Избегнете ги грешките при перење на алиштата

1206

На многумина перењето алишта им е обврска што со задоволство би ја избегнале. Иако на прв поглед изгледа како доста едноставна активност, која не може да подлежи на грешки, сепак самиот процес на перење има свои трикови што треба да ги примените. Затоа, пред да ја пуштите машината, осигурете се дека вашите омилени алишта ги перете правилно.

Ставате премногу облека
Ова можеби е најчестата грешка што многумина ја прават. Само затоа што ги собира сите ваши алишта во машината не значи дека треба да ја преполните. Преоптоварувањето на машината не само што значи дека прашокот и омекнувачот нема правилно да се распоредат, туку и постои можност агитаторот во машината да се скрши. Редовното преполнување може сериозно да ја оштети внатрешноста и да се јави потреба машината да се поправа што ќе ве изложи на дополнителни трошоци.

Ја перете облеката по секое носење
Перењето на облеката по секое носење само го скратува нејзиниот животен век. За разлика од некои парчиња облека, како што се долната облека и чорапите, каде што се препорачува перење по секое носење, за сите други парчиња пречестото перење не е најдобрата идеја. Зачестеното перење ќе направи вашата облека за брзо време да ги загуби својата боја и форма.

Предолго ги оставате дамките
Доколку не ја отстраните дамката веднаш, потоа ќе биде многу потешко да ја исперете. Ставете отстранувач на дамки на местото и оставете ја облеката да отстои заедно со отстранувачот. Во спротивно, ризикувате да останете без омиленото парче облека.

Оставате мокри алишта во машината
Заборавањето на мокрите алиштата прави поголема штета отколку што можете да замислите. На мувлата не ѝ треба долго време за да почне да се развива во топла и влажна средина. Откако ќе завршите со перењето, ставате ги алиштата во машината за сушење или обесете ги да се сушат за да ги задржите свежиот мирис и изглед.

Употребувате премногу омекнувач
Ставањето премногу омекнувач нема да ги направи вашите алишта помеки. Слично како и со детергентот, преголемото количество омекнувач само ќе ја направи вашата облека леплива и груба.

Користите погрешен циклус на перење
Различните опции при перење постојат со причина. Па, така, опцијата што најмногу ќе одговара за вашиот џемпер, нема да биде добра доколку перете памучни маици. Секогаш кога е возможно одделете ја облеката според нејзиниот состав и соодветниот циклус. На овој начин ќе имате почисти алишта.

Облеката ја перете од погрешната страна
Облеката најдобро ќе се испере доколку ја превртите од внатрешната страна пред да ја ставите во машината. Ова особено важи за џемперите и памучните блузи, бидејќи со помош на ваквиот начин на перење го спречувате оштетувањето на материјалот. Истото важи и за маици што на себе имаат апликации, а со превртувањето вие спречувате оштетување и ронење на апликацијата. Кога станува збор за фармерки, најдобро е да ги испразните џебовите и да ги превртите од внатрешната страна.