Иако лошо почна, „Тесла“ за почеток продаде 200.000 возила „сајбертрак“

582

Со воведувањето на новиот модел на компанијата „Тесла“, наречен „сајбертрак“, интернетот беше преплавен со видеа и текстови за него и речиси сите повлијателни јутубери во автомобилската индустрија направија рецензии. Почетното претставување на новото возило на Илон Маск покажа дека не ги постигна очекувањата, со тоа што на презентацијата доста лесно се скршија непробојните стакла на возилото. Но иако немаше добар старт, сепак акциите на „Тесла“ се зголемија за четири проценти и беа нарачани 200.000 возила „сајбертрак“.

Новиот електричен камионет, изграден од некорозирачки челик, чини од 39.000 долари па нагоре. За толку скап автомобил во првото претставување не успеа да ги воодушеви гледачите, затоа што во текот на неговото презентирање пукнаа наводно непробојните стакла на возилото. Сепак, голем број инвеститорите, иако со видливи недостатоци, вложија во американската компанија „Тесла“ и нејзините акции пораснаа. Извршениот директор на компанијата Илон Маск исто така јавно изјави дека неговата фирмата веќе примила 200.000 порачки за возилото „сајбертрак“. Еден ваков пример е и обновување на полицискиот парк во Дубаи.

Дубаи, како најнаселениот град во Обединети Арапски Емирати, поседува возен парк од модели како „порше 918 спајдер“, „форд мустанг“, „астон мартин уан-77“, па дури и „бугати вејрон“ и „ламброгини авентадор“. А отсега Дубаи го дополнува својот возен парк на полициски автомобили со најновиот додаток „тесла сајбертрак“. Оваа информација ја потврди генерал-мајорот Абдула Калифа ал Мари, главен командант на полицијата во Дубаи, дека „сајбертрак“ ќе служи како патролно возило во областите каде што има многу туристи, се наведува во „Арабиан бизнис индустрис“.

Може да се забележи дека футуристичкиот пикап „сајбертрак“ предизвика големо внимание пред сѐ со својот неочекуван дизајн, кој веднаш паѓа во око. Може да се заклучи дека дизајнот во голема мера ги привлекува инвеститорите да пристапат кон купување на ова возило. „Сајбертрак“ претставува голем пикап, кој поседува дизајн со остри црти. Тој е долг околу 5.885 милиметри, широк 2.027 милиметри и висок 1.905 милиметри и има шест седишта. Освен дизајнот, ова возила има и добри перформанси.

Каросеријата на возилото е изработена од не’рѓосувачки челик, а е отпорен на гребаници и физички оштетувања, како што беше демонстрирано на презентацијата со удари од чекан по панелите. Исто така, од „Тесла“ во своето официјално соопштение велат дека челичните панели се отпорни на куршуми со калибар до девет милиметри. На презентацијата се покажа дека балистичката заштита на возилото не е доволно добра.

Тие што сакаат да го купат „сајбертрак“ ќе имаат избор од три верзии. Во однос на поминати километри, поефикасната верзија од пикапот ќе може да мине повеќе од 800 километри, додека, пак, основната верзија ќе може да мине 400 километри. Во однос на брзината, сајбертрак ќе може да забрза од нула до 100 километри на час со основната верзија за 6,5 секунди, додека пак со побрзата верзија за само 2,9 секунди.
– Подобар камионет од Ф-150, побрз од „порше 911“ – напиша Илон Маск на Твитер за „сајбертрак“.