Светската премиера на долгометражниот игран филм „Барајќи ја Венера“ во режија на Норика Сефа, кој е косовско-македонска копродукција, ќе се одржи на Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам. „Барајќи ја Венера“ е селектиран во програмата „Тајгер компетишн“ на претстојното издание на престижниот фестивал во Ротердам, во февруари идната година.

Филмот, кој е дебитантско остварување на режисерката Норика Сефа, беше препознаен од македонските продуценти и од Агенцијата за филм на Македонија, која го поддржа овој проект. Тонската постпродукција и звучниот дизајн, на овој дебитантски филм на режисерката Сефа, беа сработени во продуцентската куќа „Аудиохаус“ од Скопје. Македонски продуценти на проектот се Дејан Крајчевски и Игор Поповски.

– Станува збор за исклучително сензибилен филм во кој македонската поддршка во тонскиот дизајн и конечната реализација беа клучни да се реализира вакво несекојдневно остварување, кое стана дел од трката за награда во еден од најзначајните европски филмски фестивали. Се радуваме на успехот и се надеваме дека регионалните копродукции се еден од начините да станеме дел од европската карта на филмските фестивали – велат продуцентите.

Филмот раскажува приказна за скромната тинејџерка Венера што живее во мало село на Косово. Во нејзиниот дом живеат три генерации, така што таа нема многу приватност. Надвор, на улиците и во кафулето, не е многу подобро: селото е мало и секогаш има брат, внук или сосед, кој внимава на неа. Од една девојка се очекува пред сè да ја заштити својата добра репутација – и таа на нејзиното семејство…
Од косовска страна продуцент е Бесник Крапи, сценариото е на Сефа, а кинематографер е Луис Армандо Артеага.