Хумана страница: На Детската клиника за педијатрија, на онколошкиот оддел, во Скопје

 

Маја Трајковиќ, библиотекарка во ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ во Скопје, минатата недела реализира хуман проект, со цел да ги израдува болните деца што се лекуваат на Детската клиника за педијатрија, на онколошкиот оддел! На нејзина иницијатива учениците од училиштето каде што работи изработија честитки, кои таа ѝ ги предаде на сестрата Станче, за да им ги подели и да ги израдува во овие празнични денови, кои, за жал, тие ги минуваат во болница.

– Поради пандемијата на коронавирусот не можев да ги видам ангелчињата, малите пријателчиња, но сепак успеав на прекрасната сестра Станче да ѝ ги предадам цртежите, песните и честитките наменети за нив од учениците во моето училиште ООУ „Невена Георгиева-Дуња“. Пораките се испишани и исцртани и ја надминаа сегашната човечката комуникација со маска и оддалеченост и ќе успеат да се приближат и да им проговорат без маска на болните дечиња од канцер. Впрочем, децата се разбираат меѓусебно и кога светот би го воделе тие, а не ние возрасните, би бил далеку подобар и поубав! Дечињата, дури и најмалите, кои штотуку научија да пишуваат, си ги испишаа своите имиња, дечињата со попреченост успеаја да ја изразат својата ведрина и им посакаа на болните дечиња што се сместени во болницата да оздрават и наскоро да си играат со нив. Следуваат и други активности, кои ќе бидат остварливи со средби меѓу мене и ангелчињата откако ќе помине пандемијата – вели Маја Трајковиќ.