Ако досега микробрановата печка ја користевте само за подгревање храна и за приготвување пуканки, не сте го искористиле нејзиниот целосен потенцијал. Имено, овој домашен апарат може да ви послужи и да ви помогне уште во многу други ситуации. Во микробрановата печка можете да приготвите крцкава сланина, омлет, да печете, а со нејзина помош можете да извадите повеќе сок од лимоните и портокалите при правењето освежителни пијалаци.

Во продолжение ќе издвоиме неколку од нив, кои ќе ви ја олеснат работата во кујната.
Отсечете ги двата краја на кромидот и ставете го во микробрановата и вклучете ја на 30 секунди. За тоа време сокот од кромидот ќе испари и вие ќе можете да го сечкате без да ви солзат очите.

Парчињата сув леб завиткајте ги во влажна крпа и ставете ги во микробрановата печка неколку секунди. Лебот ќе ја впие водата од крпата, ќе се стопли и ќе стане мек како да е тогаш изваден од рерна.

Микробрановата печка е одлична за печење лешници, бадеми или индиски ореви за само три минути. На стаклена чинија ставете слој од јаткастите плодови, доколку ги сакате солени ставете на нив неколку капки вода измешајте ги да се намократ за да се залепи солта за нив. Вклучете ја печката на една минута, измешајте ги и повторете ја постапката уште двапати.

Дали сте знаеле дека во микробранова можете да приготвите омлет за само три минути. Во подлабок сад изматете ги јајцата, додадете сирење или што било друго по ваша желба и ставете го садот во микробрановата. За три минути имате приготвен појадок.
Доколку сте отвориле чипс и не сте го изеде одеднаш, тој следниот ден ќе ја има загубено крцкавоста. За да ја вратите неговата крцкавост и свежина во еден сад ставете еден лист хартиен бришач за раце, врз него ставете два слоја чипс и покријте го со уште еден хартиен бришач. Вклучете ја микробрановата на 30 секунди. За тоа време вишокот влага од чипсот ќе се апсорбира во хартијата и тој одново ќе биде свеж и крцкав.

Понекогаш на тестото со квасец му е потребно многу време за да нарасне на собна температура. Но тука е микробрановата да ви помогне. Во аголот од микробрановата ставете шолја со вода, а тестото ставете го во подлабок сад и прекријте го со најлонска фолија за пакување. Печката вклучете ја на три минути на најниска температура. Потоа извадете го тестото и оставете го да се одмори три минути, па повторно ставете го во печката, но сега вклучете ја на шест минути на најниска температура. Оставете го тестото шест минути да се одмори, а потоа можете да продолжите со месење и сукање.
Во микробранова печка можете да ја вратите свежината на кафеавиот шеќер. Стврднатиот шеќер ставете го во сад соодветен за во микробранова, прекријте го со хариен бришач и загревајте 20 секунди на умерена температура. Хартијата ќе ја впие влагата, а вашиот шеќер одново ќе биде во ситни гранули.

Не морате повеќе да трошите пари на суви зачини. Истите тие можете да си ги направите сами со помош на микробрановата печка. Листовите од билките што сакате да ги сушите наредете ги на чинија на која претходно сте ставиле хартиен бришач. Листовите покријте ги со уште еден лист хартија и загревајте на средно слаба температура околу една минута. Проверете ја состојбата на билките и повторувајте ја постапката, но сега со контрола на секои 20 секунди, додека билките целосно не се исушат.

Ако ви се кристализира медот, единствено што треба да направите за да го вратите во првобитна состојба е да го отстраните поклопецот од теглата и да ја ставите во микробранова печка 30-40 секунди. Само внимавајте кога ќе ја вадите од печката да не биде многу жешка.

Ако имате проблем со лупењето на овошјето и зеленчукот, ставете го во микробранова и загрејте го две-три минути. Потоа без проблем ќе ја отстраните лушпата од нив.