Рацинова

Со колку неподнослива леснотија дозволивме да се истури она малку суштина што нè поврзува и определува пред сè како луѓе, а потоа како народ и држава. Сè е изгорено на оваа земја, надвиснува само облакот на своеволноста на власта и безволноста на владеаните, на „бранителите“ и „бранетите“. Се изедовме меѓу себе, а самите подјадени од туѓи јадови и човечки гладови

Велат, пеколот на летните горештини најубаво се гасне со шолја топол чај. Сепак, мојата жед помислува на студена изворска вода, собрана во рака или во бардакот од детството… Човек и водата од извор – безмалку љубовна врска задоена од градите на оваа земја, сè уште слободно принесувана на усните, без забрани. Една добра голтка може да го потопи пеколот надвор. Но пеколот внатре разгорен од чувството на немоќ и безизлезност пред колективните трауми и безумија не го гаснат ниту чајот ниту водата. Бара една поинаква свежина и инаков сад…

За Истокот, чајот е она што е солта за Западот – суштина на нештата, негов вкус и мирис. Пред да стане напивка, чајот се употребувал само како лек, најпрво во Кина, а потоа и во Јапонија, каде што пиењето чај се издигнува до религија на естетизам, именуван како теизам (од јапонскиот историчар и лингвист Какузо Окакура) – култ заснован на длабока верност кон она што е убаво меѓу валканоста на секојдневната егзистенција. За тоа, во голема мера е заслужна и долгата (географска) изолација на Јапонија од светот и нејзиното свртување во себе, кон внатре. Со време, чајот во јапонското општество преминал во карактерно својство, па се вели дека во човекот „нема чај“ кога е нечувствителен на сериозно комичните работи од личната драма, додека епитетот „премногу чај“ му се припишува на оној што се расфрла со емоциите наспроти светската драма. Вака некако источната мисла ја објаснила врската меѓу човекот и чајот, а шолјата со чај се издигнала во уметноста како шолја на човечноста.
Западниот циник ќе рече „колкава бура во една шолја чај“. Кажаното го открива непознавањето на другиот. Од него полошо е само сопственото непознавање – колку малку „чај“ по сите наши бури и колку тишина по сиот истурен „чај“!

Со колку неподнослива леснотија дозволивме да се истури она малку суштина што нè поврзува и определува пред сè како луѓе, а потоа како народ и држава. Сè е изгорено на оваа земја, надвиснува само облакот на своеволноста на власта и безволноста на владеаните, на „бранителите“ и „бранетите“. Се изедовме меѓу себе, а самите подјадени од туѓи јадови и човечки гладови. „Се караат и навредуваат и се јадат меѓу себе, зашто и нив ги јаде оваа наша сиромаштија, материјална и образовна“, ме дополнува Рацин. И такви, разјадени одвнатре, гриземе, оти таков е поривот на живата вилица, да гризе и дроби, за полесно да прогол(го)та.

„Ниски и кутри луѓе бранат и хранат поголеми интереси на оние зад кои се сокриваат, всушност оние несаканите, што за волјата на општиот напредок треба неминовно да бидат отстранети… недохранети и нехранети, едните во името на нискиот и кутриот живот (треба да се чува својата корка леб секогашен), другите во името на изобилството и насилството за животот бесно навалуваат на сè што во името на животот го брани животот, неговата можна исполнетост и слобода“ – пишува поетот Драго Иванишевиќ во едни далечни мугри одовде, за оние околу човекот исполнет со идејата за подобар и почовечен свет. Останува само да препишеме.

Но оваа маскарада што истекува од сите пори на општеството ниту се гризе, ниту се голта. Во неа може само да се давиш. Напати се чини како да носиме премногу „чај“, па стануваме пречувствителни на сериозно комичните работи од секојдневните трауми, а напати како да немаме ни капка чај во себе, а со тоа и рамнодушни сме пред колективната драма на општеството на кое му припаѓаме. Како по туѓа несреќа да се истурил „чајот“ од нас, ги носиме сопствените судбини како празни стомни, тешки од празното во нив. Добро би ни дошле сега познатите Рацинови стомни „лесни како пердуви“, а цврсти одвнатре, да држат, прочуени и барани по мајсторската изработка.
Рацин – поетот, грнчарот, двојниот пролетер – на класата и народот… „Карпата што се движи“ – се сеќава Борко Лазески.

