Конзерваторката и сликарка Маријета Сидовски за српски портал

Конзерватор е некој што прегледува, конзервира, а со тоа и го реставрира и го чува културното наследство. Конзервирањето уметнички дела е убава и благородна работа што од човекот бара минимум его: се наоѓате пред дело што има своја поетика и ликовност, вели Сидовски, која веќе четири години е виша конзерваторка во галеријата на „Матица српска“

Приказната за сликарката Маријета Сидовски во галеријата на „Матица српска“, каде што веќе четири години е виша конзерваторка, го конзервира нашето колективно сеќавање. Таа приказна во уметничка смисла започна во Скопје, продолжи во Нови Сад, а претходно беше проткаена од француско-африканско-њујоршките искуства. Сите тие ја научија на тишина и трпение, кои заедно со знаењето се императив на конзерваторската работа.
– Те обликува сѐ што со окото, раката и ногата ќе откриеш, сѐ што слушаш и мирисаш, сѐ што сонуваш и за што копнееш. Сето она што си бил и што си, вткаено е во тебе, во она што ќе бидеш. Сам, ретко имаш време да го забележиш тоа или да размислиш за тоа, бидејќи животот те меле на дневно ниво, но ако си уметник, тогаш животот и работата ти се токму тоа, размислување за движењето на животот низ минатото, сегашноста и иднината. Постојат уметници што своите дела ги креираат во сегашноста за иднината, но постојат и оние што за таа иста иднина ги чуваат низ времето – вели македонската уметница и конзерваторка Маријета Сидовски во разговорот за српскиот портал „021.рс“.

Таа по вокација е сликарка, првобитно било во план боите и платната да бидат нејзин живот, но како што тој ист живот често не е она што се планира, туку повеќе е некако она што тој ќе го изрежира, се покажа дека сликањето денес ѝ е хоби во кое ужива кога не ја работи својата основна работа – конзервирање уметнички дела.
– Конзерватор е некој што прегледува, конзервира, а со тоа и го реставрира и го чува културното наследство. Тоа е работа што со знаење и константна наобразба бара многу трпение, одговорност и внатрешен мир. Конзервирањето уметнички дела е убава и благородна работа што од човекот бара минимум его: се наоѓате пред дело што има своја поетика и ликовност. Тука вашата ликовност како автор е сосема исклучена. Вие како конзерватор треба да го заштитите уметничкото дело – превентивно или активно, и со тоа да го одржите во живот. Конзерваторот наедно е и чувар на националното богатство – вели на почетокот од разговорот Сидовски.

Според неа, конзервацијата подразбира соработка на стручните лица од повеќе области: хемичари и физичари на пример, бидејќи од конзерваторот не се очекува нужно да биде и хемичар или одлично да се разбира во зраците со кои се добиваат различни видови фотографии што служат за што подобро исчитување на уметничкото дело. Често со тие први испитувања се дознава многу што е важно за подоцнежниот третман, но и за историјата на третманот и за чувањата низ кои делото поминало.
– Кога работите на конзервација на некое дело, морате, меѓу другото, да ја знаете историјата на уметноста, морате да имате и способност да ги препознаете видовите пигменти и врзива, кој вид разредувач, на пример, ќе го користите за да не го повредите уметничкото дело. За да остане најблиску до изворното дело, конзерваторот треба да користи методи што се покажале и докажале делотворни во одржување на предметите и што е можно подолго. Интернетот овозможи брзо вмрежување на знаењата на колегите низ светот, ширење искуства и полесно пронаоѓање на најдоброто решение за конзервација на некое дело. Освен тоа, конзерваторот треба да го почитува начелото на минимална интервенција, треба да користи методи и материјали што се реверзибилни за да се намали можноста од проблеми при идните третмани, истражувања и користења. На крајот, конзерваторот е должен да го документира целиот процес на конзервација – вели Сидовски.

