Филмот и театарот ги развиваат аналитичките вештини

179

ФИЛМ+ИНТЕРВЈУ ЗА ФИЛМОТ ВО УЧИЛИШТАТА

„Не секој или малкумина ќе станат сликари, музичари, актери, танчари, но, со изучувањето на некоја од овие дисциплини, може да се развијат вештини што ќе бидат корисни за понатамошниот развој на личноста на младиот човек“, вели во интервјуто за „Филм+“ наставникот Деан Дамјановски, кој предава Театар и Филм во средното училиште НОВА

Разговара: Кирил Дончов

„Филм+“ уште на самите свои почетоци ја стартуваше иницијативата за воведување на филмот како предмет во образованието. Имавме повеќе текстови на таа тема и разговори со учениците, како и со професорите во средните училишта, кои секогаш беа за воведување филм во училиштата. Сега, по одредено време, повторно се навраќаме на оваа тема и продолжуваме со нашата иницијатива, низ разговорот со Деан Дамјановски, кој се чини дека не само што е компетентен, туку има и такво директно искуство во Меѓународното училиште НОВА, поточно во Гимназијата НОВА. Деан Дамјановски дипломираше театарска режија во Софија, Бугарија, а во моментов е вработен (како режисер) во Театарот „Ј.Х.К.- Џинот“ во Велес. Зад себе има 20 години театарско искуство и околу 40 претстави и други театарски проекти во земјава и надвор од неа. Дамјановски има и докторат на ФДУ во Скопје на компаративна тема за односот помеѓу театарот и телевизиските серијали. Што се однесува до педагошкото искуство, работи како помлад асистент на факултетот во Софија, предава на Филмската академија во Штип, и е хонорарен наставник по драма односно по Театар и Филм во средното училиште НОВА.

Театарот и филмот долго време не се сметаа за потенцијални предмети во средното образование, но би рекол дека и уметноста, воопшто, е речиси целосно запоставена во образованието, иако како предмети постојат музичкото и ликовното образование. Како да ги прошириме нашите хоризонти кон театарот и филмот, со еден збор, кон драмата како уметничка форма на изразување?
Деан Дамјановски: Интересно е како во една бивша социјалистичка држава, во која театарот, а особено филмот биле прилично експлоатирани како медиуми за ширење и поддржување на комунистичката доктрина, не станале дел од образовните планови во основните и во средните училишта. Претпоставувам дека, од една страна, се работи за некоја инерција и мултиплицирање на веќе постоечки образовни модели. Од друга страна, пак, сметам дека таа слаба застапеност на уметностите, воопшто, доаѓа од оној материјалистички прагматизам кој вели, „а што ќе му е уметност на ученикот?“ Во смисла, талентираните секако ќе си одат во средно уметничко школо, па на факултет… Ретко кога се размислува за уметноста, вклучително за наставата по филм и театар, како за начин на гледање на светот и за дисциплини кои развиваат определени „вештини“ кај ученикот. Се разбира, дека не секој или малкумина ќе станат сликари, музичари, актери, танчари, но, со изучувањето на некоја од овие дисциплини во средното и во основното, може да се развијат вештини што ќе бидат корисни за понатамошниот развој на личноста на младиот човек, независно во која сфера ќе избере да се развива. Аристотел разликува три вида на знаења или сознанија: 1) теоретско (чија цел е вистината), 2) практично (чија цел е дејствувањето) и 3) поиетичко (poiesis=создавање, чија цел е сознанието за производството, за тоа како се прават нештата). Последниот тип на знаење се однесува на уметноста како „техне“, односно како област која стои меѓу теоријата и праксата и се занимава со тоа КАКО се стигнува до определени вистини. Имајќи предвид дека една од основните премиси на наставната програма во НОВА е „учење како да се учи“, позицијата на предметите од областа на уметноста што се предаваат таму е токму таа – не да бидат цел, туку средство за стекнување одредени вештини кои ги надминуваат границите на уметничката пракса.

Учејќи за овие две уметнички форми, ученикот развива разбирање за нив како за средства за изразување, кои ги надминуваат културните ограничувања и зборуваат на универзален јазик

Сметам дека еден од начините да се разбере потребата за воведување на овие предмети во основното и во средното образование и со тоа да се прошири изборот на уметнички предмети, би бил најпрво да се разбере реалната „потреба“ од нив и со што и како тие би допринеле за образованието на учениците и за развојот на нивната личност. Повторувам дека оваа „потреба“ треба да биде надвор од исклучиво „директниот“ (занаетски) прагматизам – учам нешто за да можам директно да го применам и од тоа да заработувам, а повеќе во насока на сфаќање на уметноста (театарот и филмот) како средство кое ќе му помогне на ученикот понатаму во животот да научи сам да стекнува знаења.

