„Македоника литера“ го објави романот „Гордиот Дабидеш“ на чешката писателка Ирена Доускова, кој е едно од најпознатите чешки прозни дела на 21 век, извонредно успешен и познат бестселер со повеќе изданија на чешки јазик, кој е преведен на петнаесетина јазици. Неговата сценска адаптација долго време се изведува во чешките театри и често е прикажувана на чешката телевизија.

„Гордиот Дабидеш“ е најуспешната книга на Доускова. Ова дело стана едно од најпознатите чешки прозни дела објавени во времето на кадифената револуција. Само во Чешка се продадени повеќе од 65.000 примероци.

Ирена Доускова (1964) е чешка писателка: романсиерка, раскажувачка, поетеса и драмска авторка. Завршила правен факултет, а работела како новинарка, библиотекарка и драматург. Од 2006 година заработува за живот од пишување книги, драми и филмски сценарија. Живее во Прага. Авторка е на десетина прозни книги што се продадени во повеќе од 100.000 примероци само во Чешка. „Гордиот Дабидеш“, „Онегин од Русија“ и „Дарда“ може да се сметаат за трилогија. Ги поврзува главниот лик – Хелена Соучкова. Овие три романи се нејзините најпопуларни дела. Сите три книги имаат и сценска адаптација од авторот, и сè уште успешно се играат во чешките театри. За главната улога во „Гордиот Дабидеш“, која е одиграна во повеќе од шестотини претстави, Барбора Хржанова е наградена со највисоката чешка драмска награда „Талија“.

Книгите на Ирена Доускова се објавени на англиски, германски, руски, бугарски, унгарски, полски, словенечки, белоруски, шпански (во Мексико), босански, хрватски, украински, турски и на летонски. Ова е прво нејзино дело објавено на македонски јазик.