Премиера на монодрамата „Последната лента на Крап“

81

На малата сцена во МНТ денеска со почеток во 12 часот премиерно ќе биде одиграна монодрамата „Последната лента на Крап“ од Семјуел Бекет, а во изведба, режија и продукција на првенецот на Македонскиот народен театар, Ѓорѓи Јолевски.

Претставата е копродукциски проект помеѓу Македонскиот народен театар и „Перипетија продукција“ од Скопје. Продуцент е Ѓорѓи Јолевски, а извршен продуцент е Никола Кимовски. Преводот на текстот од англиски на македонски јазик го направи драматургот Владимир Јанчевски. Сценографското решение, дизајнот на плакатот и програмскиот каталог се на Сергеј Светозарев, костимографијата е на Ивана Каранфиловска-Угуровска.

– „Последната лента на Крап“ е претстава за еден осамен човек, изолиран од светот, кој на неговиот 69-ти роденден ги преслушува старите магнетофонски ленти. Меѓу нив една лента има посебно место: таа што се наоѓа во кутијата три – ролна пет! На неа е снимен тој, средовечниот Крап, пред цели 30 години, одамна минато време, каде што зборува за уште подалечни, а клучни настани од својот одамна изминат младешки свет, за изгубената љубов, за смртта на неговата мајка, за илузиите и неуспешната кариера. А стариот Крап, сега има амбивалентен однос кон тоа што го слуша. Ова е претстава за изолацијата, за стареењето, за кревкоста на сеќавањето, нашиот комплексен однос со технологијата, во еден свет во кој времето неповратно минува, низ многубројни ограничувања со кои нѐ соочува самиот живот – велат од МНТ.