Уредувањето на домот според кинескиот фенгшуи-метод зема сѐ поголем замав во светот. Сѐ повеќе луѓе се одлучуваат својот дом да го уредат според фенгшуи-принципите и правилата, бидејќи веруваат дека на тој начин протокот на енергијата во домот ќе биде подобар и дека во домот ќе завладеат мирот и хармонијата.

Постојат строго одредени принципи врз кои се темели овој кинески метод, па затоа истиот тој досега се има покажано и како многу успешен. Некогаш е потребно да се направат само неколку мали и едноставни промени благодарение на кои ќе се подобри квалитетот на животот.

Огледалата го прошируваат просторот – огледалото поставено на некој ѕид во домот, покрај тоа што ќе предизвика илузија дека просторијата е поголема и поширока, исто така ќе внесе и поголема светлина во домот.

Поради илузијата што ја предизвикуваат огледалата, најдобро е да се поставуваат во ходниците и во помалите простории од домот.

Свежиот воздух лекува – во просторија што ретко се проветрува воздухот е застоен, а таквиот воздух е лош за енергијата на сите што престојуваат во домот.

Поради тоа, секоја просторија во која се поминува поголем дел од денот треба почесто да се проветрува.

Малку значи многу со отстранување на мебелот што е непотребен и кој на некој начин е вишок во домот, ѝ правите огромно добро на енергијата, која ќе има подобар проток и кај сите ќе предизвикува позитивни влијанија.

Важноста на боите внимателно одберете кои бои ќе преовладуваат во домот. Боите што ви се допаѓаат кај вас ќе предизвикуваат позитивно расположение и позитивно ќе ви влијаат во секој сегмент од животот, па затоа бидете опкружени со вашите омилени бои.

Растенијата смируваат – кои било видови цвеќиња посадени во саксии и други видови растенија внесуваат мир во домот. Растенијата побудуваат позитивни и пријатни чувства и истовремено го прочистуваат и го освежуваат воздухот.

Чистотата во домот – за да има добар проток на енергијата низ целиот дом, многу е важно домот секогаш да биде добро уреден и чист и сѐ да е на свое место. Доколку не водите грижа за чистотата на домот, се јавува чувство на незадоволство и на напнатост, кое се резултат на блокирана енергија во домот.

Кујната треба да биде добро осветлена – за постигнување на овој ефект, во кујната поставете повеќе извори на светлина таму каде што дозволуваат просторот и местото.

Сѐ повеќе практиканти на фенгшуи-методите посебно внимание посветуваат за овој детаљ.

Спалната соба е многу важна – енергијата што треба да преовладува во спалната соба треба да е смирувачка, но во исто време и возбудлива. За да постигнете ваква енергија во спалната соба, отстранете ги од неа сите  електрични апарати и уживајте во релаксирана и опуштена атмосфера.