ФИЛМ+РЕЦЕНЗИЈА+ОСКАР ЗА НАЈДОБАР ФИЛМ

Кон „Земја на номадите“, режија, сценарио и монтажа: Клои Жао, улоги: Френсис Мекдорманд, Дејвид Стратерн, Линда Меј, Шарлен Свенки, фотографија: Џошуа Џејмс Ричардс, САД 2020

Сунчица Уневска

„’Земја на номадите’ е приказна посветена на оние кои мораат да заминат“, се вели на крајот на овој специфичен роуд муви. Но, не мислејќи овде на физичкото заминување, туку на она што е потешко, заминување од местото на кое му припаѓате, заминување од светот што со години сте го граделе, заминување од домот, разделување од луѓето кои биле вашата смисла и со кои сте делеле сè, што ви ја давало целта и силата да продолжите понатаму. И тогаш кога било тешко, и тогаш кога било невозможно, и тогаш кога било болно, но кога сте имале за што да се борите. Кога тоа ќе исчезне, се чини исчезнува сè.

„Земја на номадите“ е многу силен филм, кој зборува за оние работи за кои често не сакаме да мислиме. Тоа е филм кој нè соочува, не со крајот, бидејќи крајот и не е толку тежок, колку што е тешко немањето крај кога сè ќе загубите. Во него режисерката Клои Жао (која го адаптира сценариото според книгата на новинарката Џесика Брудер) зборува, меѓудругото, за тоа кога луѓето кои по толку години работа ќе останат без ништо, кога оние кои се во години наместо да добијат пензија и достоинствен живот, можат толку лесно да се најдат на улица. Жао се занимава со социјалните прашања и ја критикува суровоста на системот на кој не му се важни луѓето, кои едноставно се потрошна роба, но нејзиниот фокус не е само на тоа.

Она што се крие во позадината, она што излегува од под површината и се чини, боли уште повеќе, е всушност, чувството на припадност. Во еден момент сестрата на Ферн (Френсис Мекдорманд) ќе рече дека номадскиот живот е во американската традиција, но што всушност значи номадскиот живот? Колку тој е избор, а колку потреба? Навистина, луѓето кои ги среќава Ферн се и во потрага по работа, но многумина од нив и не тргнале на пат само заради тоа, секој од нив има своја приказна (а интересно е дека во филмот учествуваат и вистинските номади што Брудер ги среќавала во текот на своето тригодишно номадско живеење низ Америка).

Ферн спаѓа во оние кои не можат да се помират со загубата, со чувството да се биде потребен, со губењето на основното достоинство и сето она што ви ја давало смислата, без оглед дали во убавината или во страдањето. Бидејќи, сè тоа е живот. Авторката зборува за нешто што е многу поголемо од физичката загуба и од губењето на работното место. Номадите во овој филм не бараат само работа, не го бараат само своето место под сонцето, туку се бараат себеси, го бараат она неповторливо чувство на живот поради кое се чувствувале живи, го бараат загубеното, но емотивно и психолошко, бидејќи другото лесно се заменува.

Секако дека е страшно кога ќе останете без ништо. Но, кога поранешната ученичка на Ферн ќе ја праша дали е бездомник, Ферн одговара дека не е бездомник, само повеќе нема куќа. Не е бездомник, куќата не ја одредува, како што се вели и во филмот, домот го носите во себе, тој е во вас сè додека ја имате припадноста. Но, кога ќе ја загубите неа, тогаш човек се чувствува како да е на улица, како да е оставен на ветрометината на животот. Интересни се тие луѓе со кои се среќава, луѓе кои зборуваат за оние најбазични вредности, за она чувство на исполнетост, за пронаоѓањето смисла во слободата и поврзаноста со природата, за среќата и чувството на проживеаност. Однадвор, тоа се луѓе кои се навидум несреќни и загубени некаде во беспатицата, но кога подобро ќе ги запознаете, ќе видите дека не е така.

Од една страна, филмот го критикува тоа робување на капиталот и системот на кој најмалку му се важни луѓето. Но, тоа не се приказни за губењето, туку за заминувањето. За оние кои мораат да заминат, не затоа што не можат на друг начин да се снајдат, туку затоа што се во потрага по нешто поинакво. Не дека немаат можности, има различни солуции, но не е тоа тоа. Сè додека самите не се пронајдете. Затоа и тие приказни не се секогаш несреќни, не, има во нив чуден пулс на животот, сè зависи каде вашата потрага завршува или каде можеби започнува…

Френсис Мекдорманд дава уште една генијална, неверојатна улога која ве тера да плачете, не затоа што загуби, не затоа што е несреќна, не затоа што не може да се помири со тоа што се случува, туку затоа што е во потрага по „дух“. Затоа што го бара она чувство кое повеќе не може да се врати, го бара она спокојство и припадност кои повеќе ги нема, се бара себеси во некои сенки и сеќавања, но тоа не е доволно. Клои Жао ќе успее сето тоа така да го долови, што имате чувство дека можете да ја допрете реалноста, дека можете да ги осетите емоциите, да ја видите празнината, да го фатите недофатливото. Социјалните проблеми овде не се целта, тие се само повод за оние човечки приказни, за оние судбини кои ќе се најдат на раскрсницата во животот, кога земјата на номадите станува единствениот избор, не затоа што друг нема, туку затоа што ја дава илузијата на барање, барање кое ја носи надежта дека некогаш можеби повторно ќе ја почувствувате онаа вистинска припадност која единствена ја дава смислата.

Филм+++++