Обновата на односите на САД со Европа и довербата во НАТО исто така е меѓу главните приоритети на администрацијата на Бајден, смета Нај

Прашањето за новата администрација во Вашингтон е дали САД и Кина можат да соработуваат во создавање глобални јавни добра додека се натпреваруваат во традиционалните сфери, нагласува Џозеф Нај, професор на „Харвард“

Соочен со поделена влада и поларизирана јавност, Џо Бајден ќе има ограничена слобода во домашната политика, но повеќе простор за иновации во надворешната политика. И покрај тоа, голем дел од неговата агенда ќе биде наследен од администрацијата на Доналд Трамп. Големата политика на моќ ќе остане, а моќта на Кина ќе се зголемува. За среќа, Азија има свој внатрешен баланс на моќ и иако многу земји сакаат пристап до растечката економија на Кина, тие исто така го поздравуваат присуството на американската безбедност за да ја задржат својата независност. Одржувањето на американските сојузи со Јапонија, Кореја, Австралија и подобрувањето на односите со Индија е водилка за надворешната политика. Истото важи и за обновата на односите на САД со Европа и довербата во НАТО.

Потешките прашања се појавуваат во врска со институционалната структура на светскиот поредок, каде што Трамп беше првиот претседател од 1945 година што го доведе во прашање американскиот либерален меѓународен поредок. Дали Бајден треба да се обиде да го оживее или тој е веќе реликвија?

Американскиот поредок по 1945 година не беше ниту глобален, ниту секогаш многу либерален. Тој изостави повеќе од половина од светот (Советскиот блок и Кина) и вклучува многу авторитарни држави. Американската хегемонија секогаш беше претерана. Како и да е, најмоќната земја мора да води во создавањето глобални јавни добра, или во спротивно нема да бидат обезбедени, а Американците (меѓу другите) ќе страдаат. Тековната пандемија е јасен пример, како и проблемите со климатските промени, неширењето нуклеарно оружје или стабилниот меѓународен монетарен систем. Ако некој ја замисли агендата за надворешна политика во следната деценија, овие прашања веројатно ќе се зголемат во важност. Бајден треба да цели кон меѓународни институции засновани на правила затоа што тоа е во национален интерес на САД. Но како одговара ова на големата конкуренција за моќ? Одговорот може да лежи во променливото членство.
По Студената војна, ниту Русија ниту Кина не можеа да ја балансираат американската моќ, а САД го надминуваат суверенитетот во потрага по либералните вредности. САД ја бомбардираа Србија и го нападнаа Ирак без одобрение од Советот за безбедност на ОН и ја бомбардираа Либија за да ги заштитат граѓаните на Бенгази. Русија и Кина се чувствуваа измамени од американската униполарност. Оттогаш, порастот на кинеската и руската моќ постави построги граници за либералниот интервенционизам.
Русија и Кина ја нагласуваат нормата на суверенитет што беше заведена во Повелбата на ОН во 1945 година. Државите можат да војуваат само заради самоодбрана или со одобрување на Советот за безбедност. Преземањето на територијата на соседот со сила е ретко од 1945 година и доведе до скапи санкции кога се случи тоа (како со руската анексија на Крим во 2014 година). Ограничена соработка е можна во рамките на ОН, на пример, за распоредување мировни сили во проблематичните земји, а политичката соработка го ограничи ширењето на оружјето за масовно у

ништување. Оваа важна димензија на поредокот заснован на правила останува.
За економските односи, многу правила ќе бараат ревизија. Кинескиот хибриден државен капитализам, поткрепен со неправеден меркантилистички модел, го наруши функционирањето на Светската трговска организација. Резултатот ќе биде делумно раздвојување на глобалните синџири на снабдување кога безбедноста е во прашање. Иако Кина се жали кога САД спречуваат компании како „Хуавеи“ да градат 5Г-мрежи на Запад, оваа позиција е во согласност со суверенитетот и безбедноста што ги практикува самата Кина во однос на интернетот. Преговарањето за нови трговски правила може да помогне да се спречи раздвојувањето да прерасне во неконтролиран протекционизам. Во исто време, можеме да се продолжи соработката во клучниот финансиски домен.

Еколошката зависност, сепак, претставува непремостлива пречка за суверенитетот, бидејќи заканите се транснационални и се покоруваат на законите на биологијата и физиката, наместо на логиката на современата геополитика. Ваквите проблеми им се закануваат на сите, но ниту една земја не може да управува сама со нив. Идеологијата не е релевантна. Парискиот договор и Светската здравствена организација им помагаат на сите. Тешкото прашање за Бајден ќе биде дали САД и Кина можат да соработуваат во производството на глобални јавни добра додека се натпреваруваат во традиционалните области. Можеме ли да се научиме на соработка и на ривалство истовремено?

Сајбер-просторот е уште едно ново прашање, делумно транснационално, но исто така и предмет на суверена владина контрола. Интернетот е веќе делумно расцепкан. Нормите во врска со слободата на говорот и приватноста на интернет може да се развијат меѓу демократиите, но нема да бидат испочитувани од авторитарните држави. Глобалната комисија за стабилноста на сајбер-просторот даде низа правила, со кои се забранува нарушување на основната структура на интернет, кои се исто така во интерес на авторитарните држави, ако сакаат поврзување. Но кога тие користат посредници за да се мешаат во избори (што го нарушува суверенитетот), нормите ќе треба да се зајакнат со правила како што се оние за кои САД и СССР преговарале во Студената војна (наспроти идеолошкото непријателство) за да се ограничи ескалацијата на инцидентите на море. САД и истомислениците ќе мора да ги објават нормите што имаат намера да ги почитуваат.

Неодамнешната анкета на Советот за глобални прашања во Чикаго покажа дека американската јавност сака да избегне воени интервенции или „бесконечни војни“, но не и да се повлече од сојузите или мултилатерална соработка. Јавноста на САД сè уште се грижи за вредностите. САД ќе продолжат да ги критикуваат прекршувањата на човековите права од авторитарните земји. Прашањето за Бајден не е дали да го обнови либералниот меѓународен поредок. Прашањето е дали САД можат да работат сојузници за промовирање на демократијата и човековите права, додека соработуваат со поширока група држави за справување со меѓународните институции засновани на правила, потребни за справување со транснационалните закани како климатски промени, пандемии, сајбер-напади, тероризам и економска нестабилност. Може ли Америка да научи да се справи со т.н. кооперативно ривалство?