Еднаш одамна, летачките автомобили беа главен дел од научната фантастика. Филмот „Блејд ранер“, освен што го прикажува градскиот пејзаж осветлен со неонски светла, содржи и разни футуристички концепти, кои во тоа време можеле само да се замислат. Со неговото прикажување во јавноста уште во 1982 година, филмот „Блејд ранер“ стана главен двигател на научнофантастичните идеи и на следните научнофантастични филмови. Сега, во декември 2019 година, може да се заклучи дека тогашната визија за неонските градски светла не се остварила, но долго очекуваните летачки автомобили стануваат реалност и се на нашиот праг.

Ова е клучно време за автомобилската индустрија, со новите технологии за автоматизација и електрификација, кои се закануваат дека ќе го нарушат досегашниот деловен автомобилски бизнис-модел. Затоа не е изненадувачки што некои од најголемите имиња во автомобилската индустрија се насочуваат кон новороденото поле за воздушни превозни средства. Фирмите како „Порше“, „Дајмлер“ и „Тојота“ стојат зад некои од најсмелите стартапи во новородената индустрија, која ја нарекуваат ВТОЛ, што претставува кратенка за електрични возила способни за вертикално движење лет и слетување. Целта на ВТОЛ-возилата е да направат револуција во градскиот превоз, со тоа што нивното движење ќе го пренесат од земјена во воздушна линија.

Според оваа визија, ние ќе се движиме низ градовите во флоти создадени од лесни воздушни возила, кои имаат електрично напојување и се способни за вертикално полетување и слетување, наедно ќе можат да бидат повикани со клик на некоја мобилна апликација. Овие возила ќе бидат сеприсутни во урбаниот пејзаж во блиска иднина, како што се присутни сегашните автомобили. Оваа мисла можеби звучи недостижна, но сепак некои градови како Дубаи, веќе го тестираат концептот на ограничен начин.

Полицијата во Дубаи размислува да направи флота од летачки мотоцикли или попознати како „ховербајк“. Во март годинава можеше да се види како полицијата во Дубаи тестира едно вакво возило. Калид Насер Алразооки, генерален директор на Одделот за вештачка интелигенција на полицијата во Дубаи, го опиша возилото „еВТОЛ“ како прва единица за одговор, користена за тежок пристап до области. Тој за Си-ен-ен вели дека неговата цел е да има вакви возила во акција во 2020 година.
За производителите на автомобили појавата на нови технологии за мобилност во исто време претставува закана, но и можност за редефинирање на нивните услуги како даватели на услуги за мобилност во поширока смисла. Главниот проблем со кој се соочуваат најчесто е пренасочувањето од нивниот основен бизнис-модел, кој е насочен кон копнен транспорт. Сепак, некои од фирмите преземаат чекори и создаваат ВТОЛ-возила. „Дајмлер“ е најпознат по своите луксузни автомобили, кои ги произведува „Мерцедес“, кој е неоспорен пионер кога станува збор за изработка на автомобили.

Германската фирма повторно прави пионерски подвизи преку инвестиција во „волокоптер“. „Волокоптер“ е целосно електрично возило способно за лет и вертикално движење со капацитет за двајца патници и е специјално дизајнирано за употреба во градските средини.

Кинескиот производител на автомобили „Гили“ го создаде концептот за летачки автомобил „терафугија“, кој личи на правилен „летачки автомобил“, како што се замислени оние од писателите на научнофантастични теми од минатиот век. Соодветно именуван „терафугија танзишн“ може да се вози по патишта и да се паркира во гаража како и секој нормален автомобил, но исто така може по команда на корисникот, да ги распне своите крила и да одлета како авион. Универзитетот „Кранфилд“ во Велика Британија се здружи со „Астон Мартин“ и со производителот „Ролс-Ројс“, за да се развие луксузен автономен хибриден концепт „еВТОЛ“ наречен „воланте вижн концепт“. „Порше“ е уште еден производител на автомобили што влезе во сојуз со голема авијатичарска фирма за да произведе „летачки автомобил“. Германскиот производител на луксузни автомобили се здружи со „Боинг“, преку две свои подружници за иновации и истражувања, „Боинг некст“ и „Аурора“, за да развие свој прототип. Проектот е сè уште во раните фази и возилото нема име, но по објавените слики може да се забележи дека тоа претставува елегантна верзија на летачко возило излезено од филмот за Бетмен „Подемот на Црниот витез“.