Британската компанија „Астон Мартин“ ги објави првите информации за својот најнов модел „ДБС суперлегера“. Најновиот автомобил, кој ќе има 715 коњски сили, не го означува крајот на другите модели на оваа компанија, но се очекува да понуди нешто различно од претходните.

Откако јавноста јасно ја забележа идејата за производство на супербрзи автомобили на „Астон Мартин“ со посебна назнака, се очекува и моделот „ДБС суперлегера“ да ја добие назнаката „АМР“. Како појаснување, назнаката „АМР“ не значи „Астон Мартин рејсинг“, туку вид на новиот суббренд на оваа компанија, резервиран за најбрзите верзии на нивните модели. Конкретно, кога се зборува за „ДБС суперлегера АМР“ не се познати многу детали, но може да се очекува овој автомобил да има многу новини, подобрени перформанси од претходните модели на „Астон Мартин“, како и разлики во диференцијалите на задните тркала.

Под предната хауба, овој суперавтомобил ќе има 5,2-литарски твин-турбо В-12 мотор, со воздушно ладење, и се проценува дека тој ќе може да развие максимум од 750 коњски сили, а доколку Британците имаат намера да го направат овој мотор помоќен, ќе треба да поработат на другите аспекти на возилото. Се очекува овој модел да има и посилен вртежен момент, со оглед на тоа дека возилото ќе има трансмисија со девет степени на пренос.

Каросеријата на „ДБС суперлегера“ ќе биде создадена од ултралесниот материјал карбонфибер, за да се намали целосната тежина на возилото, а од него ќе бидат направени хаубата и врвовите на издувите, но и дел од внатрешноста, како воланот и седиштата. Се проценува дека со користењето на карбонфибер, „Астон Мартин“ го прави овој модел за 20 килограми полесен (што е значајно при креирање на екстра-брзи автомобили).

Финално, според процените на јавноста, моделот „ДБС суперлегера АМР“ на „Астон Мартин“ се очекува од 0 до 100 километри да забрзува за 3,2 секунди и да има максимална брзина од 344,3 километри на час. Стандардните модели на оваа компанија, колку за споредба, стигнуваат до 100 километри на час за 3,4 секунди и максимална брзина од 339 километри на час, што е значајно подобрување.

Дебито за овој модел на „Астон Мартин“ се очекува да биде на крајот на 2019 година или почетокот на 2020-та, а пред тоа, на агендата на британскиот автомобилски произведувач е откривањето на моделот „ДБС суперлегера воланте“, кој е модел со отворен покрив.