Што сѐ можете да миете во машина за садови

414

Сите знаеме дека машината за миење садови е еден од омилените домаќински апарати на секоја жена. Да бидеме искрени, кој сака да мие садови?

Меѓутоа покрај за миење садови, машината можете да ја искористите и за миење многу други предмети од домот и дополнително да си заштедите време и енергија.
Некои од овие наши предлози можеби ќе ви изгледаат чудно, но имајте на ум дека машината за садови многу лесно и ефикасно можете да ја исчистите и дезинфицирате по секоја „надворешна“ употреба.

Се разбира дека на прво место се кујнските садови, но во машината можете да ги измиете и сунѓерите и четките за рачно миење садовите. Ставете ги на горната полица или пикнете ги меѓу садовите. Садовите во кои чувате шеќер, сол, зачини или кутијата за путер често се замастуваат од секојдневното користење, фаќање со раце и од испарувањата во кујната додека готвите. Нив, исто така, можете одвреме-навреме да ги ставите во машината и заедно со другите садови и да ги измиете.

Можеби нема да се согласите, но многу луѓе машината за садови ја користат и за миење предмети од бањата (тука секогаш имајте на ум дека машината може да се дезинфицира). Во машина за садови одлично можете да го измиете тушот на кој често се наталожува бигор. Него успешно ќе го исчистите на програмата на која ги миете тенџерињата. На сличен начин одлично ќе ги измиете четките и чешлите за коса (кои претходно сте ги исчистиле од влакната) четките за заби, држачите за четките, држачот за сапун, пластичните четки за шминкање и други ситни предмети.
Во машината за садови многу едноставно ќе ги измиете и украсните тавански ламби. Наредете ги на горната полица, само внимавајте да има доволно простор меѓу нив бидејќи се понежни од другите садови. Мијте ги на програма за нежни садови и кристал, без опција за сушење.

Дури и капите и качкетите можете да ги перете во машината за садови. Наредете ги на горната полица и наместо таблети за садови, во преградата ставете боракс. Перете ги на вообичаена програма без опција за сушење. По перењето, додека се водени ставете ги на тегла или на некој превртен полукружен сад за да не го губат обликот при сушењето.

Детските гумени и пластични играчки најдобро и најефикасно ќе ги измиете и дезинфицирате во машината за садови. Ставете ги на горната полица од машината и перете ги на стандардната програма за миење садови.


Како се чисти и дезинфицира машината за садови

Оцетот можете да го искористите како благо антибактериско средство за дезинфекција. Во шолја ставете оцет и ставете ја во машината за садови на горната полица. Машината вклучете ја на највисока температура и за 30 минути ќе имате одлично исчистена машина.

Како средство за чистење на машината за садови исто така можете да користите и избелувач за алишта во прав. Во делот каде што се ставаат таблетите ставете избелувач и пуштете ја машината на највисока температура на вообичаен циклус за миење садови. Резултатот ќе биде блескаво чиста и дезинфицирана машина подготвена за употреба.