„Ќе победиме!“ е нишката околу која се вкрстуваат сеќавањата на повеќето Рацинови современици – моралната сила и вербата на Рацин во големото утре, во денот над деновите, во белите мугри на кои се нагледувал и кога сè околу е само „темен вилает“.
Кога Рацин би бил современик… би ми подвикнал: „Што си се скиселил? Ќе победиме!“ А кого да победиме, ќе прашам, и поважно – како? „Стравот!“, ќе ми рече и ќе додаде: „Лесно, како стомна!“ Но како, кога сè е испокршено како стомна од ѕид, треба многу работа да се поправи, да се врати сè на свое место? „Работата треба од тебе да се плаши, а не ти од неа!“, ќе ме пресече вооружен со насмевка и со трудот на иднината.
Не, не барам смисла во идеализирањето на човек проникнат со идејата до срцевината, зашто, како што вели Иванишевиќ, секое создавање идеална слика за нив (хероите и борците за идеали), значи да се оддалечиш од нив, значи нивно скаменување и втора, дефинитивна смрт. „Да се почувствува нивната човечка присност, топлината на нивната крв, нивната свесна жртва во која има бескрајна жал што не им било дадено да го видат и почувствуваат светот за кој будни фантазирале, значи да се исполниш со длабока човечка почит спрема нив, не изневерувајќи го нивниот спомен“.

Во името на таа човечка големина и жртва, не треба да дозволиме да се докршат „Рациновите стомни“ од кои уште се слуша предупредувањето: „Ете, и историјата сакаат да ни ја скријат, да ни ја земат, за да ни ја земат душата, за да докажат дека сме племе без историски континуитет. Народ што нема свое вчера, кој нема свое денес, не може да има ни свое национално утре. Ете, нашето вчера треба да исчезне, за да се стопи нашето денес и да се збрише секоја мисла на нашето утре. А континуитет постои – континуитет на маки и страдања, но и континуитет на отпори, борби и еден чудовишен континуитет на национална отпорност и на народна жилавост… Потребни ни се стотици поети и раскажувачи да ја раскажат оваа мака народна и да откријат заедно со неа една исконска енергија, собирана и задушувана со векови, но никогаш задушена… Моите Бели мугри ќе бидат едно делче во таа народна преродба. Делчето е скромно. Но никогаш бадемите не расцутуваат во еден ден, во една ноќ…“ Остануваме да препишеме, низ што сè не бил принуден да помине, а сепак да отстои и да ги надрасне ситнофилистерските души и сфаќања на своето време, припомнува Перо Коробар, па сепак и таму, во затворите по Скопје и Сремска Митровица, го повторувал неговото „Ќе победиме!“. Рацин не ги напишал само „Бели мугри“ на тогаш забранетиот македонски јазик, а ги живеел, како што го дишел идеалот за слободна Македонија.

Но како што за денешниот Кинез или Јапонец чајот не е идеал, туку само вкусна напивка, така за денешниот Македонец, Македонија не е идеал, туку само синоним за живот што ги губи вкусовите. Каде да се побара вината за истурениот „чај“ ако не внатре, во себе, каде што и почнува, како и во источната мисла, верноста кон она што е убаво среде извалканото секојдневие и постоење.

Бадемите не расцутуваат во еден ден, но ниту венеат за една ноќ, колку и да е стемнет „вилаетот“ на оваа прегорена сè-верна земја на југот.

Рацин немал само достатно „чај“ да ја наполни и прелее шолјата на човечноста, туку самиот бил садот на таа човечност, на социјалната правда и хуманизмот, голем во обичноста, колку и едноставен во големината. Од стомните лесни како пердув, од стомните на тој „самоук работник во чие срце нема друга вина освен големата љубов спрема милионите што страдаат и копнеат за подобар живот“ (Галогажа), побарани биле само неговата насмевка и широкото срце, со кои како евангелие ја ширел веста за белите мугри и ги крепел послабите по дух да истраат на патот на човечкото ослободување од секаков вид робување.

Не е достатно само да се препише, треба многу грла да се напијат од тој сад и таа ведра верба во белите мугри, за да се потопи пеколот внатре… Ете, убав пример за карактерна особина – „Рацинова стомна“, однадвор ломна, а одвнатре нескршлива!
Авторот е магистер по мир и развој и поет