Низ годините, светските автомобилски дизајнери имаат направено разни чудни автомобили. Еден од најчудните што е направен во изминативе години претставува автомобилот наречен „ло Рес“. Во 2010 година, група дизајнери на чевли се предизвикаа себеси да создадат сосема нов вид производ: Автомобил. Им беа потребни пет години за да ја реализираат замислената идеја за нивниот автомобил. „Ло Рес“ претставува електричен автомобил кој повеќе изгледа како вселенски брод.

Дизајнерите, кои воедно заедно работеа за чевларската компанија „Јунајтед нуд“, користеа уникатен метод на дизајн што тие го нарекуваат „ло рес“ метод. Тој функционира на следниот начин. Дизајнерите користат софтвер за скенирање предмети од различни точки. Потоа, софтверот ја конфигурира густината на тие точки за да се создаде апстрактна верзија од скенираниот објект. Овие иноватори го именуваа автомобилот по нивниот уникатен метод на дизајнирање, нарекувајќи го „ло рес“ автомобил. Својот дизајн го аплицираа на моделот на автомобил „ламборгини каунтач“. Дизајнерите го скенираа автомобилот, а потоа преку софтверската програма за 3Д-резолуција создадоа нов апстрактен изглед на возилото. Автомобилот е направен од серија триаголни форми кои се составени од остри агли и на кои има мат црна обвивка, се вели во соопштението на „Јунајтед нуд“. Исто така, ова возило нема врати. Наместо врати во него се вградени електрични активирачи кои го подигнуваат целото тело на автомобилот нагоре, за да може да се влезе внатре. Како и самиот автомобил, управувачот доаѓа во уникатна шестаголна форма изработен од не’рѓосувачки челик. „Ло рес“ се напојува од електричен мотор кој му овозможува да достигне брзина од 100 километри на час. Може да се каже дека овој автомобил изгледа кул, го зема првото место за чуден изглед, но не претставува брзо превозно средство.