Изборот на килим за дневната соба е завршниот елемент во уредувањето на просторот. Точно поради тоа треба да бидеме внимателни при неговиот избор и комбинирањето со другите делови од мебелот, бојата на ѕидовите и претходно одбраните декоративни прекривки.

Трендовските теписи стилски се различни, а нивното поставување во просторот може да биде на различни начини.
Изборот на еднобоен килим секогаш е сигурно решение. За дополнително да го нагласите просторот внесете живи бои преку декоративни перничиња и украсни предмети.

Во мода се теписи што во својата инспирација и дизајн содржат традиционални елементи, кои дополнително графички се одредени со нови визуелни доживувања. Со ова, на љубителите на „нетрадиционалното“ ќе им се овозможи да одберат нешто во тој моден правец.

Такви се бледите теписи со визуелно „испрана“ боја, која им дава дополнителен шарм. Тие често во себе содржат многу различни бои па затоа се идеални за поврзување со повеќето бои на елементите, ентериерот и декорот во домот.

Апстрактната геометрија исто така е модерна. Одберете покрупен или поситен примерок, но бидете внимателни во комбинирањето со декорот. Никогаш не комбинирајте два тепиха со крупен дезен или два тепиха со ситен дезен, туку обратно. Тепих со изразито широки линии идеално се комбинира со ситно пепито-дезен, со цветни или со боени ткаенини. Доколку не сте сигурни во изборот, одлучете се за еднобојни ткаенини што ги има во боите на тепихот.

Органските форми на килими ќе создадат визуелна мекост и романтично чувство. Нивниот дезен може да биде традиционален или апстрактен, но како и да е ќе биде атрактивен. Ваквите модели најчесто се со крупен дезен, па затоа комбинирајте ги со теписи со поситни елементи.

Независно од дезенот на тепихот, модерно е негово поставување на креативен начин. Еден од нив е асиметријата. Поврзете два различни тепиха во целина и дополнително декорирајте со предмети и со елементи во боите на тепихот. Ваквото нивно поставување дополнително ќе го нагласи просторот.

Доколку, пак, не сте љубител на килими, доволно е да поставите еден мал во неформална зона од домот и ефектот ќе биде постигнат.
Современите трендови ни даваат многу креативни можности, па затоа треба максимално да ги искористиме.