Новогодишни згоди и незгоди

Замислете деца, на Северниот Пол навеало толку многу снег, па Дедо Мраз ја загубил својата вреќа со подароци за децата, и тоа само еден ден пред Нова година. Но, за среќа, тука се учениците од 1-4 одделение од скопското општинско основно училиште „Ј.Х. Песталоци“, кои заедно со своите наставнички ќе му помогнат и така ќе ја спасат Нова година.

Звучи интересно, зарем не! За да го разубават крајот на оваа 2020 година, која, мораме да признаеме, беше по многу нешта необична, првачињата од ОУ „Ј.Х. Песталоци“, заедно со своите наставнички, Билјана Лукановска и Емилија Иванова Андоновска, ја подготвија претставата „Среќна Нова година“, во чија реализација учествуваа сите дечиња од 1-4 одделение. Проектот, секако, беше поддржан и од директорката на училиштето, Катерина Атанасова.
Пиесата премиерно се одржа вчера, и тоа онлајн, како и повеќето училишни активности периодов, се разбира заради поголема безбедност на дечињата од ова одделение.

Сепак, тие одат на училиште, учествуваа во украсувањето на својата училница, како и во неколку активности, но да тргнеме по ред.
Кога го прочитала драмскиот текст „Среќна Нова година“, чиј автор е Јасмина Илиевиќ, нејзина колешка од ОУ „Бора Лазиќ“ во Влашка кај Младеновац, Србија, наставничката Билјана Лукановска го превела на македонски јазик, а притоа го преработила и дополнила, за да го подготви со своите ученици. Откако ѝ ја кажала својата идеја на наставничката Емилија Иванова Андоновска, со намера со пиесата да ги означат крајот на првото полугодие и крајот на годината, веднаш почнале со подготовките: поделба на улогите, избор на музиката, во што се вклучила и наставничката по англиски јазик во ова училиште, Даниела Такашманова, а размислувале и за гардеробата и за сите други детали за да биде крајниот резултат според очекувањата, пред сѐ на дечињата, но и на сите што ќе имаат можност да ја погледнат претставата. И ден по ден, учениците сѐ повеќе влегуваа во своите улоги, а премиерата се случи токму вчера и, се разбира, радоста од оствареното беше огромна, на сите што беа дел од овој проект.

Приредбата ја отворија водителите Ноа и Веда и заедно со другите деца ја одиграа точката на песната „Божиќ за секој од нас“ на Александар Митевски, а по завршувањето на драмскиот текст дечињата игра и пееја на песните: „Среќна Нова година“ што ја пее Елена Ристеска, „Аll i want for Christmas is you“ од Мараја Кери, а приредбата заврши со звуците на најпознатата новогодишна песна во светот „Jingle bells“.

Дел од претставата беа: Ива, како пејачка, Пане беше момчето, Евгенија го играше девојчето, Самовила беше Веда, Месечината и ѕвездите: Бахар, Бојана, Ана и Мила, Стефи беше Снегулка, Дедо Мраз – Иан, а младиот Дедо Мраз -Томи. Децата што се појавуваат во претставата ги играа: Бојана, Ноа, Марио, Илин, Андреј Тасевски, Андреј Денкиќ, Леонид, Маркијан, Методиј и Марио.

А ако ве интересира како овој пат Дедо Мраз ја спаси Нова година, ќе ви откриеме само дека му помогнаа: Снегулката и Добрата Вила, Месечината и ѕвездите, младиот Дедо Мраз и, се разбира, оние што најмногу го сакаат, децата. И кога на крајот, белобрадиот дедо ги праша дечињата кои се нивните новогодишни желби, тие посакаа: секој човек да има свој дом и мирен сон, да има мир во светот, да имаме најчиста и најубава планета, да царуваат љубовта и добрината, сите луѓе да се почитуваат, секое детско лице да биде украсено со насмевка, да бидат сите луѓе сити, облечени во најубава облека, да заработуваат, да имаат исти права, и црните и жолтите и белите и децата од град и од село, и се разбира – секој човек да биде среќен!
Се разбира, Дедо Мраз вети дека сите желби ќе ги оствари и на сите деца на планетата им посака среќна Нова година! 


Новогодишни радости

Дали полноќ веќе ѕвони?
Од радост ли лае Шарко?
Пакетчиња и балони
носат Симе, Весна, Марко!

Под прозорец Борко стои –
веќе згрме, веќе лета,
светна првата ракета
– каков празник, колку бои!

Ечат песни, врева, свирка:
годината Нова стаса
Дедо Мраз се чуди, ѕирка –
сите деца среќни да се.

Даруваме песна вечна,
љубов, радост да нѐ греат,
годината да е среќна
и срцата да ни пеат…

Томе Арсовски


Хуманитарна акција „Од децата за децата“

Наставничките Билјана и Емилија заедно со своите првачиња спроведоа и хуманитарна акција „Од децата за децата“. Поголемиот дел од учениците во придружба на своите родители донираа своја гардероба, играчки, храна, обувки, новогодишни пакетчиња за оние што немаат и на кои им се неопходни нивните донации. Со неколку автомобили, наставничките со родителите ја однесоа донацијата во црквата,,Св. Спас“ во Драчево. Таму се сретнаа со отец Оливер, кој со своите волонтери ја прими донацијата и ги информира дека ќе им биде предадена на децата и возрасните на кои им е неопходна.
Со вакви активности учениците уште од најмала возраст ги развиваат особините како: љубов, сочувство, хуманост, другарство и заедништво.


Креативни работилници

Во текот на првото полугодие учениците од I-4 одделение работеа со полна пареа. На часовите по Ликовно и Музичко образование беа спроведени повеќе новогодишни работилници организирани од наставничките Билјана Лукановска и Емилија Иванова Андоновска, во соработка со родителите на учениците. Тие донираа украсна хартија, елка, лампиони и новогодишни орнаменти за декорирање на училницата, со кои првачињата изработија новогодишни мотиви од хартија и стиропор и ги декорираа прозорците, таблата и вратата на училницата.
На часовите по Музичко образование, пак, тие изработија детски музички инструменти што учениците ги употребуваат на часовите и свират на нив. Имаше и новогодишна лотарија и праќање писма со цртежи до Дедо Мраз.
– Цел на нашите активности е развивање самодоверба, истрајност, прецизност, чувство за естетика – велат наставничките Лукановска и Андоновска.