Мириси на природата вашиот дом

174

Тешкиот воздух, цигарите, остатоците од храна и пијалаците сето тоа создава непријатен мирис во вашиот дома, а вам ви се истрошил освежувачот за воздух. Немојте да се нервирате, бидејќи во нашиот денешен текст ќе ви понудиме неколку совети за создавање фантастични мирисни комбинации со кои ќе внесете пријатни мирисни ноти во вашиот дом.

Лимон и рузмарин

Првата добитна комбинација што можете сами да ја направите за освежување на вашиот дом е комбинацијата од лимон и рузмарин. Во една тегла ставете вода во која ќе додадете еден лимон исечен на тркалца, гранчиња свеж рузмарин од градината и неколку капки екстрат од ванила. Затворете ја теглата, смесата добро протресете ја и потоа отстранете го капакот и веднаш ќе почувствувате бран мирислива свежина во собата.

Јоргован

Дали постои некој што не го сака мирисот на јоргован? И вашиот дом може да замириса на пролетно ветерче благодарение на спрејот што сами ќе го направите. Во шише со распрскувач ставете вода, малку вотка и неколку капки масло од јоргован. Промешајте ја смесата и подготвена е за користење. Со само неколку притискања на распрскувачот ќе почувствувате свеж бран од пролетен мирис, кој дава чувство на чистота.

Пудра за теписи со мирис на рузмарин и на лаванда

Целиот дом може да добие цветна свежина ако ги освежите теписите. Се прашувате како? Многу е едноставно, во еден сад промешајте прашок за печиво, сув издробен рузмарин и неколку капки масло од лаванда. Добиената смеса растурете ја по тепихот и оставете ја да стои 15-20 минути. Потоа тепихот исчистете го со правосмукалка. Миризбата што ќе се рашири во собата ќе ве воодушеви.

Освежувачи за воздух од домашно производство

Никогаш немојте да ги фрлате испразнетите шишенца од освежувачите за воздух што се ставаат во штекерите во собата. Во испразнетото шишенце промешајте вода со вашиот омилен вид есенцијално масло и повторно поставете го во апаратчето. Прекрасно, зарем не?

Мирис на цимет и на портокал во воздухот

Ако сте меѓу групата луѓе што не го сакаат мирисот на мирисливите свеќи, ова е вистинското решение за ваш освежувач на просторот. Во мал сад измешајте вода со неколку капки масло од цимет и од портокал. За неколку мигови куќата ќе ви замириса на топла есен.

Кујна со мирис на брусница и на портокал

Кујна од која се шири пријатен овошен мирис звучи многу примамливо, зарем не? Земете некое постаро тенџерче и во него ставете една рака брусници, портокал исечен на тенки парчиња, малку ванила, рузмарин, оревчиња и малку вода. Оставете ја смесата да проврие и за многу кратко време целиот стан ќе замириса на слатка божиќна трпеза – дури и сред лето.

Пролет во теглички

За да си направите мали мирисливи теглички што ќе шират свежина и пријатна миризба низ целиот дом потребни ви се: малку цитрон или лимон, ѓумбир или маточина, лимета или портокал – изборот е ваш. Овошјето исечкајте го заедно со листовите маточина или ситните парченца ѓумбир ставете ги во мали теглички. Затворете ги, протресете ги, отворете ги и уживајте во пријатната пролетна миризба, која со магична брзина ќе се рашири низ собата.