страдаат од вакви и слични бирократски политики. Ако сакаш да правиш филм, а си млад уметник или на почеток од кариерата, ќе мораш да исполниш еден куп наметнати критериуми од бирократи и квази-борци за правда, како продолжена рака на моќниците што владеат со парите. Просто да се запрашаш – дали воопшто ти биле потребни светилници како Тарковски и Бергман од каде што си црпел, знаење, љубов, инспирација!?

Условувањето на уметникот е спротивно од она што го зборуваат големите филмски уметници. Ниедна уметност не смее да биде условена. Оној миг кога таа се условува станува политичко, пропагандистичко и идеолошко оружје во раце на моќните

Како може слободата на творење во една ваква комплексна уметност да биде условена со етнички, родово/полови, феминистички, боја на кожа, лгбт, политички теми!? Та зарем еден уметник инспириран од великани како гореспоменатите, има во себе ткиво за во своите дела да поништи нечие постоење и слобода?! Условувањето на уметникот е спротивно од она што го зборуваат големите филмски уметници. Ниедна уметност не смее да биде условена. Оној миг кога таа се условува станува политичко, пропагандистичко и идеолошко оружје во раце на моќните.

Но, би прашале, како да се превенира давањето пари на неискусни уметници? Одговорот е – никако! А и зошто би се превенирало, кога ризикувањето да се помогне млад/неискусен филмски творец носи поголема промена отколку статус-кво финансирање на исти луѓе со децении. Факт е дека тој што навистина сака да направи филм, може и без гломазни екипи, извикани продуценти и големи суми. Многу познати филмски творци почнале со ентузијазам и без пари, а дотерале далеку. Впрочем, такви примери имаме и дома.

Зашто чекање поддршка од фондот, следење апсурдни правила на конкурсите, аминувања од бирократи со агенди, кои попрво ќе го клекнат уметникот на колена, наместо да му дадат крилја. Во едно неразвиено пазарно општество како нашето, фондот по се изгледа постои само затоа што во него циркулираат големи пари, кои и онака никогаш не се доволни за апетитот на „големиот“ македонски филмаџија. Каде одат тие пари и како се трошат, е прашање? Но, ако државата како и досега, мижи за проблемите со фондот и партиските миленичиња, тогаш ѝ предлагам сумите да ги сведе на минимум или барем да ги замрзне на некое време, бидејќи не постои подобар начин за јасно да видиме како стоиме со вистината, жилавоста и ентузијазмот во создавањето филмска уметност.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.