Дали можеш да ни споделиш некои искуства од твојот ангажман како професор, кој предава изборен предмет Филм во приватно училиште?
-Со оглед на тоа што наставната програма во Меѓународните училишта НОВА се разликува од онаа во државните училишта, тука би се ограничил на еден општ осврт на предметите Театар и Филм, во рамките на изборната група „уметности“. Тие се дел од меѓународната наставна програма MYP (Middle Years Programme) и DP (Diploma Programme), кои ги предлага меѓународната организација IBO (International Baccalaureate Organization), чија цел е создавање целокупна заедница на училишта, каде што учениците ќе бидат глобално ориентирани, љубопитни, критички и креативни мислители, кои се отворени за различни вредности и традиции.

Моето скромно искуство вели дека младите сакаат
да гледаат, анализираат, дебатираат, доколку им се даде можност

Во рамките на вака поставениот образовен концепт, уметничките предмети, вклучително Театар и Филм, имаат за цел да ја развиваат кај ученикот љубопитноста за себеси, за другиот и за светот, да му помогнат да го развива креативното мислење, создавајќи, изведувајќи и презентирајќи уметнички дела, како и да ја развиваат иновативноста, перцепцијата и аналитичките вештини. Уметноста во IB програмата е третирана како важна алатка која одговара на потребите на современото „ученик-ориентирано образование“ (student-centered learning) и „доживотно образование“ (lifelong learning), во денешниот контекст на флексибилен пазар на трудот, во кој сè повеќе се цени иновацијата и приспособувањето.

Предметите Театар и Филм го поттикнуваат развојот на креативните, рефлексивните и комуникациските вештини низ практична работа, во која акцентот е ставен врз процесот и врз разбирањето на ученикот на истиот. Развојот на овие вештини се одвива низ континуиран процес на истражување, планирање, поставување цели, пробување, изведба, рефлексија и самоевалуација. Учејќи за овие два медиума или две уметнички форми, ученикот развива разбирање за нив како за средства за изразување, кои ги надминуваат културните ограничувања и зборуваат на универзален јазик.

Дали некогаш имало напори да се воведе нешто слично и во нашиот државен образовен систем?
-Не сум многу запознаен. Знам дека некаде во почетокот на 2000 имаше една иницијатива за воведување на предметот „Драмска уметност“ во гимназиското образование како изборен предмет. Јас бев вклучен во изработување на учебникот од страна на Институтот по театрологија при ФДУ, но тој учебник досега не ја видел светлината на денот.

Каква е твојата замисла, од искуството кое го имаш, што би можел да им препорачаш вака јавно на читателите и на надлежните како идеја, од каде да се почне со филмското образование?
-Некој кој има моќ на одлучување треба да реши да ги воведе предметите. Понатаму е прашање на проби и грешки. Но, без да се проба, нема како да се знае дали е корисно или не. Веројатно би требало да се идентификува кои би биле реалните интереси на учениците од воведување на вакви предмети и да се фокусира на тие аспекти како на приоритетни.

Кои чекори би требало да се преземат најпрвин, пред воопшто да се воведе филмското образование? Секции, почесто гледање филмови од страна на младите, посета на киносали итн?
-Не сум сигурен дека младите немаат услови за гледање филмови. Сега се достапни многу повеќе од порано. Можеби некој вид на систематско гледање филмови со објаснување, со сфаќање на уметноста во еден поширок контекст. Моето скромно искуство вели дека младите сакаат да гледаат, анализираат, дебатираат, доколку им се даде можност. Веројатно таму би требало да се насочат напорите. Иако, ова го кажувам повеќе како ентузијаст, отколку како образовен експерт.

Кои би биле потенцијалните придобивки од филмското образование? Дали зголемување на квалитетот на филмаџии и филмови во земјава?
-Придобивките се, пред сè, за учениците и ги наведов погоре, а со тоа, претпоставувам, и за целото општество. А дали тоа ќе влијае на зголемување на квалитетот на филмската продукција кај нас, тоа не би можел да го кажам. Од она што сум го гледал од домашната продукција, би рекол дека за една мала земја и не стоиме така лошо, баш напротив.