Под мотото „Да живееме заедно“ неодамна во Букурешт, Романија, се одржа франкофонската средба, на тема „Везот, традицијата и претприемаштвото“, чиј дел беа везилки од цела Европа. Антевска беше единствена наша претставничка

Љубица Антевска, ракотворка од Скопје

Единствена претставничка од Македонија на франкофонската средба на тема „Везот, традицијата и претприемаштвото“, која се одржа неодамна во Букурешт, Романија, беше Љубица Антевска, франкофонка и ракотворка од Скопје. Учествуваа жени ракотворци од неколку европски држави.

– Оваа франкофонска средба се одржа од 8 до 12 март, во Букурешт, во националниот музеј „Димитрие Густи“, а учествуваа везилки од Романија, Бугарија, Албанија, Ерменија, Украина, Грција, Белгија и јас, како единствена македонска претставничка. Средбата се одржа во организација на Регионалното биро за франкофонија за Централна и Источна Европа, националниот музеј на селото „Димитрие Густи“ во Букурешт, делегацијата од Валонија-Брисел и Франкофонската мрежа на жени претприемачи. Жените учеснички на средбата во Букурешт, освен своите творби, ги претставија и основните карактеристики на традиционалниот вез на земјата од која доаѓаат – ни рече професорката по француски јазик и ракотворка Љубица Антевска.

Целта на средбата беше да се поттикне интересот за ракотворбите, особено за техниките на везење, како и да им се помогне на жените везилки своите производи да ги претстават на интернет-пазарот.

– Мотото на средбата беше „Да живееме заедно“ и активностите во работилницата се одвиваа по групи составени од претставнички на различни земји. Тие имаа задача да осмислат заеднички везен мотив што ќе ги претстави карактеристиките на традиционалниот вез на секоја земја, а сепак ќе биде една естетска целина. При таа работа се покажа дека, и покрај многуте сличности, традиционалните везови на балканските народи имаат свои специфики, кои ги разликуваат од другите. Отворена беше и изложба на која секоја учесничка се претстави со три сопствени креации и изработки. Изложбата ќе трае до 31 март, во рамките на Месецот на франкофонијата. Средбата се одвиваше во исклучително пријатна пријателска атмосфера, со многу споделување практични искуства во примена на различните техники, но и искуства од областа на понудата и продажбата на ракотворбите – објасни Антевска.

Љубица Антевска е поранешна професорка по јазик и литература во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје. Својата креативност се обидува да ја задоволи преку различни активности, пишува раскази, како франкофон поставува кратки театарски претстави на француски јазик и со години ги носи своите ученици на театарскиот фестивал во Франција. Изработува скулптури во дрво и глина, работи макраме, шие и везе. Меѓутоа, изминативе 15 години поинтензивно се занимава со текстил арт-дизајн, користејќи различни медиуми.

Особено ја привлекува техниката нунофелт, која подразбира посебен процес на внесување волна во свилата или во некоја друга ткаенина од природни влакна. Зад себе има реализирано голем број колекции на шалови, капи, чанти, обувки, елеци, палта, ѓердани, брошеви, нараквици, кои се раселени на сите континенти. Иако најголемиот дел од производите им е продаден на странци, сепак има многу наши купувачи.

– Многу често во моите современи дизајни аплицирам мотиви инспирирани од македонскиот народен вез, но користам и вез со перли. Главно работам со волна од нашето поднебје. Боењето на волната е посебен предизвик, затоа што никогаш не можам да добијам поголемо количество волна со идентична нијанса. Но токму тоа ме тера да комбинирам и често добивам неочекувано добри колоритни решенија, слично како македонските жени во минатото, кога го создавале богатото фолклорно богатство. Една од идеите ми е да рециклирам материјали. Употребувам свила и волнена трикотажа повеќе или помалку користена, но исто така и купувам нови производи од свила, потоа ги сечам и ги комбинирам според замислената естетска концепција – вели оваа креативна жена.

Љубица Антевска своите производи ги изложува и продава на многубројните базари што ги организираат македонските асоцијации на ракотворци. Во последно време нејзините уникатни парчиња ги продава од дома, а многу често креира и по порачка во зависност од желбата на клиентките.