Пред да се врати во родниот Нови Сад, пред речиси четири години, Маријета Сидовски живееше во Скопје. Тука заврши сликарство кај професорите од старата добра југословенска школа, Душан Перчинков и покојниот Танас Луловски. Во моментот кога нејзината генерација започна да стои на нозе, по сите шевови почна да се распаѓа земјата во која живееше. Скопје години потоа ѝ беше животна и уметничка база, таму повеќе од една декада работеше во Музејот на современата уметност, но нејзиниот живот беше сосема номадски – убав и предизвикувачки, но не баш лесен. Во тој период имаше, за неа, многу битни уметнички излети во Белград (каде што кај професорот Светислав Николиќ магистрирала конзервација и реставрација на Факултетот за применети уметности), Париз, Фиренца, Истанбул, Њујорк, па дури и во Африка.

– Еден циклус од моето занимавање со уметноста беше врзан за екологијата. Во таа фаза сликав на материјали што ги наоѓав во природата, не користејќи четкичка и класични бои, туку сите пигменти, кожа, метали… сѐ што, условно речено, како отпадок го наоѓав во природата. Ги рециклирав и ги ставав на платно или на дрвена основа. Тие мои мали асемблажи прошетаа низ светот во вид на изложби, а на темата сликарство и екологија одржав многу работилници низ целиот свет. Во еден момент преку македонското министерство за култура се пријавив за заеднички проект на УНЕСКО и УНИЦЕФ така што заедно со уште двајца колеги од Македонија, скулпторка и фотограф, како и со другите триесетина уметници од целиот свет, отидов во Африка во нејзиниот централен дел, во Нигер, Нигерија, Брегот на Слоновата Коска, кои во тој момент, а во кој момент во Африка не се – беа погодени од глад – раскажува Маријета и додава дека таму држеле сликарски работилници за деца и за возрасни.

Тоа неа ѝ било, истакнува, искуство што човека го протресува од темел.
– Сѐ што направивме таму со тие прекрасни луѓе остана како уметнички објект, кој ќе помогне да се оформи галерија на современа уметност. Надвор од тие работилници имавме многу добри локални водичи, кои нѐ однесоа на места каде што пулсира вистинскиот африкански живот, до кои инаку нога на обичен човек не може, ниту смее да дојде. Мораш да имаш водич за да го видиш вистинскиот африкански живот – на улица, не оној на туристичка Африка, на сафари и погледи од џип. Непроценливо е искуството на таа Африка. Таа е навистина петтиот елемент – истакнува Сидовски.
Бидејќи короната, за жал, и понатаму ни е битна одредница на животот, Сидовски зборува и за тоа како го доживува ова време.

– Во март годинава, токму непосредно пред самата епидемија, имав изложба во скопската галерија „Акантус“. Изложбата живееше во услови што беа приспособени на пандемијата. Морам да кажам дека никогаш не ги подразбирав стравот и паниката како добри сојузници на животниот пат, па ниту сега, но некои ситуации не подразбираат нужна промена, како животните услови во оваа наша нова ситуација, која, ми се чини, ја прифативме без многу размислување – верува Сидовски и додава дека ѝ се чини дека епидемијата покажала дека културата е есенција на живеењето, која им е повеќе од потребна на сите.

Не ја губи верата дека уметноста ќе најде пат, но ја загрижуваат последиците од тоа.
– Тие се неминовност, бидејќи со недостигот од култура, опаднаа и моралните и духовните вредности, како и општото воспитание со кое, ми се чини, веќе повеќе години „ја губиме битката“. Виртуелните тури по музеите, галериите, градовите, виртуелните концерти, тоа не го поддржувам како форма. Копнеам за враќање на презентацијата на културата во нормални текови, природно, опуштено, без оклопи – маски и дистанци – додава Маријета.

Смета дека секој од нас ова време треба да го искористи за средување на мислите и сопствената глава, за согледување на некој свој досегашен живот.
– За уметниците ова време е момент за филозофско промислување на својата уметност, бидејќи уметноста не е само мануелна работа. На чинот на создавање му претходи чин на сложување на мислите, на обликување на идејата, избирање бои и облици, некои фини илузии за изгледот на идното дело, кое често претрпува промени во работата. Верувам дека пандемиски акумулираните сили и идеи во блиска иднина ќе излезат на некој од медиумите што ги сакам и ги негувам во својата уметничка практика, цртеж, слика или колаж – заклучува Маријета Сидовски, чии слики досега се изложувани на изложби од Нови Сад преку Скопје до Њујорк.