Првата средба со Давид

Антиупатства за лична употреба

Давид Албахари го запознав во кафеаната „Код певца“, на Обилиќев венац. Денес, иако на истото место и со истото име, со високи дрвја меѓу масите, дури и со несоодветна бела фонтана на петел пред неа, кафеаната не е налик на оној „Певац“ од седумдесеттите. Тогаш посетителите, главно млади и студенти, се собираа таму особено во топлите попладниња и живо и бунтовно џагореа. Едно такво попладне, со група студенти од Филолошкиот, додека внесено дискутиравме за формирање на списанието „Знак“, некој од нас го забележа: – Ене го Давид! На една од оддалечените маси Албахари седеше сам и пиеше кафе.

Во средината на седумдесеттите, кога студирав светска книжевност, бев навистина заведен од постмодернизмот, убеден дека се случува голем подвиг на полето на литературата, од рангот на оние пресврти кон кои за време на студиите особено се приврзав. Како што порано романтичарите Колриџ, Бајрон и Шели ми изгледаа како хипици, модернистичките прваци Кафка, Џојс или Селин како андерграунд јунаци, сега бев подготвен книгите на Набоков, Калвино, Кортасар, Пинчон… и на Борхес, секако, кој ме раздрма порано, во гимназиските денови, да ги доживеам како луцидни водичи кон еден нов тип литература што ќе ги реформира и пишувањето и читањето.
Таа понесеност кон новата лектира завладеа во страсните дискусии „за“ и „против“ низ кафеаните по Кнез Михајлова, факултетските ходници, редакциите на книжевните списанија. Нормално бев „за“, заедно со врсниците Бајац, Великиќ, помладите Пиштало, Јерков. И секако, тука беше Албахари. Неоспорно водечка фигура на новата проза, автор на книгата раскази „Семејно време“, уредник на „Писмо“ и „Книжевна реч“.

Кога се запознав со него тој пролетен ден, под разгранетите крошни на „Код певца“, бев возбуден како средношколец, со помешани дози восхит и неспокој.
Подоцна, со севкупниот свој книжевен опус, како и со својата преведувачка и уреднички промотивна дејност, Албахари изврши, што и ден-денес се чувствува, големо влијание врз развојот на постмодернизмот во бившојугословенскиот регион. Но тогаш, кога се запознав со него, тој сѐ уште беше „ѕвезда во подем“ (тие години, на пример, Ниновата награда ја добија Александар Тишма за „Употреба на човекот“ и Мирко Ковач за „Вратата на матката“). Токму затоа непосреден предизвик за младите амбициозни книжевни дебитанти. Во средината на седумдесеттите, Давид Албахари уживаше популарност меѓу младите љубители на постмодерната литература. Неговите преводи на современите прозни мајстори, Белоу, Набоков, Пинчон. Ги читавме по списанијата како откритија.
Се покажа дека постмодернизмот умее да заведува. Беше штосен, а начитан, лудирачки расположен, но и со убиствени синтагми што можат да здрмаат млад литерат. Тој можеше да си игра криенка со воспоставените, (квази)достоинствени, авторитетни вистини, и тоа е еден од неговите најубави дострели и до ден-денешен, кога како поетика мошне се истроши.

Давид беше неколку години постар од членовите на нашето друштво собрано во „Код Певца“, па нам, штотуку излезени од бруцошкиот период, ни изгледаше мошне повозрасен. За нас, почетници во литературата, за името на Албахари блескаше предводничката аура на новата книжевна генерација, па можно е да се замисли колку ни беа долги десетината метри меѓу нашите две маси. Но кај мене импулсот беше посилен, можеби зашто бев навлезен во рокенрол-фазонот, па веднаш се упатив кон него, му се претставив и скривајќи ја збунетоста, започнав да редам брзи реченици. Ме сослуша со полунасмевка, ми рече да седнам… Така, на еден, од моја страна, наметлив начин започна нашето ненаметливо дружење, што мирно ги преброди сите матни времиња. Повеќе се допишувавме и телефониравме, ретко се гледавме, потоа тој се пресели во Канада, а кога се врати оттаму, се среќававме на книжевни собири надвор од нашите татковини. Ќе поразговаравме опуштено во хотелските ресторани, меѓу две читања. Отсекогаш ми импонираше неговата целосна предаденост кон литературата, како нешто што се подразбира само по себе. Ги читам, со изразено љубопитство, неговите книги што меандрираат меѓу интимата и меморијата.
И читајќи го, се потсетувам на нашата прва средба во бавчата „Код певца“.