Фото: Принтскрин

Предизвиците за масовно вакцинирање, новата администрација во Белата куќа, продолжувањето на тензиите меѓу САД и Кина, санирањето на економските штети од пандемијата и понатамошното еродирање на демократијата се главните геополитички фактори што се очекува да го обликуваат светот во наредните 12 месеци

Две илјади и дваесетта година беше година на клучни настани, а истото тоа се очекува и за 2021-та. Некои од настаните без сомнение ќе изненадат. Малку експерти пред една година предупредуваа за светска пандемија. Можеби по една сите ќе зборуваат за долгови во растечките пазарни економии или за огромен терористички напад што би го надминал тој во САД на 11 септември 2001 година. Или можеби нема. Тешко е да се предвидуваат настани. Но исто така има многу голем број настани во светот за кои барем делумно знаеме дека ќе се случат. Во прилог се пет познати геополитички настани што треба внимателно да се следат во 2021 година. Секој од нив има потенцијал да се претвори во доминантен настан на годината, но едноставно може и да потоне во заборав.

Масовно вакцинирање

Новиот коронавирус го сврте светот наопаку во 2020 година. Како што изминува годината, бројот на загинати во светот надмина 1,7 милион и секое економско закрепнување „веројатно ќе биде долго, нееднакво и многу неизвесно“, а експертите и лекарите се прашуваат дали по пандемијата животот некогаш ќе се врати во нормала. Добрата вест е дека ефикасни вакцини се одобрени за употреба, а други чекаат одобрување. Но дистрибуцијата на вакцините ќе трае многу месеци и ќе донесе големи логистички предизвици. Погрешните чекори се речиси неизбежни. Исто така, може да се создаде поделба помеѓу земји што имаат вакцини и оние што немаат. Многу се очекува од „Ковакс“, меѓународниот сојуз за производство и дистрибуција на вакцини. Но системот може да се закочи ако земјите трупаат резерви или ги користат тие вакцини што ги добиваат неразумно. Индија и Јужна Африка се залагаат за одземање на заштитите на интелектуална сопственост за вакцините и терапиите против ковид-19 поради тоа што може да бидат и комерцијални и хуманитарни. Критичарите се загрижени дека таквиот потег може да го намали интересот за откривање идни вакцини и третмани. Во меѓувреме, остануваат прашања во врска со тоа колку долго ќе трае имунитетот по заразување со ковид-19 или со вакцинирање, дали е можно некој што е вакциниран да се зарази со вирусот и да зарази други и дали вирусот ќе продолжи да мутира на начини што ќе го прават повеќе заразен. Како резултат на тоа, мерките како што се носење маски, физичко дистанцирање, тестирање и следење контакти и понатаму играат голема улога во борбата против ширењето на ковид-19 во текот на 2021 година, а можеби и подоцна.

Нов потстанар во Белата куќа

Џо Бајден се подготвува да стане 46-от претседател на САД. Тој наследува полна вреќа надворешнополитички проблеми и јавност што очекува од него да поправи низа застрашувачки домашни проблеми среде пандемија. Бајден брзо ќе реагира за да смени делови од политиката „Америка на прво место“ на Доналд Трамп, со одлуки за повторно приклучување кон Парискиот климатски договор и Светската здравствена организација. Но Бајден се надева дека ќе го одложи решавањето на некои проблеми, како трговската војна со Кина и трговската политика генерално, додека тој ја пополнува својата администрација со кадри, ги разгледува своите опции и напредува со исполнувањето на својата домашна агенда. Меѓутоа, настаните може да не го дозволат овој лежерен пристап. Бајден може да се соочи со рани тестови со иранската нуклеарна програма, можни севернокорејски ракетни или нуклеарни тестирања и ефекти од огромното руско хакирање на американската влада и корпорациите. Тврдокорната политика на Трамп му дава на Бајден одредена моќ, но веројатно не толку колку што тој би сакал. Бајден исто така се соочува со пречки во Вашингтон. Тој би можел да биде првиот претседател по Џорџ Буш Постариот што стапува на должност без да ги контролира неговата партија двата дома на Конгресот. Додека претседателите имаат поголема можност за дејствување во надворешната политика отколку во домашната политика, тие немаат бланко карта. За да бидат работите уште полоши, Трамп најверојатно нема тивко да замине во политичка пензија. Наместо тоа, тој ќе им се спротивстави на републиканските законодавци. Бајден е во незавидна позиција: од него се очекува многу, а неговата способност за дејствување е ограничена.

