Во Скопје се одржа рели-шоу на олдтајмери

363
„Шевролет корвета Ц3“, 1971 г.

Под покровителство на општината Центар, во Скопје викендов беше организирана еднодневна изложба на олдтајмер-возила и мотоцикли. На изложбата „Олдтајмер рели Скопје 2018“ учествуваа 20 странски и 35 домашни претставници на ексклузивни олдтајмер-возила. Возилата беа изложени во централното градско подрачје, во организација на олдтајмер-клубот АКК „Примо авј“ и ОК „Класик“ од Скопје.

„Кутлас суприм“, 1971 г.

Неколку десетици граѓани од земјава ги паркираа своите стари, добро зачувани автомобили на калдрмата пред бараките на општината Центар. Таканаречените олдтајмери преку целиот ден привлекуваа внимание и предизвикуваа восхит кај посетителите. Изложбата на олдтајмерите беше од меѓународен карактер, а посетителите имаа можност да уживаат во убавините на овие возила и да се потсетат на старите времиња кога се користеле вакви автомобили. Олдтајмерите можеше да се видат при отворање на манифестацијата кај општината Центар во Дебар Маало, а подоцна кај трговскиот центар „Сити мол“. На еднодневниот настан беа прикажани стари марки автомобили произведени до седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век, како на пример „опел“, „фолксваген“, „мини морис“, но исто така и „кадилак“, „шевролет корвета“. Манифестацијата се состоеше од два дела. Првиот дел беше изложбата на олдтајмер-возила и мотоцикли, во кој учествуваа 20 странски и 35 домашни претставници со ексклузивни олдтајмери поделени во два периода до 1970 година и од 1971 до 1984 година. Вториот дел претставуваше олдтајмер-рели, кое првпат се организираше во Скопје.

„Кадилак девиле“, 1960 г.

Стартот и целта на релито се наоѓаше пред општината Центар, со точно одредена маршрута. Возилата беа поделени во категории според кои подоцна беа оценувани и наградувани од техничка комисија. Ваквиот вид настани се организираат во континуитет изминативе години во Охрид, но и во Битола. „Ретро фрикс“ од Битола уште од 2011 година организира ваков вид манифестации, додека, пак, АКК „Примо авј“ од Охрид организира настани од ваков вид од 2014 година. Нашата земја за сите љубители на стари автомобили очигледно има што да понуди. Ако ги погледнеме овие возила и елеганцијата со која зрачат секако дека ќе нѐ потсетат на убавината и на стилот на една стара доба, која имаше други вредности и значење. Посетителите на годинашниот настан имаа можност да уживаат во убавините на овие возила и да се потсетат на старите времиња кога се користеле вакви автомобили.

„Фиат 124 спајдер пининфарина“ 1977 г.
„Линколн зепир“, 1936 г.