Авто-мото индустријата напредува со огромна брзина. Светските компании секојдневно се во потрага по начини за да го подобрат и олеснат искуството на возачите, па, така, на пазарите сè почесто се појавуваат технологии што досега сме ги виделе само во научнофантастичните филмови. Во таа насока, во текстот подолу ќе ги разгледаме и опишеме технологиите на компаниите што тестираат и истражуваат идеи што досега не сме ги виделе.

Јапонската компанија „Нисан“ ги објави деталите за тоа како нивната компанија ја развива технологијата наречена „Б2В“ или „брејн то виекл“ (од мозокот до возилото). Овој тип комуникација функционира така што системот во возилото преку специјален систем, кој е поврзан со вашето тело, детектира мозочна активност и може да го подготви возилото за одредени активности како предвремено кочење или самостојно извршување брзи маневри, во случај доколку возачот не е подготвен да ги направи. Произведувачите велат дека системот ќе може да забележи доколку возачот чувствува неудобност при возењето и за време на автономниот „режим“ на возење автомобилот ќе може да ја адаптира суспензијата на автомобилот и ќе може да ги менува брзината и јачината на маневрирање и на движење. Иако звучи футуристички, ова е интересен концепт што автономните возила на сите произведувачи би можеле да го користат и да ги подготват возачите за несакани ситуации на патишта.

Друга технологија, која е најавена и се очекува да се имплементира во новопроизведените возила, е информативен систем за навигација, кој би работел на гласовни команди и би го информирал возачот (во реално време) за одредени сообраќајни метежи, работа на патот или сообраќајни незгоди што се случиле на маршрутата по која се движи. Оваа технологија не е далеку од реализација и навистина би им помогнала на возачите да бидат концентрирани на патот, без да гледаат во екраните на возилата или на паметните телефони.

Следна идеја што се развива од светските произведувачи на возила е дигитализирање на сите аспекти на внатрешноста на автомобилите. Таканаречената „дигитална внатрешност“ би овозможила многу поволности за лицата што ракуваат со возилата, па, така, се очекува сите параметри за возилата, радиото, навигацијата, таблата за информации во возилото (брзина, количество гориво, податоци за моторот итн.) да бидат разделени на повеќе екрани на допир и да постои можност за конектирање на Андроид и ИОС-апликации за поголема достапност до информации за време на возењето.

Голем дел произведувачи на возила од Соединетите Американски Држави развиваат технологии во соработка со софтверски компании за технологии, кои ќе овозможат следење на сите информации за возилото. Станува збор за систем што ќе дејствува како рендген во возилото и ќе функционира на следниот начин: сите возила што го имаат овој чип ќе може да комуницираат меѓу себе и да користат податоци што ги собрале другите возила, па, така, самиот автомобил ќе биде запознаен доколку постои работа на патот или има некој невообичаен сообраќаен метеж. Овој вид технологија веќе се тестира во Детроит и во Сан Диего и останува да се види како ќе поминат тестирањата на оваа невообичаена технологија.

Германскиот произведувач „Мерцедес-Бенц“ најави иновативна технологија што ќе биде имлементирана во новата „А-класа“ на нивниот бренд. Системот ќе биде имплементиран во возилото со голем екран на допир со висока резолуција преку кој возачот ќе може да ги менува сите параметри на возилото. Па, така, преку екранот на допир возачот ќе може да ги врши сите функции во возилото, па дури и да го вози. Тоа и не е некоја новина, но интересно е да се напомене дека возачот преку гласовни команди ќе може да го контролира возилото, да направи личен потсетник и да го научи својот „мерцедес“ на омилената радиостаница и во кој период од денот или возењето таа да се вклучува и исклучува. Паметниот систем ќе се адаптира на командите на корисникот и ќе има можност да го потсетува возачот на одредени поставки и информации, секако доколку тој го наложи тоа.

Паркирањето во сите светски метрополи, па и во Скопје, претставува сериозен проблем за возачите, особено во централните делови од поголемите градови. Во таа насока, германскиот произведувач на делови „Бош“ развива технологија што ќе се тестира во повеќе големи американски градови, која ќе им овозможи на возачите во урбаните средини преку системот да пронајдат празно паркинг-место и да помогнат при паркирањето со мерење на димензиите на местото. Исто така, оваа технологија ќе вклучи и мапа „во живо“, преку која ќе се намали времето за барање паркинг во големите градски метежи и ќе се забрза процедурата за паркирање.

За крај, како технологија што е најдалеку од реализирање и која звучи најмалку веројатна е технологијата за создавање микробус со вештачка интелигенција. Со оваа технологија, самиот микробус ќе може да го препознава корисникот што се доближува до возилото и да ги отклучи вратите, самиот да стартува и да го вклучи моторот, па дури и сам да тргне доколку возачот ги даде тие команди. Се очекува ова возило да почне да се произведува во 2022 година.

Технолошкиот напредок во сите аспекти на секојдневното живеење придонесува возилата сè почесто да добиваат најнови видови системи и можности за олеснување при возењето. Иако сите овие технологии се далеку од целосна имплементација во возилата, може да се очекува во следната декада да видиме многу иновации во автомобилите на големите светски произведувачи.