Како да се справиме со летните горештини

119

Летото е омиленото годишно време за повеќето луѓе, но кога ќе дојдат жешките летни денови најмногу од сѐ сакаме да се разладиме. Најлесно и идеално решение е климатизирана просторија, но не можеме секогаш да си го дозволиме тоа.
Ладната вода е во ред, но сигурно сте слушнале дека во некои „жешки“ земји во лето пијат топол чај. Пробајте и вие. Во прв момент додека го пиете чајот ќе ви биде жешко, но подоцна ќе видите дека ќе ви биде многу попријатно отколку по чаша со ладна вода или по шише ладно пиво.

И ладната лубеница е суперрешение за летно разладување. Пресечете ја на половина и ставете ја во фрижидер или, пак, исечете ја на помали парчиња за побрзо да се излади.
Кога станува збор за храната, дали знаете дека мрсната и јака храна во текот на летото може да ви штети? Јадете салати, ладни чорби, овошје, но сѐ добро измијте, бидејќи во лето бактериите царуваат и многу побрзо се шират.
Сладоледот нема многу да ви помогне – тој е само моментално задоволство, кое поради шеќерот и мастите што ги содржи може да направи побрзо да се чувствувате гладни и жедни. Јадете храна што не е богата со јаглехидрати, бидејќи тие дополнително го греат телото.

Кога сте дома, најдобро е климата да ја нагодите меѓу 20 и 25 степени Целзиусови, а ако користите вентилатор внимавајте да не настинете доколку сте испотени или доколку сте ја миеле косата. Вентилаторите не се препорачливи ни за тие што имаат проблеми со синусите.
Туширајте се по потреба, тоа не може да се одреди со бројка или термин бидејќи зависи од природата на секој човек.
Кога седите дома, креветите (тросед, двосед, фотелја) прекријте ги со памучен чаршаф, тоа особено ќе ви годи ако имате кожена или штофена гарнитура. Памучниот чаршаф ќе ви даде пријатно ладно чувство.
Преку ден кога сонцето е јако, замрачете ги просториите во кои престојувате. Ако немате ролетни на прозорците, ставете големи крпи за плажа или, пак, некоја од прекривките за маса. Имајте на ум дека и телевизорот и компјутерот ослободуваат топлина во домот.

Без разлика што надвор е премногу топло редовно проветрувајте ги просториите во кои живеете и работите. Не плашете се од провев – отворете ги сите врати и прозорци наутро и навечер, а преку ден чувајте затворено.
За белата и лесна гардероба сигурно веќе знаете, како и за шеширите и другите додатоци што ја штитат главата од сонцето. Но ова сигурно не го знаете – општа заблуда е дека доколку имаме помалку гардероба на нас во лето ќе ни биде попријатно кога е топло. Не е точно. Лесна бела ленена кошула со долги ракави и долги панталони од тенок лен даваат попријатно чувство од тенко и кратко фустанче на прерамки, во кое целото тело ќе ви биде изложено на сонце.

Кога ќе се стемни излезете од дома. Пиво, ладен коктел, прошетка покрај кеј, да се раздвижите и да се почувствувате живи. И немојте да се жалите на летото – сетете се на дождливата есен и на ладната зима, кога ветерот свири, а ладното парализира и кога не можете да излезите од дома. Затоа уживајте во летото и кратките шорцеви, мини-здолништата и лубениците.