Феникс?

За минатата колумна едни ме прекорија дека емоциите не се за во јавност, а други рекоа дека ги допрела, бидејќи била глас на безгласните. Мојот одговор е во духот на слоганот „политичкото е и лично, а личното е политичко“ (не затоа што сум жена). Оваа изрека е врзана за феминизмот, но нејзината релевантност е многу поширока. Кај нас станува збор за прашање што е нужно и лично и политичко; власта наводно го „решава“ со непримерна пенетрација и во сферата на личното и на колективното, на брутален и бескрупулозен начин. Маските паднаа во писмото на Димитров до грчката влада, во кое укажа дека толкувањето на членот 7 од Преспанскиот договор е инакво од пропагандистичкото, кое го застапуваа политичарите и експертите (меѓу кои и феминистки). Придавката „македонско/македонски“ на никој начин не се однесува на национална или етничка определба, т.е. признаваме дека македонски етнос не постои.

Ова беше крунски „аргумент“ со кој Ципрас доби доверба во парламентот и со кој ја убедува јавноста: Македонци не постојат, постојат само граѓани на творбата Северна Македонија. Дека ова не е само вербална акробација, туку систематски потфат, покажува и планот за попис без ставка за етничка припадност (што е тотален нонсенс кога Охридскиот договор не само што го детерминира консоцијацискиот модел туку сега е вграден и во преамбулата, а законите оперираат токму со етничка застапеност). Во тој дух, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во едночасовно ТВ-интервју, успеа да не изусти „македонски народ“, ами во стил на орвеловски новоговор зборуваше за „најголемата заедница“, „македонската етничка заедница“, „македонскиот етникум“ итн.

Истовремено, со флагрантно кршење на Уставот и практиката на Уставниот суд, се прогласува законот за двојазичност, со кој се предвидува агенција за заштита само на еден јазик, а предвидени се драконски казни за дела што дури не се ни дефинирани. Албанските челници летаат орли и велат „така и на Монт Еверест ќе знаат дека сме Албанци, а не нешто друго“ (иако за толку ограничени луѓе, дури и како метафора, Монт Еверест е недостижен), а Грците веќе бараат забрана на користењето на хаштагот „Македонија/македонско“ на социјалните мрежи од страна на македонските политичари. Бугарите ја ревидираа целата историја, со помош на нашите политички прислужници.

Во ненормална ситуација, кога цензурата е во сила, полицијата е хиперактивна (од страв, заради сузбивање и на идејата за некаква јавна критика и отпор, т.е. повик на граѓанска непослушност), а граѓаните зомбифицирани, емоциите во јавниот дискурс и во јавната сфера се најмал проблем; проблем е нивното целосно отсуство! Оваа забегана власт, утре може да извади и тенкови на улици, може да ни тетовира бројчиња (како фамозниот „играч со број 5“), ама реакцијата е сведена на поединци што не се плашат од репресија. Идејата отсекогаш им беше чинот на укинување (по пат на сила) да го прикажат не само како демократски туку и како доброволно самоукинување. Пасивноста на Македонците е неверојатна (кукаат по дома, со чашка во кафеани и во блиски друштва, а јавно не смеат да покажат колку ги боли, од страв дека ќе изгубат работа или ќе бидат обвинети за национализам). Токму овој месец ја покажа авторитарната политичка култура што доминира: промената на името се дочекува во тотална парализа, а верските празници со огромна посветеност. Овој народ никогаш не си ни верувал дека може да биде слушнат и дека може да смени нешто (Албанците се апсолутно друга приказна: млади, животоспособни и агилни за сѐ што се однесува на колективитетот). Со ваквиот однос добро се вклопуваме во сликата за зомби-политиката и културата во ерата на казино-капитализмот на Хенри Жиру, според кој сегашниот систем не е ништо друго туку машинерија на социјална и граѓанска смрт, која луѓето што се исплашени и заробени во битката за егзистенција ги претвора во живи мртовци – тие ја губат смислата за активизам, не веруваат дека можат да сторат нешто. Парализата на Македонецот е индуцирана токму од притисокот дека капитализмот му носи спас, а за тоа треба да се саможртвува – кога ќе ја види вистината, ќе биде предоцна, се разбира.

