Виетнамскиот автопроизводител „Винфаст“ ќе го искористи Парискиот саем за автомобили за да ги подигне сопствениот рејтинг и глобален имиџ на светските пазари со откривање на своето прво самостојно изградено и креирано возило. „Кросоверот“ со италијански дизајн, кој патем е целосно подготвен за производство, светот првпат ќе може да го види на „Париз автошоу“ во октомври.

Новото возило на „Винфаст“ личи на легендарниот модел „икс5“ на германскиот гигант БМВ по големината и по перформансите, додека има иста должина како моделот „А6“ на уште еден германски произведувач „Ауди“. Надворешниот изглед на двата претходно споменати автомобили е дизајниран од страна на италијанската „Пининфарина“, а истото тоа ќе се практикува и за новиот модел на „Винфаст“.

Компанијата „Винфаст“ е дел од виетнамскиот конгломерат „Вингруп“, кој го води Џејмс де Лука, поранешен потпретседател на производството на „Џенерал моторс“ (ЏМ). Тој изјави дека фирмата има доволно ресурси, приспособливост на пазарот и посветеност да се трансформира и претвори во важен играч на глобалниот пазар во авто-мото индустријата.

Во јуни, „Винфаст“ потпиша договор со „Џенерал моторс“ за да ја преземе нивната фабрика во Ханои, Виетнам, заедно со целосната мрежа на американската компанија и сите вработени. Фабриката единствено ќе се користи за продукција на винфаст-автомобили, додека автомобилите „шевролет“, кои ги произведува ЏМ ќе се увезуваат во Виетнам. „Винфаст“ планира и почна со изградба на фабрика и во местото Хаи Фонг, северен Виетнам, чија изградба ќе чини околу 1,5 милијарди долари, што ги покажува сериозноста и намерата на оваа компанија да се етаблира и да се докаже на светскиот автомобилски пазар.

Кога се зборува за техничките аспекти, „Магна интернешнл“ ќе го спроведува техничкиот развој на возилото, а инженерските делови од работата за „Винфаст“ ќе ги врши австриската АВЛ, која ќе обезбеди мотори за нивните возила.
По „кросоверот“ и „седанот“, компанијата има во план да пушти на пазарот два мини-автомобила, еден на прогон на струја и еден на гориво. Двата модела ќе бидат дизајнирани од „Италдизајн“, откако италијанската фирма победи на јавен конкурс.

Кога се зборува за Виетнам, во 2017 година се продадени 272.750 возила, според информациите од „Асоцијацијата на автомобилски произведувачи на Виетнам“. Виетнам е една од ретките земји од Југоисточна Азија на чиј пазар не доминира јапонскиот произведувач „Тојота“. Во првите пет месеци од 2017 година, најдобро се продавал брендот „Киа“, а потоа по овој редослед следувале „Тојота“, „Мазда“, „Хонда“ и „Форд“.
„Винфаст“ планира своите две нови возила да ги претстави во третата четвртина од 2019 година и има цел на годишно ниво да произведува околу 500.000 возила до 2025 година и има намера да го прошири своето присуство на азискиот, но и на европскиот пазар.


Мини-автомобилите на „Винфаст“ ќе бидат дизајнирани од „Италдизајн“

Покрај најавеното производство на релативно големите дизајни на „кросовер“ и на „седан“ на „Винфаст“, се очекува во производствениот циклус на оваа компанија да влезат и два мини-автомобила. За таа намена, виетнамскиот произведувач направи конкурс на кој јавноста во оваа земја можеше отворено да гласа, кој го доби италијанската фирма „Италдизајн“. Двата модела ќе функционираат на целосно различен принцип, со тоа што едниот модел ќе биде комплетно на струја, додека во другиот ќе биде вграден класичен мотор на гориво.

„Италдизајн“, покрај овие два мини-автомобила, ќе ги дизајнира и другите возила на „Винфаст“, кој има цел да се развие во прв и главен виетнамски автопроизведувач. Според информациите, произведувачот во иднина има цел да произведува и мотоцикли, за побрзо и подобро да се имплементира и етаблира на светскиот авто-мото пазар.