Како да го подготвите цвеќето за есен?

244

Како да го подготвите цвеќето за есен е едно од прашањата што љубителите на цвеќето си ги поставуваат секоја година.
Со доаѓањето на есента и зимата не значи дека завршило уживањето во убавината на цвеќето, меѓутоа за убавото саксиско цвеќе да остане убаво и во текот на ладните денови се потребни дополнителна нега и грижа.
Иако постојат есенски билки што добро поднесуваат суви простории, повеќето цвеќиња сепак ја чувствуваат промената на годишните времиња, т.е. за вашите зелени миленици и во текот на зимата правилно да напредуваат морате да се информирате што е најдобро за нив.

Пронајдете им место што ќе им одговара

Саксиското цвеќе од вашиот дом најчесто летните месеци ги поминува на тераса или во градина. Иако сега деновите сѐ уште се топли, ноќите стануваат сѐ поладни, а тоа не им одговара на сите цвеќиња, па може да дојди до оштетување на листовите или на стеблото, особено кај фикусот, палмата, драцената и сл. Затоа прв чекор при планирањето на подготовката на цвеќето за есен е негово внесување во домот.

Собните билки треба да се распоредат што поблиску до прозорците, за постепено да се навикнат на деновите во кои ќе има помалку светлина, но да бидат подалеку од радијаторите и другите извори на топлина во домот. При распоредувањето на цвеќето во домот водете сметка секое од нив да има доволно простор за непречен раст и развој. Пред да го внесете цвеќето дома исчистете го од сувите листови, а потоа истуширајте ги со слаб млаз вода. На цвеќето што се го чувале дома и во текот на летото доволно е само да му ги пребришете листовите со влажна крпа.
Кактусите не смее никако да ги зафати утринскиот мраз надвор. Затоа пожелно е нив први да ги подготвите за зимски сон. Освен во домот, кактусите можете да ги чувате и во гаража или застаклена тераса, каде што температурата не се спушта под 8 Целзиусови степени. Во ниеден случај не ставајте ги директно на под (бетон). Во текот на зимата (до март) кактусите не треба да ги преместувате, ни да ги полевате.

Полевање на цвеќињата наесен

За време на есента голем дел цвеќиња се во мирување, па процесот на фотосинтеза не е толку интензивен. Па, поради тоа потребно им е помало количество вода од вообичаено. Полевањето зависи од типот на билката, но сепак постојат и одредени правила за правилно полевање на цвеќето во тој период од годината. Цвеќето се полева наутро, и тоа само со отстоена вода. Половина час по полевањето, истурете го вишокот вода што се собрал во тацната од саксијата, за да не дојде до гниење на коренот. За полевање на цвеќињата можете да користите и чај, како и водата во која сте вареле јајца, бидејќи на билките им даваат дополнителни минерали. Додека, пак, собниот папрат можете одвреме-навреме да го почестите со чаша пиво. Доколку цветовите на цвеќето почнат да венеат, полевајте го со малку зашеќерена вода. Ваква вода можете да користите и за режано цвеќе во вазна, за да трае подолго.

Прихранување и пресадување на цвеќето

Важен дел во подготвувањето на цвеќето за есен се однесува на прихранувањето. Тоа се прави само на почетокот на есента за билката полесно физиолошки да се подготви за зима. Кога ќе купувате прихрана за цвеќе, внимавајте концентрацијата на азот да биде помала, а на фосфорот и калиумот поголема. Најдобро е да употребувате органски препарати со екстракт од алги и аминокиселини. Пресадување на билките во текот на есента и зимата не е препорачливо, бидејќи во тој период билките мируваат. Доколку морате да направите пресадување, задолжително користете сосема нова земја и поголема саксија од таа во која била билката претходно.