„Гудвуд“ – фестивал на брзината

114

„Гудвуд-фестивалот на брзината“ е еден од најголемите автомобилистички настани во светот. Годинешното издание го обележи 25-от јубилеј и на ова случување беа претставени голем број нови, но и постари возила, со кои светските произведувачи учествувале низ годините. Првото издание на овој фестивал е одржано во јуни 1993 година и оттогаш претставува пример за тоа како треба да изгледа еден автомобилистички собир. Со текот на годините, „Гудвуд“ силно се етаблира на светската автомобилистичка сцена и се смета за најголема светска прослава на мотоспортот и авто-мото културата на целата планета. Годинава фестивалот се одржа од 12 до 15 јули, на традиционалната локација на Гудвуд, во Западен Сасекс, Англија, и на него се претставија најдобрите 25 моменти од претходните 25 фестивали што останале во историјата на „фестивалот на брзината“, беа одржани ридско-планински трки и претставени многу концепт-идеи и нови автомобили.

Мекларен П1 ГТ лонгтеил

За големината и важноста на „Гудвуд-фестивалот на брзината“ зборува и учеството на големиот број светски произведувачи на автомобили од сите страни на светот, а едно од главните изненадувања на фестивалот беше соработката на „Калифорнија сингер виекл дизајн“ и на британската компанија „Вилијамс адвансд инженеринг“, кои со помош на технологијата на Ф1-тимот на „Вилијамс“ успеаја да развијат мотор за „968 порше 911“, како прототип со кој ќе се тестира овој агрегат.
Јапонскиот произведувач „Тојота“ на фестивалот го претстави скоро комплетираниот модел на петтата генерација на својот најпопуларен спортски модел „супра А90“ и се очекува компанијата да ја покаже финалната верзија на еден од најголемите саеми за автомобили „Детроит автошоу“ во јануари идната година.

964 порше 911 реставрирано од Сингер и Вилијамс

Уште еден голем светски произведувач го искористи настанот за да обелодени сопствен концепт-автомобил. Станува збор за моделот „М2“ на германската компанија „БМВ“ и, според информациите, оваа верзија ќе биде околу 60 килограми полесна од претходната, што драстично ќе ѝ ги зголеми брзинските перформанси.
На „Гудвуд-фестивалот на брзина“ не недостигаа ниту британските произведувачи, па, така, „Мекларен“ го привлече вниманието со моделот „П1 ГТ“, дизајниран од Ланзанте. Автомобилот е наследник на моделот „Ф1 ГТ лонгтеил“, кој беше произведен само во три примероци, вклучувајќи го и прототип-возилото.
На фестивалот учествуваше и уште еден производител на егзотични спортски автомобили од В. Британија „Ноубл“, кој официјално го претстави својот нов модел „М500“. Станува збор за возило што се смета за „помал брат“ на моделот „М600“ и под хаубата има неверојатен 3,5-литарски В6 мотор, со „твин“ турбочарџер, со 550 коњски сили. Дополнителни информации за „М500“ се очекуваат во следниот период, со оглед на тоа дека возилото што го презентираа не е целосно довршено и комплетно развиено.

Тојота супра А90

На годинешното издание на „Гудвуд“ беа претставени и четвртата генерација на „атом“, возилото произведено од „Ариел“, моделот „ГТ-Р50“ на „Нисан“ и, според сите анкети, најпопуларниот модел од сите на фестивалот „сигнет В8“ на „Астон мартин“.
Сите претставени автомобили, атрактивни трки и големи авто-мото иновации секоја година континуирано и сè помасовно ја привлекуваат светската автомобилистичка јавност кон „Гудвуд-фестивалот на брзината“ и заедно со Формула 1 карванот е еден од најголемите настани од овој тип на Земјината топка.