Тензии меѓу САД и Кина

Кина под водство на Си Џинпинг сѐ погласно ја потврдува доминацијата на глобалната сцена. Во 2020 година, Кина ја зајакна својата агресивна дипломатија, се обиде економски да ја казни Австралија зашто бараше истрага за потеклото на коронавирусот, предизвика граничен судир со Индија, воведе нов закон за национална безбедност на Хонгконг, кој ги крши условите на договорот со кој се регулира предавањето на градот од Обединетото Кралство, и постојано се обидуваше да го заплаши Тајван заради зајакнување на своите врски со САД. Предвидлив е стравот дека Кина се обидува да доминира во светската политика, не водејќи грижа за интересите на другите. Прашањето е дали Кина ќе ги признае тие проблеми и ќе избере покооперативен курс, особено сега, кога се соочува со нов претседател на САД, кој сака да изгради сојуз против кинеската моќ. Можеби ќе ги зголеми шансите за конфронтација. Се чини дека одговорот е втората опција. Иако коронавирусот првпат се појави во Вухан, Кина се справи со пандемијата многу подобро од повеќето западни земји и, секако, подобро од САД. Кинеската економија веќе се врати во живот и се очекува да зајакне во 2021 година. Заклучокот што се чини дека го извлече Кина е дека ја добива својата конкуренција со Западот. Нејзината пропаганда ја поздравува „институционалната супериорност“ на нејзиниот модел на владеење. Така, наместо да се плаши од повиците на американските власти за раздвојување на двете економии, Кина прифаќа раздвојување од Западот, но под свои услови. Со други зборови, може да се очекуваат зголемени тензии и пресметки во наредните месеци.

Глобален пораст

Ковид-19 сериозно ја погоди глобалната економија во 2020 година. Светското производство се предвидува да се намали дури за 5,2 проценти оваа година. Кина може да биде единствената голема економија што порасна во 2020 година, иако со процена од 1,8 процент, таа сепак беше далеку под посакуваната стапка на пораст од шест проценти. Сиромашните земји најтешко се погодени од економскиот пад. Бројот на луѓе втурнати во екстремна сиромаштија низ светот од пандемијата може да надмине 120 милиони лица. Тоа значи дека деценискиот напредок во борбата против глобалната сиромаштија може да биде избришан. Добрата вест е дека вакцините против ковид-19 треба да создадат поддршка за глобалната економија во 2021 година. Колкава ќе биде таа ќе варира од земја до земја. Оние земји со низок јавен долг, разумно економско управување и ефективни ограничувања на ширењето на коронавирусот веројатно ќе поминат најдобро. Кина би можела да достигне една третина од светскиот економски раст во 2021 година. Спротивно на тоа, придонесите на Европа и Северна Америка веројатно заостануваат во нивниот удел во глобалната економија. Генерално, секое закрепнување веројатно ќе биде бавно. Меѓународниот монетарен фонд ги намали своите проекции за глобалниот економски пораст по 2022 година и предупреди дека зголемувањето на глобалната сиромаштија може да продолжи и по 2020 година. Светска банка изрази слична загриженост, истакнувајќи дека економиите во развој што се потпираат на трговија, туризам и дознаки веројатно ќе бидат особено тешко погодени. Отворено прашање е дали овие економски проблеми ќе значат поголем политички конфликт во земјите или помеѓу нив.

Демократски пад

Демократијата е под закана. „Фридом хаус“ известува дека политичките права и граѓанските слободи се влошувале во целиот свет веќе четиринаесет години по ред. Популистичките лидери во земји како Бразил, Унгарија, Филипини, Полска и Турција донесоа низа политики што ги уриваа нивните демократски институции. Пекинг го ограничи движењето за демократија во Хонгконг со наметнување и агресивно спроведување нов закон за безбедност што го ограничува несогласувањето. Сепак, има и неколку светли точки. Белорусите излегоа на улиците откако долгогодишниот претседател Александар Лукашенко извојува победа на фалсификуваните избори во земјата во август. На крајот од годината се зголемија шпекулациите дека тој ја губи поддршката од безбедносните сили што го одржуваат на власт. Бајден вети дека ќе ги заживее демократските вредности, вклучувајќи и како домаќин на „глобален самит за демократија за обновување на духот и заедничката цел на народите од слободниот свет“. Проблемот е во тоа што САД можеби веќе не се најдобриот гласник. Долгите и постојани напади на Трамп врз неговите противници и медиумите, заедно со неговото одбивање да го признае изборот на Бајден, неговите лажни тврдења за големи изборни измами, неговите напори да ги убеди државните службеници да ги поништат изборите и одбивањето на повеќето водечки републикански функционери да го критикуваат неговото однесување, само покажуваат колку демократските норми еродирале во најстарата континуирана демократија во светот. Кога Бајден повикува на заживување на демократските вредности во светот, може да го чуе одговорот дека Америка треба прво да почне од својот двор.