Издавачката куќа „Антолог“ го објави романот „Едем“ од полскиот писател и футуролог Станислав Лем, најпреведуваниот автор на научна фантастика во светот. Следната 2021 година се oдбележуваат 100 години од раѓањето на овој легендарен писател, па објавувањето на книгата е своевиден пригоден момент и по повод овој јубилеј. Преводот на македонски е дело на Милица Миркуловска.

Напишан во 1958 година, „Едем“ ја отвора зрелата епоха во творештвото на Лем од жанрот на научната фантастика.

Експедиција од Земјата поради погрешни пресметки доживува судир со атмосферата и принудно слетува на планетата Едем, при што ракетата се разбива, а екипажот преживува… Овие политички услови можат да ги потсетат читателите на еден вид орвеловска визија, но далеку повеќе има алузии со доживувањата на Робинзон Крусо и со настаните во „Таинствениот остров“ од Жил Верн. Самиот Лем не сакал да дава изјави за „Едем“, ниту во јавноста, ниту во преписките. Постои хипотеза дека премногу се открил себеси во неа и дека главната фабула ја претставуваат своевидни сеќавања за настаните во гетото во Лавов.

Во издание на „Антолог“, претходно на македонски се преведени и неколку други книги од Станислав Лем – култната „Соларис“, како и „Киберијада“ и „Непобедлив“.
Станислав Лем (1921-2006) е најпреведуваниот полски писател, сатиричар, филозоф и футуролог, како и најпреведуваниот автор на научна фантастика од неанглиско говорно подрачје. Тој е меѓу најпознатите писатели и теоретичари на научната фантастика. Добитник е на многу престижни награди и признанија, а бил и почесен доктор на повеќе универзитети во Полска и во светот. Неговите книги се продадени во неверојатни над 45 милиони примероци.