Подготовките за Кан се напорни, но слатки маки

105

Интервју со Марија Апчевска-Петровска

Со третиот краток филм „Северен пол“, Марија Апчевска успеа за првпат да ја одведе Македонија во официјалната програма на гламурозниот Кански филмски фестивал, каде што ќе се бори за престижната „Златна палма“

Разговара: Гена Теодосиевска

Конечно, филмски уметник што не го „трчаше кругот“ од два кратки филма, според чудните критериуми на Агенцијата за филм, само за да има право да аплицира за долгометражен филм. Марија Апчевска остана верна на својата професија и на идејата за нејзиниот трет краток филм, што ја окупира повеќе од три години. Во нашата мала земја „93,3 проценти“ од филмските ни автори, се родени да режираат само целовечерни играни филмови…
Апчевска на 62. Берлинале во програмата „Генерација плус“ се појави на меѓународната филмска сцена со „Бардо“, нејзиниот втор краток филм „Амби“ беше селектиран на повеќе од 30 фестивали, а со „Северен пол“ ја потврдува својата искрена потрага по реален режисерски концепт, кој е насочен во истражување на два антипода: агонијата и спокојството на осаменоста, на доброволната самоизолација и спонтаната бунтовност. Чувството по нивното гледање трае, опстојува, а размислата останува. Таа не се стеснува преку ретко рафинирани режисерски детали да го претстави светот како прекрасно, но и страшно место за живеење.

Марија Апчевска е особено отворена и екстровертна уметница, приемлива и топла, но многу сериозна во својата професија и исклучително посветена. Нејзиниот филм „Северен пол“ обилува со необична визуелна драматика и со право е селектиран меѓу десетте кратки филма во официјалната конкуренција на годинешниот Кан. Интересно е дека годинава пристигнаа дури 3.793 апликации. Самата селекција за нас значи победа, другото не е толку важно. На 74. Кански филмски фестивал „Северен пол“ ќе биде прикажан на 16-ти јули во салата „Дебиси“, а веќе утредента, на 17-ти јули, ќе биде доделена „Златната палма“ во оваа категорија.

На Канскиот фестивал, меѓудругото, се очекуваат и премиерите на десетте кратки филма избрани во главната програма. Конкуренцијата е огромна, сите сакаат да се најдат меѓу малкутемина „среќници“, бидејќи факт е дека да се биде дел од Кан и од трката за „Златна палма“ е престиж. Ти веќе имаш искуство со големите фестивали, па кажи ни како се подготвуваш за настапот во Кан, дали имаш меѓународен ПР, дистрибутер, на кој начин ги балансираш радоста и обврските?
Марија Апчевска: Радувањето и обврските поврзани со Кан баш некако одат заедно, во некаков взаемен баланс. Да се биде дел од еден од најреномираните светски фестивали, значи и огромен број задачи поврзани со самата премиера, со придружните елементи околу претставувањето, како и со другите настани од кои ќе бидам дел како режисер во официјална компетиција. Паралелно се случуваше и комуникацијата со организаторите на фестивалот, дистрибутерите и колегите од целиот свет… Но, колку и да е напорно, морам да признаам дека тоа, сепак, се слатки маки. Сè е дел од нешто неверојатно што ни се случува нам, на целиот тим и на филмот, и уживаме во секој момент.

Дали е тешко да се истрае и да се следи сопствениот креативен концепт, кога во 15 минути треба да ја раскажеш својата приказна на начин кој никого нема да го остави рамнодушен. Не е лесно да се задржи вниманието на публиката и на критиката, да ги натераш да се пронајдат во судбината на твоите протагонисти и во сето тоа да најдат провокација, бидејќи краткиот метар е голем предизвик и за големите филмски мајстори?
-Краткометражниот филм е посебна форма на која работат и млади автори и искусни режисери. Toa e форма која, поради должината, остава простор за повеќе експериментирање и во наративна и во визуелна смисла. Истовремено, тоа е форма во која се обработуваат и поставуваат подеднакво големи и значајни теми и прашања. И сè тоа во тесна временска рамка. Едноставно секако не е, ни најмалку, процесот на создавање филмско дело од било кој формат не е лесен, без разлика дали се работи за игран или документарен, а краток или долгометражен.

