Концептот „ЕЗ-ултимо“ е новиот луксузен автомобилски сон

235
„ЕЗ-ултимо“ е дизајниран за улиците на Париз

Моделот се наметнува како ново робовозило за врвно услуга во транспортот

Сто проценти електричниот концепт наречен „ЕЗ-ултимо“ претставува луксузен автомобил, кој има можност за автономна навигација и возење. Автомобилот, освен тоа што е автономен и електричен, има добра аеродинамика, мобилност, но и навистина е опремен да понуди вистинско уживање при патувањето. Навистина, овој концепт е луксузната верзија на такси-концептот убер. Тој е наменет за луѓе што сакаат да добијат нешто повеќе од нивните дневни патувања или од подолгите патувања.

Француската автомобилска компанија го откри новиот концепт за автономно возење наречен „ЕЗ-ултимо“, проширувајќи го своето електрично ЕЗ-семејство на идните концептни возила. Овој концепт е сличен на такси-роботот „ЕЗ-гоу“. Се предвидува овој нов концепт автомобил да прикаже високо ниво на софистицираност, висока класа и чувството на лежерност при возењето на автомобилот. Своето деби го направи во текот на 2018 година на моторното шоу во Париз.

Роботизираниот ЕЗ-концепт нуди врвно патувачко искуство. Внатрешноста е обложена со благородни материјали како што се дрво, мермер и кожа. Седиштата, кои се слични на фотелји, се насочени едни спрема други. Покривот има карактеристични сегментирани стаклени панели, а страничните прозорци се затемнети со вградени решетки. Слично на „ЕЗ-гоу“, автомобилот „ЕЗ-ултимо“ е низок и долг, со големи и долги тркала. Светлата се дизајнирани да се вклопуваат природно во каросеријата на автомобилот и се движат од врвот на браникот до дното. Вратите се отвораат нагоре и нудат лесен влез и излез, а автомобилот може да прими до три лица. Опремен е со четврто ниво на автономна технологија за управување. „ЕЗ-ултимо“ има широк спектар на употреба со тоа што поседува автономни камери за возење, радари, лидар-камери и сензори, кои се вградени во аглите на автомобилот. Патниците добиваат ви-фи преку 5Г-антена, а апликацијата направена за паметни телефони овозможува да го резервирате возилото и да пристапите кон информирање за дестинацијата и за планирање на патот.

– Инспириран од современата архитектура и целосно интегриран со планот за идните паметни градови, „ЕЗ-ултимо“ ќе обезбеди ексклузивно искуство за сите. Со автономни, електрични и поврзани автомобили, влегуваме во нова возбудлива ера во автомобилскиот дизајн – вели дизајнерот на автомобили, Лауренс ван ден Акер.

Луксузните хотели може да имаат флота од вакви автомобили со кои ќе ги носат своите гости до и од аеродромот. Исто така би можело да се изнајми ваков автомобил за специјална ноќ во градот, вели дизајнерот Стефан Јанин. Дизајнерите истражуваат неколку различни типови автономни возила. Со прикажувањето на концептот „ЕЗ-гоу“ се истражува идејата за евтина варијанта за јавен автономни превоз. Со „ЕЗ-ултимо“ од друга страна, патниците се скриени зад прозорец со решетки, покриени со светкави дијамантски облици. Самиот профил на автомобилот, кој е елегантен и луксузен, не укажува дека ќе биде евтин за користење. Целта на автомобилот е да предизвика чувство на грандиозност и би се користел за прослава во посебни пригоди, според тоа, најверојатно само побогатите ќе можат да си го овозможат.