„Косворт“ користи податоци од трките за развивање систем за самоуправувачки автомобил

79

Компанијата „Косворт“ сè уште не е компанија што е позната по производство на системи за самоуправувачки автомобили, но се очекува во блиска иднина тој факт да се промени. Легендарниот производител за Формула 1 и за многу други мотори со брзи перформанси планира да го следи трендот на голем број светски компании и со податоците за перформансите на трките да започне да произведува автомобили и системи за автомобили што самостојно ќе се движат на патиштата.

Генералниот директор на компанијата Хал Резингер изјави за медиумите дека податоците од трките во кои учествува „Косворт“ можат на многу начини да помогнат при креирањето и создавањето на самоуправувачките автомобили, за притоа тие да бидат робусни и сигурни за патниците. На пример, со тестирањето на технологијата за возилата што самостојно ќе возат на патиштата во услови на трка, со повеќе од 30 автомобили што се движат со брзина над 320 километри час, може да се добијат квалитетни податоци што би биле многу корисни за иницијалното поставување на системот.

Системот на „Косворт“ е базиран на технологијата наречена „алајв драјв“, која користи камери за возилото самостојно да може да се движи на патиштата. За да функционира технологијата, неопходно е целосно влијание на возачот (исто како кај стандардните автомобили). Дополнително, технологијата вклучува и специјални сензори за помош при возењето и компјутер за анализа на можните ситуации во сообраќајот.

Новата технологија за самоуправувачки автомобили е добра можност за развој на „Косворт“, во насока на тоа дека овие видови системи во иднина се очекува да преовладуваат на пазарот. Според наводите, крајната цел на „Косворт“ е преку користење голем број податоци и комплексни алгоритми да се создаде систем со „вештачка интелигенција“ што би се однесувал како човек во сообраќајот.

Со поставување на основите, британската компанија има за цел да реализира петгодишен акциски план преку кој се надева дека ќе се прочуе како најдобар снабдувач на системи за самоуправување во автомото-бизнисот. Стратегијата и идејата на „Косворт“ не е само да го продава системот туку да нуди и податоци што би помогнале за негово константно подобрување.

Останува прашање на време кога и другите класични произведувачи ќе започнат со развивање и/или имплементирање на овој вид технологија во своите автомобили, како и со која успешност ќе се покаже системот на „Косворт“ при тестирање во реални услови на патиштата во светот. П.С.