„Северен пол“ е твое сериозно филмско истражување. Што е тоа што те инспирира да „влезеш во кожата“ на другиот?
-Верувам дека нема дефиниција за тоа од каде доаѓа инспирацијата. За мене лично секогаш било различно. Некогаш тоа може да биде музика, фотографија, нешто што читам и следам или нешто што ќе ми остане во сеќавање од некој разговор. Но, од тој момент до следниот чекор пресудно е дали тоа е тема која сметам дека е важна, која ја чувствувам блиска и за која мислам дека имам нешто искрено да кажам. Неодамна на таа тема разговарав со една блиска пријателка, за тоа како собраните песни на еден поет го сликаат неговиот портрет. Тоа важи за секоја уметност, каде оној што создава навистина влегува во кожата на другите, но истовремено тие влегуваат и стануваат дел од него.

Имаш ли понекогаш чувство дека режисерите умеат најинтимните човекови размисли, радости или страдања да ги употребат само заради своевиден ефект, мислам на она арогантно „гребење“ на површината на емоцијата за да се придобие гледачот, без да се навлезе подлабоко или да се анализира. Кај тебе ми се чини дека тоа успешно го избегнуваш и со малку или ич муабет, многу е кажано и доживеано?
-Според мене не постои генерализација. Секој режисер ги одбира темите за кои зборува на различен начин, различно ги обработува, а бидејќи создавањето филм не е егзактна наука, никој не може докрај да биде сигурен како она за што зборува на крај ќе биде примено од публиката. Мислам дека еден режисер два пати да го снима истото сценарио, нема да може да направи ист филм, дури и да сака. Секако, како и во секоја друга професија така и во нашата, постои избор на теми само поради некаков сензационализам и актуелност, а притоа авторот да не се пронаоѓа искрено во нив.

Кога велам дека ти си ретка филмска авторка што работи со арт-концепт, го мислам тоа во секоја смисла, не само во поглед на сценариото и режијата, туку и во визуелниот дел. Во „Северен пол“ се одлучи за 16мм филмска лента и техника на снимање што ја употребуваат само оние кои сакаат нешто со тоа да потенцираат, да го зголемат чувството на дистанца, на нешто толку блиско, а во исто време туѓо?
-Имаше повеќе причини за одлуката за 16мм лента, и тоа уште на самиот почеток, кога го развивав сценариото. Изгледот ѝ одговараше на приказната, а дополнително сакав и да го поминам тој процес што носеше ограничувања и бараше поинаков пристап во подготовките и во снимањето. Можам да кажам дека тоа беше правилен избор и со задоволство повторно би снимала на таа филмска лента, без разлика за каков вид на филм се работи.

Психолошко-социолошкиот момент кај твоите „едноставни“ ликови е исклучително комплексно поставен. Дали тоа е резултат на опсервации, следење на одредени шеми во однесувањето кои се присутни во науката или…?
-Дефинитивно поминувам доста време во истражување пред секој проект и не би сакала да биде поинаку. Секој има свој начин на работа, а мојот вклучува многу опсервација и многу анализирање на сценариото, на ликовите и односите помеѓу нив, како и на позицијата од која јас ја гледам таа приказна.

Како ги одбираш соработниците?
-Веројатно некако взаемно се бираме. Сакам да имам тим со кој еднакво ќе ја делиме посветеноста на проектот. До сега сум имала среќа да биде така и во таа смисла навистина сум благодарна за поддршката и пожртвуваноста на сите кои стојат позади „Северен пол“. Со директорот на фотографија, Владимир Самоиловски, ова ни е веќе трет филм заедно, после „Бардо“ и „Амби“. Главната актерка, прекрасната Антонија Белазелкоска ја носи главната женска улога и во „Амби“, а втор пат соработувам и со продуцентот Роберт Насков, после серијата „Зоки Поки“.

Филмот како секојдневна размисла, како секојдневна желба. Кој беше клучниот момент кога беше сигурна дека си подготвена да правиш филмови?
-По секое снимање секогаш има уште нешто да се заврши, уште нешто да се доработи. Тоа е еден долготраен процес, кој со секој нов филм почнува од почеток, речиси како прв пат. Никогаш не си сто проценти подготвен. Кога одлучував да се запишам на филмска режија верувам дека најмногу ме водеше љубовта кон филмот и се трудам тоа така и да остане.