Фенг шуи совети – што треба да фрлите од домот

725

Просторот во кој го поминуваме денот во голема мера влијае на нашето расположение, па затоа е многу важно да го уредиме на начин што ќе ни ги зголеми удобноста и уживањето.

Фенг шуи е древен кинески систем, кој синтетизира повеќе учења, вештини и техники, со намера човекот да се врати или да се задржи во допир со природата. Зборовите „фенг шуи“ во буквален превод значат „воздух-вода“.

Во модерното живеење, фенг шуи се толкува како практика на уредување на предметите во просторот за да им помогне на луѓето да ги постигнат своите цели.
Според фенг шуи, просторот во кој живееме треба да биде прозрачен, уреден во светли бои, со удобен мебел. Треба да се избегнува блокирање на вратите и „пресекување“ на отворениот простор со столбови.

Расчистете ги полиците и фрлете ги непотребните работи што само ви зафаќаат простор, а не ги користите или немаат никаква емотивна важност за вас.
Особено треба да обратите внимание на оштетени предмети, кои може да влијаат на вашата продуктивност. Расипано ѕвонче на вратата, на пример, според фенг шуи може да го спречи посетувањето на вашиот дом и да ги блокира позитивните работи што доаѓаат кон вас.
Поправете ги плакарите, фрлете ја облеката што ја чувате со години без некаква посебна причина. Со расчистувањето на плакарите и полиците, вие всушност расчистувате со минатото и се ослободувате од негативни сеќавања и заостанати емоции.

Ако сликите и фотографиите на ѕидовите ви се наместени накриво или премногу ниско, исправете ги и поставете ги повисоко. Ниско поставените слики со себе ги влечат енергијата и расположението во просторијата според фенг шуи.
Исто така, се препорачува креветите секогаш да имаат ногарки за да не лежат директно на подот. Отворете го просторот, редовно проветрувајте го и ставете повеќе билки и растенија во вашиот дом. Дозволете му на просторот да дише, а така и вие полесно ќе дишете.
Според фенг шуи, скршените работи треба да ги исфрлите од куќата, а особено скршените часовници. Тие, наводно, укажуваат на несреќни настани во иднина. Според кинеско верување, црната врата предизвикува лоша среќа во вашиот дом, но не ако е свртена кон север.

Календарот е симбол на проаѓањето на времето, а ако го користите на погрешен начин може да влијае и на вашиот живот. Ако не сте ја свртиле страницата на точниот датум, не е добро! Според фенг шуи, садовите го симболизираат богатството и семејството. Ако јадете во напукнати чинии потсвесно ги признавате проблемите во својот живот. Затоа, штом нешто напукне, веднаш фрлете го. Кактусите и билките со трње (освен ружи) внесуваат негативна енергија во домот. Како и вештачкото цвеќе така и исушеното се смета дека носат лоша среќа, и треба да ги исфрлите од куќата. Според старите верувања, бршленот, кој ползи по куќата, носи несреќа.