Наивните (како мене) се по малку разочарани од индиферентноста на меѓународната интелектуална и академска фела. Таквиот цинизам им паѓа тешко на тие што со години дејствувале, ама и ронеле солзи за луѓе/народи на блиски или далечни меридијани, кои страдале и кои заслужувале солидарност и емпатија. Во време на чин незапамтен во историјата, кога сите знаат дека царот е гол, а овој инженеринг се прави со корупција и сила, никој не покажува заинтересираност за траумата низ која минуваме. Таа е небитна, затоа што и ние така ја потиснуваме. Штом нема отпор, владината пропагандна верзија е прифатлива: all is good and fine, чудата се можни на Балканот! Уште еден меѓународен спор е (наводно) решен! (Истото тоа го зборуваа и пред и по 2001 година, а ние знаеме дека не само што ништо не е решено туку е и влошено. Последиците наскоро ќе се видат…). Од тагувањето ме „разбуди“ интервју на Колозова за грчки медиум, во кој поддржувачите на Преспанскиот договор ги претстави како жртви на насилство! Да не ти се верува! Апологети, кои зад себе ја имаат целата државна и пропагандна машинерија, се жалат на напади и навреди (од нас, небањатите и примитивните)?! Заканите доаѓале на социјалните мрежи, т.е. на единствената (до некаде) слободна „територија“ во земја во која и државата и Уставот се заробени, а слободен медиум не постои. За академската заедница, бившата пленумка, вели дека била застаната во 19 век и сметала дека има монопол над вистината (додека таа стои на страна на влада што игнорира и референдумски и експертски ставови, и фингира јавни дебати откако ги стави на црна листа сите што не мислат како неа!). Толку ми требаше за да ми зоврие крвта: нема предавање пред лагата, пропагандата и глупоста! Но народот сѐ уште е пеплосан. Странците ни се чудат: како може толку народ да скока по крст (заради материјална награда), а нигде да ги нема кога им го менуваат името? Договорот не е „вечен и непроменлив“, ќе се смени со правни средства (склучен со измама и принуда е ништовен). Рефренот „јас не сум правник, ама знам…“ воопшто не ме интересира: правото не ослободува од вина за незнаење на правните принципи и норми, а ни демократската дебата не ослободува од квалификација за глупост и неукост! Но тоа не е доволно. Потребно е да се дигне духот, за да се издигнеме од пепелот како Феникс.

Страста и политиката не се исклучуваат. Напротив, кога неправдата станува закон, отпорот е обврска. А отпор не се води без срце и храброст. „Шарената револуција“ употребуваше познати финти за мобилизација преку емоционализација на политиката, вклучувајќи и некрофилија. Така ја доби меѓународната поддршка. Овде прават чин на културоцид, операција на отворено срце без анестезија, ама македонскиот пациент не се буни/буди. Велат, не можеш да разбудиш народ што се преправа дека спие. Политичката наука гледа со предрасуди на емоциите во политиката (на протест). За Вебер тие се рамни на ирационалност. Емоциите се „виновни“ за насилни ексцеси, за примитивни пориви, за национализам, за убивање; рационалната (демократска) политика бара разумни и студени луѓе, кои наоѓаат неемоционални начини за решавање конкретни проблеми. Но како да реагираш на политика што под закрилата на разумот и со злоупотреба на законот ги забранува емоциите, додека тура сол на рана, а најчувствителните нешта на една нација (и секој нејзин поединец) ги етикетира како примордијализам и нецивилизираност? Што има цивилизирано во „силувањето“ на една мала нација? Те тепаат, а не ти даваат ни да плачеш, бидејќи само националистите (и жените) плачат и се чувствителни! Ако на денешната ситуација не се одговори и со срце (покрај сите здраворазумски и правни аргументи), тогаш значи дека зомби-капитализмот успеал. Разбирам јас дека во име на љубовта (кон нацијата или верата) се убивало повеќе отколку од чиста омраза (бидејќи љубовта кон нешто звучи подобро од омраза кон некого, дури и пред сопствената совест), но Македонија не заслужува таква споредба. Овде имаме народ клекнат на нозе и натеран на самоубиство – поради (нечија) љубов кон воена алијанса и капитализам, кои се масовни убијци во други земји и нации. Неговата егзистенција, и тоа како демократска, зависи исклучиво од храброста да ги покаже емоциите и да ја обелодени траумата што му ја нанесуваат профитери и хохштаплери. Од пепелот може да се издигне како Феникс само така – и никако поинаку.